Франција: Битка за Елисејската палата
23 април 2022На крајот Емануел Макрон има прилично добра предност - Институтот за испитување на јавното мислење проценува дека има 10 отсто гласови повеќе од соперничката Марин Ле Пен. Но, тој и неговите советници немаат причина за опуштање. Речиси една третина од Французите сѐ уште не знаат за кого ќе гласаат. Борбата за Елисејската палата ќе се води до последниот метар на патеката.
Дебатата не е одлучувачка
Во последните денови централно прашање беше дали настапот на Марин Ле Пен во телевизиската дебата ќе биде еднакво лош како во 2017 година. Но, како што во последните години таа го измени својот јавен настап, ги изглади формулациите и го дотера изгледот, така и за овој Тв дуел беше подобро подготвена.
За време на речиси трите часа се зборуваше за многу теми: од социјалната политика, пензиските реформи, Русија и војната во Украина, до животната средина и забраната за носење бурка. Како што се очекуваше, Макрон беше попрецизен и секогаш од почеток вешто ја напаѓаше Ле Пен. Ја обвини дека е зависна од Русија поради финансиските врски на нејзината партија со руски донатори.
Исто така, тој ги разоткри нејзините идеи кога станува збор за еколошката политика. Ле Пен, на пример, сака ветерниците да се демонтираат затоа што го нагрдуваат пејзажот.
Ако е против обновливи извори на енергија, од каде би требало да се добије струја, ја праша изнервираниот Макрон. Тој ги критикуваше и нејзините идеи за ограничување на цената на енергијата како неправедни и непрактични.
Повеќе: Макрон – Ле Пен: Во прашање е француската и европската независност
А, во целост поентираше кога зборуваше за нејзината планирана забрана за носење бурка: Франција би била единствената земја во светот која би сакала да забрани носење на верски симболи. Тоа би довело до граѓанска војна, рече Макрон.
Марин Ле Пен пак се фокусираше на своите социјални проекти, зборуваше за порастот на сиромаштијата во Франција за време на мандатот на Макрон, и пред сѐ, на сите им вети: на пензионерите, работниците со мали примања, студентите и на семејствата, дека со добивање помош или со намалување на данокот ќе имаат повеќе пари во џебовите. Тоа добро поминува кај многу Французи кои за време на оваа кампања како главна грижа ја нагласија куповната моќ. Кој од избирачите сѐ уште размислува дали е можно да се финансираат сите овие бенефиции?
Победник на крајот беше Макрон, што потврдија 59 отсто од испитаниците, но сите набљудувачи се согласуваат дека овие дебати не се одлучувачки за исходот на изборите. „Тоа е еден вид мит“, објаснува политикологот Адријан Боган од Универзитетот Нортамберланд и додава дека тоа е „само еден фактор од многуте фактори“. Ле Пен во 2017 година загуби, не поради својата катастрофална дебата, туку затоа што се потврди впечатокот за нејзината неспособност. Бернар Сананес од институтот за испитување на јавното мислење Елабе, додава оти двајцата кандидати покажале голема слабост. „Секој втор гледач смета дека Макрон беше арогантен. А, за половината од нив Марин Ле Пен останува застрашувачка“, вели тој.
Борба за гласовите од Левицата
Најголем проблем на Емануел Макрон е неговиот успех во победувањето на традиционалните француски партии. Дури и пет години подоцна, ни традиционалните конзервативци, ни поранешните социјалисти не се опоравија од тој удар. Во првиот круг никој од нив не оствари добар резултат и сега се само резервоар за гласови за вториот круг. Во меѓувреме уметниците, синдикалците и поранешните претседатели Франсоа Оланд и Никола Саркози ги повикуваат луѓето да гласаат за Макрон. Но, тие зад себе немаат големи политички групи.
Единствен резервоар за гласови кој може да се спомене, со речиси 22 отсто, се гласачите на левичарот Жан Лик Меланшон, кој за малку не успеа да ја симне Ле Пен од второто место. Но, на симпатизерите на таквиот социјализам особено им е тешко да изберат меѓу Макрон и Ле Пен во вториот круг. „Ни едниот, ни другиот“, напишано е на плакатот на студентите од Сорбона во Париз.
Додуша, Меланшон порача оти „нема гласови за десницата“ во вториот круг, но не даде ниту една директна препорака, а неговите симпатизери се растргнати: до неодамна само 33 насто од нив сакаа да гласаат за Макрон, додека мнозинството сакаше да биде воздржано. „Да не се направи избор е како да се игра руски рулет“, ги предупреди неодлучните Кристоф Кастанер, шеф на пратеничката група на Макрон во парламентот.
И Марин Ле Пен и Емануел Макрон се борат за истата група избирачи, вели Аријан Боган. „Макрон направи јасен исчекор на лево и тоа е правилно, бидејќи конзервативците така лошо поминаа.“ Тоа јасно се гледа во пензиската реформа или во еколошката политика. „Но, одлучувачки фактор ќе биде бројот на оние кои нема да гласаат и кои се воздржани. И не само нивниот квантитет, туку и квалитет“, вели Боган.
Ле Пен е закана за ЕУ и за НАТО
Дури откако ќе се погледне зад општествено-политичките планови на Марин Лепен, може да се видите вистинското јадро на нејзината програма, Национално обединување (Rassemblement National). Тогаш е јасно дека зад умерената фасада и натаму постојат радикални десничарски или барем десничарско популистички планови. За Европа, нејзиниот избор мби можел да значи смртен удар: од економската, преку миграциската политика, па сè до признавањето на европското право, тие се во целосна спротивост на постоечката ЕУ. Нејзините планови толку многу отстапуваат од преовладувачкиот консензус, тако што Франција, како втора по големина земја членка, би можела да ја растури Унијата.
И заедничката политика кон Русија наскоро би можела да заврши. А воените последици за иднината на НАТО би биле драматични - Франција е единствената веродостојна воена сила во Европа. Таа не е против Европа, но сака изменета Европа, објасни Ле Пен во дебатата во средата навечер. „Европа е како куќа во сопственост на заедницата“, одговори Макрон, додавајќи дека не таа не може да се преуредува на своја рака.
Француските гласачи во неделата навечер избираат помеѓу умерен реформски политичар кој и покрај тешките околности може да се пофали со пристојни резултати постигнати во првиот мандат. Неговите слабости се ароганцијата и оддалеченоста од обичните граѓани. Од другата страна е политичарка без искуство во владата, кој сака да ја одведе Франција во националистички изолационизам, чии последици се несогледливи.