Германија: Едногласна осуда на насилството во Косово
31 мај 2023Германското министерство за надворешни работи реагираше уште во понеделникот вечерта (29 мај), по најновиот бран насилство во северот на Косово.
„Најостро ги осудуваменеприфатливите напади во северот на Косово во кои се повредени десетици припадници на КФОР/НАТО, како и неколку цивили. Нашите мисли се со повредените, на кои им посакуваме брзо опоравување“, се вели во соопштението на германското МНР.
Во него се бара прекин на секој вид насилство, аод Косово и од Србија се бара да ги продолжат разговорите, што би водело до прекин на насилство и „натамошно да работат на примена на договорот за нормализација на односите, постигнат во февруари и во март и тоа имајќи ја во вид и Заедницата на српски општини.“ Германската влада исто така го поддржува специјалниот пратеник на ЕУ за преговори со Србија и Косово, Мирослав Лајчак „во неговите напори за елиминирање на тензиите.“
Ахметовиќ: Зголемување на контингентот на КФОР
Адис Ахметовиќ, известувач за Западаен Бакан од пратеничката група на СПД, најбројна во Бундестагот, во своето соопштение од вторникот утрото остро ги осуди нападите врз „војници на КФОР/НАТО и цивили“ во градовите во северно Косово, нарекувајќи ги неодговорни. За Ахметовиќ овие настани се „ново дно во напнатите односи меѓу Србија и Косово.“
Тој смета дека овие насилни настани се „уште еден доказ дека сите учесници конечно мораат да се вратат на преговарачка маса за да го запрат вртлогот на насилство покренат минатата година.“
„Двете земји стремат кон членство во ЕУ, но тие стремежи, без темелен договор, ќе останат безизгледни.“ Ахметовиќ укажа на важноста на меѓународните единици во Косово и во тој смисол заклучи дека одлуката на Бундестагот за продолжување на мандатот на Бундесверот во рамките на КФОР била исправна.
Тој истовремено во игра воведе и можно зголемување на контингентот на КФОР наместо негово укинување, како што неодамна во текот на дебатата во Бундестагот бараа пратениците на АфД и на Левица.
„Последните напади јасно покажуваат дека КФОР и по 24 години е потребен заради обезбедување стабилност и сигурност. Со оглед на актуелната ситуација, би требало да се рагледа зголемување на сегашниот контингент, за во случај на потреба, КФОР да може поодлучно да реагира“, истакна Ахметовиќ.
Во склоп на КФОР моментално има 70 војници од Бундесверот, но мандатот овозможува зголемување на контингентот до 400 војници.
Рот: Ескалацијата на насилство не смее да остане неказнета
Претседателот на парламентарната комисија за надворешни работи на Бундестагот, Михаел Рот (СПД) бара јасни консеквенции за одговорните за повторната ерупција на насилство во северно Косово, која ја нарекува „најлоша во долгата низа на ескалации во односите меѓу Косово и Србија.“
Смета дека нападот врз припадниците на КФОР не смее да остане неказнет.
„Со насилство против војниците на КФОР, радикалните Срби ја превршија секоја мерка. Овие судири се не само неприфатливи, туку мора да имаат и последици“, порача Рот преку Твитер.
Мијатовиќ: Да се продолжи во Охридски дух
Борис Мијатовиќ, портрапол на Зелените за човекови права и во партијата задолжен за прашања околу Западен Балкан, на прашање на Дојче веле одговори:
„Напаѓачите мора да бидат идентификувани врз основа на видео снимки и фотографии и изведени пред суд. Очекуваме Приштина и Белград да стојат зад силите на безбедноста и недвосмислено да ги осудат извршителите.“
Тој заклучи дека „мора консекветно да се продолжи по патот по кој се тргна во изминатите неколку месеци, а кој е продолжен во Охридските преговори“.
И тој ја нагласува важноста на КФОР за одржување мир во Косово.
„Немирите уште еднаш ја истакнуваат важноста на КФОР. Ќе продолжиме да ја поддржуваме сигурноста и стабилноста во регионот и многу сме благодарни на припадниците на Бундесферот на нивната преданост“, заклучува Мијатовиќ.
Хакер: Српска листа е самата виновна
Томас Какер (ФДП), известувач за Западен Балкан од пратеничката група на најмалата партија во германската владејачка коалиција, Либералите, појасно од останатите соговорници на ДВ укажува на виновникот за најновиот развој на настаните.
„Српска листа е самата виновна за моменталната ситуација во северно Косово. Ако партијата со која се раководи од Белград одлучеше да излезе на локалните избори во четирите општини во кои живеат мнозинство косовски Срби, ќе бевме поштедени од овие грди слики“.
И тој бара јасно истакнување на прашањето за одговорноста за актуелните насилни настани.
„Нападот на милитантните Срби врз КФОР е без преседан и мора најостро да се осуди. Извршителите мора да одговараат“, истакнува Хакер за ДВ.