Фрлање храна: Дали законски обврски за трговците се лекот?
19 август 2023Еднаш неделно, Жанин Вајекманс и други доброволци делат храна на околу 150 семејства. Претседателката на хуманитарната организација е свесна дека луѓето кои доаѓаат кај неа немаат друг избор. И овојпат многу луѓе се собраа во протестантската црква во општината Лaкен, во Брисел, каде се раздава храната.
Мажи и жени ги полнат своите колички и торби со она што им го подаваат волонтерите. Меѓу нив се и многу семејства со деца. До куп со леб стојат разни сосови и зеленчуци. На другата страна од масата луѓето добиваат ќесички чипс и кутии со слатки. Има и кисела вода, овошје и масло, а во голем фрижидер стои и месо.
За разлика од супермаркетите, овде луѓето не плаќаат за артиклите, но од друга страна и не може да бираат од полиците сѐ што ќе им се посака. Тука го има само она што супермаркетите го донирале. Кај некои од производите е изминат датумот пред кој е најдобро да се употреби производот, кај други не. Меѓу производите, како на пример маслата и брашното, има и такви на кои стои знаменцето на ЕУ, што значи дека се купени со помош на средства од проект на ЕУ.
Голема побарувачка во Брисел
Луѓето тука доаѓаат од најразлични причини, вели Вајекманс за ДВ. Некои ги праќаат социјалните служби, други имаат долгови, а трети чекаат да им ги регулираат документите за престој поради што во меѓувреме немаат право да работат.
Вели дека прават мали проверки дали луѓето кои доаѓаат тука навистина имаат потреба од помош, но сепак никогаш не би вратиле некого без да му дадат храна, додава таа.
Храната се раздава секој четврток. Некои од луѓето кои доаѓаат неделата ја преживуваат само со тоа што ќе го добијат тука, вели Вајекманс.
Организацијата во Лакен е една од околу 140 т. н. „банки за храна” кои постојат во регионот на Брисел и Брабант.
Преку неа се обезбедуваат 5 милиони килограми прехранбени производи годишно за различни НВО, вели претседателот Лук Рог за ДВ, кој додава дека регионалната „банка за храна” служи како хаб за донации на прехранбени производи од супермаркетите за други вакви центри и дели и храна која е финансирана преку проект на ЕУ за лица во најтешка ситуација. Таквата храна има удел од околу 40% во количините донирани на годишно ниво.
Банката оперира со помош на доброволци и ја ужива поддршката на социјалните и регионалните власти, но без посветеноста на луѓе како Роге и Вајекманс веројатно уште повеќе храна би завршила во отпад.
Планови за задолжителни донации
Евростат проценува дека околу 10% од сета храна за консументите во ЕУ завршува во отпад. Во 2020 година тоа биле речиси 59 милиони тони. Истовремено, според податоци на ЕУ, околу 32,6 милиони лица во Европа не можат да си дозволат квалитетен оброк секој втор ден.
Регионалниот министер Ален Марон вели дека во регионот околу Брисел има 70 илјади лица кои зависат од банките за храна. Почнувајќи од 2024 година тој сака да воведе обврска за продавниците со површина поголема од 1000 метри квадратни да ја донираат непродадената храна која сѐ уште е безбедна за консумирање. Предлог закон веќе го помина првото читање и сега е во натамошната законодавна процедура.
Ханс Кардин, портпарол на Белгиското здружение за трговија и малопродажба „Комеос“, за ДВ вели дека супермаркетите во Белгија веќе донираат големи количини. Тој смета дека новиот закон ги става клиентите во полоша положба затоа што веќе нема да профитираат од намалените цени на прехранбени производи кои се приближуваат до истекот на рокот на траење. Друг проблем, според Кардин, е што обврската важи само за продавници кои имаат продажен простор поголем од 1000 метри квадратни. Планот може да звучи како добра идеја, но фактички е „погрешна добра идеја”, вели за ДВ претставникот на маркетите.
Легислативата во други европски земји
Белгија не е првата земја која сака да воведе закон кој се занимава со донации на храна од маркетите. Според Европската федерација за банки за храна, која е претставник на 351 вакви организации во 30 земји, има три различни пристапи за решавање на ова прашање. Во Франција и Чешка, на пример, постои обврска за маркетите да склучат договори за донации на храна со организации кои ја разделуваат.
Други земји, како Италија и Молдавија, обезбедуваат финансиски придобивки за маркетите или пак ги олеснуваат бирократските процедури, вели генералниот секретар на Европската федерација на банки за храна, Ангела Фриго за ДВ. Земји како Холандија и Унгарија, пак, преферираат доброволни аранжмани за имплементација. Шпанија планира да воведе закон за донации за храна.
Прашани од ДВ дали таква легислатива ја олеснува ситуацијата за банките за храна, од асицијацијата велат дека „зависно од земјата, имплементацијата на различните пристапи може да доведе до зголемена или намалена количина на донации на храна“ и додаваат дека „поголем фокус треба да се даде на прашањето за донација на храна и дијалог меѓу сите инволвирани страни”.
Дали присилни донации се решение?
Пол Милбурн од Универзитетот Кардиф за ДВ вели дека иако „секоја мала помош помага”, поголемото прашање е зошто отпадот храна не е адресиран во ниедна од овие иницијативи. Тој смета дека моделот со супермаркети вклучува вишоци храна и дека не се адресира аспектот на прекумерното производство.
50% од вишокот храна, според ЕК, доаѓа од домаќинствата. До 2030 година ЕУ сака да воведе законски обврзувачки таргети за намалување на отпадот од прехранбени производи. Во јули ЕК предложи до 2030 година за 10% да се намали отпадот храна при процесирањето и производството и 30% во малопродажбата и потрошувачката. Таквите предлози треба да бидат дебатирани во земјите членки и во Европскиот парламент.
Други решенија за недостигот на храна
Милбурн смета дека е проблематично да се користи отпад од храна за да се хранат луѓе со ниски примања и дека има подобри модели за обезбедување храна за нив отколку банките за храна кои се поврзани со стигматизација.
Како еден од нив се споменува т.н. модел за купување храна во локалните заедници кој почнува да се развива во Обединетото Кралство.
Тука луѓето набавуваат храна по намалени цени и од тоа профитираат нивните членови со помали примања, налик на кооператива, со што членовите може да дојдат до поквалитетна храна за помала цена.
Тој смета дека треба да се смени целиот пристап во однос на храната.
Во Брисел двајца волонтери го поздравуваат планот за новиот закон за донирање храна, а Роге смета дека тој можеби нема многу да смени затоа што повеќето маркети веќе донираат речиси сѐ што можат. Вајекманс пак мисли дека тоа е одлична идеја и се надева дека ќе помогне на уште повеќе лица во иднина.